/ Прочитано:

5.221

СУДИИТЕ И ОБВИНИТЕЛИТЕ НА СОВЕТУВАЊЕ КАКО ДА СЕ СПРАВАТ СО СТРЕСОТ: „Мешањето на политиката во работата најмногу доведува до стрес“

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ организираше советување на тема „Комуникациски способности – видови комуницирање, справување со стрес“.

„Да се биде судија или јавен обвинител е многу одговорна работа. Самиот факт дека се работи со луѓе, се одлучува за луѓе, за нивните судбини, е доволен кај судијата и јавниот обвинител да предизвика дополнителен притисок во секојдневната работа“ беше истакнато на денешното советување, на кое свое излагање имаше д-р Павлина Јанкуловска, јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Битола.

До пред десетина години, посочи д-р Павлина Јанкуловска, дефиницијата за стресот беше така конципирана што за обичните луѓе беше нејасна и помалку мистична. Но, во последните неколку години, додава Јанкуловска, стресот стана општопознат термин за сите луѓе, кој се споменува постојано во секојдневниот говор.

„Најчесто зборот стрес се употребува како заеднички назив за сите чувства на непријатност и незадоволство. Луѓето различно гледаат на стресот. Ситуациите кои за нив се стресни зависат од нивниот начин на живеење и од природата на нивната работа.“

Стресот и професијата

Стресот, нагласува Јанкуловска во своето излагање, е составен дел од работата. Секоја професија е повеќе или помалку стресна. Според некои истражувања, секој четврт вработен мисли дека неговата работа е стресна.

„Со анализа на добиените податоци од истражувањето, се утврди дека постојат разлики во сфаќањата кои професии се меѓу најстресните во однос на поранешните испитувања. Така, некои професии за кои во минатото се сметаше дека се помалку стресни, сега се вбројуваат меѓу најстресните, и обратно. Секако дека ова е резултат на променетите услови за работа, но и на целокупните промени во опкружувањето“, посочува Јанкуловска.

„Постои мислење дека денес меѓу најстресните професии се вбројуваат следниве: наставник, полицаец, деловна секретарка, медицинска сестра. Во оваа група стресни занимања во последните дваесетина години сè повеќе се вбројува и судската, односно обвинителската работа. Разните притисоци отстрана, условите во кои работат судиите и јавните обвинители, барањата што им ги поставува функцијата, влијанието на јавното мислење, сето тоа дополнително влијае врз нивната секојдневна работа, поради што воопшто не е чудно кога ќе се каже дека судијата и јавниот обвинител се постојано под притисоци кои сосема извесно можат да доведат до стрес“, додава Јанкуловска.

Кога сакаме точно да дефинираме што сè претставува услов за појава на стрес, образложува Јанкуловска, тогаш се јавува проблем, пред сè, поради фактот што за различни луѓе, стресни се различни ситуации.

„Она што за некого е голем притисок и што може да доведе до стрес, за друг не е, поради што се усложнува проблемот при дефинирањето. Сепак, во едно можеме да се согласиме, а тоа е дека кога се зборува за стрес, се мисли на нешто што е негативно“, вели д-р Павлина Јанкуловска.

Извори на професионалниот стрес кај судијата и јавниот обвинител

Стресот се јавува како реакција на дејствување на најразлични извори на стрес, таканаречени стресори. Стресорот е случка или цела низа случки, за кои поединецот проценува дека претставуваат закана за нешто што нему му е многу важно. Дали таа случка, образложува Јанкуловска, се јавува како стресор, зависи од индивидуалната проценка на поединецот за важноста на таа случка. Имајќи ги во вид овие работи, кај судијата и јавниот обвинител, изворите на стрес, односно стресорите можат да бидат внатрешни и надворешни.

Внатрешни извори на стрес кај судијата, односно јавниот обвинител можат да бидат карактеристиките на личноста на судијата/јавниот обвинител, личните особини, искуството во работата, стилот на работење, системот на вредности,  сликата што судијата/јавниот обвинител ја има за себе, очекувањата што ги има,  потребата за постојана контрола на сите ситуации, поврзаноста со работата,  идентификацијата на судијата/јавниот обвинител со професијата, способноста за делегирање на работите на соработниците,  истрајноста, упорноста  и способноста за флексибилност.

Како надворешни извори на стрес кај судијата/јавниот обвинител, се истакнува во излагањето на д-р Јанкуловска, се јавуваат работните услови, организацијата на работата и односите со луѓето. Кога ќе се погледнат изворите на стрес, станува јасно дека реакцијата на секој посебен поединец зависи, пред сè, од неговата проценка на ситуацијата која се јавува како стресор. Од друга страна, самата реакција на поединецот зависи од тоа како тој ја проценил стресната ситуација. Најчесто, стресорот се сфаќа како непосредна опасност во моментот, губење на нешто во блиска иднина, закана од губење на нешто и предизвик за справување со ситуацијата.

Најчести ситуации што доведуваат до стрес кај судиите и јавните обвинители

Најчести ситуации што доведуваат до стрес кај судиите и јавните обвинители, образложува д-р Павлина Јанкуловска, се мешањето на политиката во работата, работата под притисок, неможност за одлучување, намалена контрола врз работата, намалена можност за напредување, нејасно или неправедно вреднување на работата, лоши односи со соработниците, одговорност за други луѓе, притисок од јавноста и медиумите, премногу работа, несоодветни услови за работа и лошото раководење.

М.В