/ Прочитано:

3.753

Судиите и професорите по кривично право дискутираа за одговорноста на судиите во светло на реформите во правосудството

Здружението на судиите на РМ и Амбасадата на Соединетите Американски Држави, во рамки на проектот „Зајакнување на улогата на судиите во РМ“, ја одржаа 2. регионална работилница за судии, обвинители и адвокати во апелациско подрачје Штип. Воведните говорници, д-р Џемли Саити и Кристина Карнакова, се осврнаа на важноста на проектот и поддршката на Амбасадата на САД за овозможување на дискусија меѓу судиите и другите практичари, со цел зајакнување на независноста на судиите и идентификување на проблемите со кои тие се соочуваат, во поглед на кривична, граѓанска и дисциплинска одговорност на судиите, етаблирање на механизми за зајакнување на судскиот имунитет против надворешни и внатрешни негативни влијанија и притисоци. Централна тема за расправа беше: „Одговорност на судиите, казнената политика и пробацијата во светло на реформите во правосудството”.

„Судиите не треба да се плашат од дебати, но можеби некогаш не е најдобриот момент и место да се отворат предметите во такви форуми, затоа што сепак се работи за одлуки на судии, кои постапуваат по конкретни предмети, а во однос на влијанието секогаш постои таа можност некој да изврши влијание врз судиите. Треба да се зајакнат гаранциите со кои судиите нема да бидат подложни на притисоци, а во овој момент судиите може да се заштитат во согласност со законот и кодексот. Добро е што самата судска фела забележува дека се потребни реформи. Токму постапките што се однесуваат на избор, унапредување, разрешување, дисциплинска одговорност се постапки кои обезбедуваат гаранција за независно судство и тука ние го ставаме фокусот. Тие треба да бидат што е можно пообјективни и поопределиви за да можеме да бидеме во чиста ситуација како се поставуваме и во однос на овие притисоци. Кога имате дефинирана состојба, знаете на што сте“, вели претседателот на Здружението на судиите на РМ, Џемали Саити, според кого  Нацрт-верзијата за стратегијата на правосудниот систем во кој учествувале и како Здружение на судии е добра.

Клучни експерти кои имаа излагања пред судиите, професорите и експертите беа: Џон Мекнил, д-р Џемали Саити, проф. д-р Беса Арифи, судијата Шпенд Деваја и проф. д-р Методија Каневчев.Едно од прашањата на кое беше ставен силен акцент на дискусијата е прашањето за воспоставување на процедурални минимални права за судиите кои се субјект на дисциплинска постапка. Во тој контекст, на дискусијата се говореше особено за прашањето за  правото на одбрана и правото на жалба.

Фокусот на работилницата е овозможување дискусија помеѓу правните експерти и практичари за овие прашања и изведување заклучоци, кои преку претставниците на проектот ќе бидат земени предвид за понатамошни измени и дополнувања во предвидените законски решенија во согласност со Стратегијата за реформа на правосудството.

М.В