/ Прочитано:

2.353

Судиите ќе дискутираат за предизвиците за независно судство и балансирање помеѓу судската независност и одговорност

По повод Денот на правосудството 31 март, а во рамки на проектот Денови на правосудството – Независност и ефикасност на судството, Здружението на судиите на Република Македонија, со поддршка на Отсекот за владеење на правото при Мисијата на ОБСЕ во Скопје, одржува серија форуми посветени на актуелните прашања во врска со независноста на судството и судската етика.

На 16 март, известуваат од Здружението на судии на Република Македонија, ќе се одржи форум за дискусија „Предизвици за независно судство – балансирање  помеѓу судската независност и одговорност“.

Воведно обраќање на форумот ќе имаат д-р Џемали Саити, судија на Врховниот суд и претседател на Здружението на судиите и Ана Новакова-Жикова, национален офицер за владеење на правото, ОЧД/ОВП/Одделение за судска реформа, Мисија на ОБСЕ во Скопје.

На Форумот за независност на судството како гарант за заштита на човековите права ќе говорат: Емилија Шопар Јованова, судија на Основен суд Скопје 2 Скопје, потпретседател на Здружението на судиите и д-р Џемали Саити, претседател на Здружението на судиите.

Фокусот на нивните предавања ќе биде насочен кон предизвиците за независно судство, институционална и финансиска независност и др.; основни стандарди за избор и разрешување на судиите; зајакнување на независноста на судството од секакви видови влијание; балансираност меѓу судската независност и одговорност на судиите; и теориски аспекти за независност на судството, како гарант за заштита на човековите права, во согласност со домашната и меѓународната правна рамка.

За претпоставките за судски интегритет ќе говорат вонр. проф. д-р Лазар Нанев, судија на Основен суд Кавадарци  и Шпенд Деваја, судија на Врховниот суд. Судиите говорници во своите излагања ќе се фокусираат на концептот на оценување на работата на судиите и нивниот професионален развој; целта на оценувањето vis a vis унапредувањето во кариерата, континуираната едукација како основ за професионален развој на судиите, спречување на корупцијата во судството и улогата на Здружението на судиите, во насока на унапредување на статусот и положбата на судиите.

На завршниот дел од настанот ќе се разгледаат препораките и заклучоците од форумот и дискусиите на судиите.

„Овие форуми имаат за цел да се отвори расправа меѓу судиите и правните експерти, за прашања поврзани со наоѓањето на вистинска рамнотежа меѓу независноста и одговорноста на судиите, во согласност со релевантната законска регулатива и одредбите од Кодексот на судска етика, конфликтот на интереси и спречување на корупцијата во судството, во согласност со препораките на ГРЕКО, како и дискусија за прашања поврзани со дисциплинската одговорност на судиите и постапката и критериумите за следење и оценување на работата на судиите, важноста на примената на судската практика и други механизми кои придонесуваат за независноста, самостојноста и зголемувањето на довербата во судството“, истакнуваат од Здружението на судиите на Република Македонија.