/ Прочитано:

1.637

Судиите кои не се од Академијата за судии и јавни обвинители го фатија „последниот воз“

Четврток, 3 јануари 2013 – Судиите кои пред Нова година беа избрани да ја вршат оваа функција во првостепените судови, буквално го фатија „последниот воз“, бидејќи од 1 јануари годинава стартуваше примената на измените на Законот за судовите кои предвидуваат во основните судови да се бираат  кандидати исклучиво од Академијата за судии и јавни обвинители. Од јуни оваа година, пак, согласно измените на Законот за судови за унапредување во повисок суд ќе треба освен соодветен стаж и чекорење по скалило. 

Неколку дена пред крајот на годината, Судскиот совет на РМ (ССРМ) избра 12 судии, кои вчера дадоа заклетва дека  ќе судат законито, совесно и чесно и дека ќе ги применуваат Уставот и законите. Од нив, четворица ќе ја вршат функцијата врховен судија. Меѓу новоизбраните врховни судии е и поранешниот  министер за локална самоуправа Џемали Саити, кој доаѓа од местото виш управен судија, како и тројца судии од Апелациониот суд Скопје.

Од Основен суд Скопје 2, пак, двајца судии отидоа во Апелација. Станува збор за судијките Розалинда Ристевска и Маја Маркова-Котевска.

За судии во Основен суд Скопје 1 се избрани тројца судии и тоа: Душан Јосифов – единствениот кандидат од Академијата за судии и обвинители, Софија Лаличиќ – стручен соработник во Кривичниот суд, која истовремено работеше во Kанцеларијата за односи со јавност и Ленка Давиткова исто така досегашен стручен соработник во овој Суд.

Една од забелешките во најновиот Извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Македонија, во делот кој се однесува на судството беше токму  измената на Законот за судови која предвидува дека новоназначените првостепени судии треба исклучиво да бидат дипломци на Академијата за судии и јавни обвинители, односно зошто истата се уште не стапила во примена.

„Судскиот совет продолжува да има дава поголема предност на апликантите кои не дипломирале на Академијата за судии и јавни обвинители. Од 26 слободни позиции објавени во основните судови во 2011 година, Судскиот совет назначи само двајца кои завршиле на Академијата за судии и јавни обвинители и 22 кои не завршиле на Академијата (две места и понатаму останаа слободни), и покрај навистина големиот број добиени апликации, за секое работно место, од лица кои завршиле на Академијата за судии и јавни обвинители. Овој факт го покренува прашањето на кредибилитет на моменталните одредби и на посветеноста на Судскиот Совет на назначување лица по заслуга“, стои во извештајот ЕК.

Посебни услови за избор на судија во Основен суд на Република Македонија од почетокот на годинава:

  • за судија на основен суд може да биде избрано лице кое ја завршило почетната обука во Академијата за судии и јавни обвинители.

Посебни услови за избор на судија во Апелациониот суд и Врховниот суд од 1 јуни:

  • за судија на апелационен суд може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку четири години непрекинат судиски стаж како судија во основен суд до моментот на пријавувањето за избор, кое во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценето со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон, или судија во Управниот суд или Вишиот управен суд кој во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон и
  •  за судија на Врховниот суд на Република Македонија, може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку шест години непрекинат судиски стаж како судија во апелационен суд до моментот на пријавувањето за избор и кое во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценето со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон или судија во Управниот суд или Вишиот управен суд кој во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон.

Посебни услови за избор на судија во Управниот суд и во Вишиот управен суд се: 

  • за судија на Управниот суд може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку четири години непрекинат судиски стаж како судија во основен суд до моментот на пријавувањето за избор и кое во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценето со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон или лице кое има пет години стаж на правни работи во државен орган со потврдени резултати во работата или кое во последната година е оценето со највисока позитивна оцена, согласно со закон и
  • за судија на Вишиот управен суд може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку три години непрекинат судиски стаж како судија во Управниот суд до моментот на пријавувањето за избор и кое во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценето со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон или лице кое има шест години стаж на правни работи во државен орган со потврдени резултати во работата или кое во последната година е оценето со највисока позитивна оцена, согласно со закон.”

Е. П.