/ Прочитано:

2.328

Судија Ивица Стефановски: Не дозволувам ништо што не е поврзано со судската постапка да ми го одземе вниманието во судница

Професионалност и воздржаност во судница, но неврзаниот разговор околу проблематиката во судството, ни даде друга димензија на случувањата во судовите и мега судењата кои привлекуваат огромно внимание. По безбројното присутсво во судниците, новинарското око забележува сè, од инволвираните во постапката до ентериерот и расположението на присутните. Последниов период на претставниците на медиумите им падна во око младиот судија Ивица Стефановски. Со длабок и фоничен  глас одржува ред и мир во судницата, за судските известувачи смета дека се објективни, а за предметите каде суди, професионално останува без коментар. Од пред неколку дена е заменик на претседателот на Основен суд Скопје 1 и претседател на Кривичниот совет за организиран криминал.

Мега судењата секогаш привлекуваат огромно медиумско внимание, па освен судските постапки, медимумите ги скенираат сите инволвирани во постапката. Колку попопуларно судење, толку поголем интерес за судската постапка. Со последните медиумски експонирани судења, судијата Ивица Стефановски суди и пред толпа од новинари. Иако вели дека ја има, сепак не ни ја откри стратегијата со која ќе се справи доколку почувствува медиумски притисок.

Во судница воздржан, а уште потешко паѓа на новинарски провокации. За себе смета дека не е атрактивна личност чии изјави ќе ја брануваат јавноста, но надвор од судницата се забележува неговата смисла за хумор. По тесните ходници се слуша за неговата амбициозност, со своето 4 годишно искуство како судија се наоѓа пред специфични судски постапки кои се под будното око на јавноста.

Меѓу новинарките важи за најзгодниот судија, а тој пак даде оценка за нивната работа. За адвокатите и обвинителите смета дека е неблагодарно да ги коментира, а за отвореноста на судот вели дека има портпарпол кој може да ги задоволи новинарските апетити онолку колку што тоа е возможно.

„Не следам многу медиуми, едноставно си ја работам мојата работа, но од она што сум го видел и што го гледам деновиве сметам дека новинарите, барем оние од што известуваат од судот, објективно си ја вршат работата“, посочува судијата Стефановски.

Носењето на судската одлука со себе носи тежина, но и за судиите не секогаш е рутина особено во кривичната материја каде постојат специфични случаи. Во судница седнати еден наспроти друг, судијата и обвинетиот треба да ја истераат постапката, но во реалноста, без тога и лисици на рацете, човек наспроти човек, предметите остават белег по својата специфичност. Судијата Стефановски ни раскажа за предмет каде судел, а до денеска се сеќава на специфичноста и чинот каде мајка си го убива детето.

„Судев предмет во кој мајката си го убива детето. Со цврсти докази и со пресуда од Апелација потврдено е дека таа го сторила убиството. Предметот ми остави впечаток бидејќи ова не е само секојдневно убиство, мајката си го убила сопственото дете, овој предмет сигурно нема да го заборавам“, вели судија Стефановски

Ако не е судија, Стефановски вели дека би бил адвокат. Веќе 12 години плива во правната фела, од приправник, стечаен управник, државен правобранител и кривичен судија, од неодамна, суди во Одделот за организиран криминал, за кој многумина сметаат дека е место каде се потребни најмногу нерви, но и голема амбициозност.

„Предизвикот го прифатив, не го заобиколив. Предметите од организиран криминал се потешки од другите во кривичното одделение, поголем број обвинети, медиумска експонираност, итн.. Но, јас сум  професионалец, нема да дозволам ништо друго освен постапката да ми го одземе вниманието. Мора внимателно да ги слушам обвинетите, сведоците, се изведуваат докази, едноставно немам ниту време, ниту енергија да се занимавам со нешто што воопшто не е поврзано со судската постапка“, заклучува Стефановски.


Објавено: 14.01.2013 година

Автор: Паула Божиновски