Судија од Гњилане уапсен поради примање мито
Четврток, 8 ноември 2012 – Судија од Општинскиот суд во Гњилане, Република Косово, е уапсен под сомнение дека примил мито со цел на косовски државјанин да му извади српско државјанство.
Судијата Миодраг Павиќ синоќа е уапсен поради тоа што е под сомнение дека примил мито. Судијата бил пријавен од косовскиот државјанин Рамиз Азизија кој во полициска станица дал изјава дека на Павиќ му дал 2.300 швајцарски франци за тој да му извади извод од книгата на државјани на Србија.
По пријавата на Азизија, судијата е уапсен на излезот на општината Гњилане и му е одреден 48 часовен притвор. Неговиот случај е префрлен во Окружниот суд во Призрен каде наскоро се очекува да почне судската постапка.