/Прочитано:

2.014

Судија Панчевски: Судијата e должен да работи растоварен од каков било притисок

За отвореноста на судот спрема јавноста, критиките врз судството, измените на ЗКП, за Академик зборува Владимир Панчевски, судија во одделението за организиран криминал од скопска единица. Состојбата во судството е подобра отколку онаа прикажана во извештајот на Европската комисија, во Македонија не постојат кратки и долги притвори, Панчевски со контра аргументи за сликата  на македонското судство.

 

Владимир Панчевски, претседател на Основен суд Скопје 1 (фото: Бранко Костески)

Според вашето досегашно искуство во кривичната материја односно организиран криминал, како ја коментирате одбраната на бранителите (нивната подготвеност, односот во судница, познавањето на кривичната материјa итн.)?

– Моето искуство во однос на организираниот криминал од неполни 3 години колку што сум во Одделот за организиран криминал во “Основен суд Скопје I” е скромно но практично, иако со кривичната материја воопшто се занимавам веќе 15 години од аспект на различни органи – полиција и обвинителство, а последниве 4 години како судија.

Во однос на одбраната на бранителите можам да кажам дека нè има секакви карактери, во целина одбраната на бранителите гледано од позицијата на судија и од моето лично искуство ја оценувам како коректна, колегите адвокати во зависност од своите можности и знаења се трудат во постапките да им овозможат на клиентите најразлични методи на одбрана, можам да кажам дека најуспешни во одбраната се оние бранители кои знаат навремено да ја проценат правната ситуација и доказите и навремено да поентираат пред судот декларирајќи ја вината или невиноста на својот клиент онаква каква што е, а не спротивно од вистината.

Сметам дека адвокатурата во целост нема лојална конкуренција, па најчесто бранителите трчајќи по егзистенција се служат со двојни игри и манипулации спрема своите клиенти и судот калкулирајќи, па дури и злоупотребувајќи ги своите права во текот на целата постапка со цел да остварат поголем профит. Сметам дека борбата по егзистенција ја обезличува македонската адвокатура, и во секој случај го руши нејзиниот углед, а со тоа во очите на јавноста се руши и угледот на судот и на сите нас како практичари, бидејќи во ваков случај неможе да стане збор за квалитет и стручност во одбраната. Се разбира секоја чест на бранителите кои професионално и стручно ја извршуваат својата улога.

Колку им е овозможено на адвокатите кај нас подготвување на квалитетна одбрана, познавајќи ги условите во истражниот затвор и долгите притвори?

– Од аспект на судот сметам дека на адвокатите им се овозможени сите предуслови за стручно, совесно и навремено подготвување на одбраната, судот особено при одлучување по поднесоците и барањата на бранителите ги цени околностите кога се вклучиле во постапката и од тој аспект им овозможува навремено и целосно да се запознаат со предметот и доказите. Со досегашната поставеност на кривичната постапка како законско решение и во пракса адвокатурата нашла свои начини да ја подготви одбраната и преку свое активно учество да побара судот или самата навремено да обезбеди дополнителни докази. Во однос на припремањето на квалитетна одбрана сметам дека не постои ваква корелација со условите во истражниот затвор и долги притвори како што е концепирано вашето прашање. Адвокатите одбраната треба да ја спремаат врз основа на стручни правни знаења врз основа на теоријата на случајот во пракса и доказите на случајот. Сметам дека во никој случај не постои ниту може да постои законска или друга пречка со која ќе се ограничи правото на бранителот да го посети притвореното лице во однос на разјаснување на факти и околности, а адвокатот не смее да си дозволи одбраната да ја спрема во истражниот затвор, одбраната не е приказна која обвинетиот и бранителот треба да ја состават ниту пак бранителот смее да си дозволи со обвинетиот да конструира парадигма. Во корелација на вашата скриена констатација за долгите притвори можам да кажам дека не постојат долги или кратки притвори тоа е измислица на некој кој во јавноста сака да создаде погрешна претстава за примената на оваа мерка. Притворот е законски предвидена мерка за обезбедување присуство на обвинетото лице за времетраење на постапката, трае во законски предвидено време, ја одредува судот, ја преоценува секои 30 дена и секогаш е во корист на обвинетиот бидејќи се засметува во казната затвор, тоа е законска мерка така се применува кај нас и секаде во светот.

Впечатокот на јавноста е дека судот е затворен за медиумите. Судиите многу пати без некакви посебни причини ја исклучуваат јавноста од судница. Честопати од правната фела коментираат дека новинарите им поставуваат нелогични прашања бидејќи немаат основни познавања од правосудството. Како ја коментирате оваа ситуација?

– Не се согласувам дека судот е затворен за медиумите, доказ за тоа е и ова интервју, сметам дека од судот не може да се очекува да учествува во ексклузивитети како што тоа јавноста го очекува. Судот работи врз основа на закон и доказите во постапката, а не под притисокот на јавноста, зошто е впечатокот таков не знам, но знам дека ниту еден од моите колеги судии доколку ја исклучил јавноста тоа не го направил без причина, веројатно впечатокот и не е впечаток доколку јавноста на судењето била исклучена еднаш или двапати, а претставникот на медиумите не останал да ги сослуша причините поради кои судот штитејќи го интегритетот на личноста на обвинетиот неговите лични и семејни околности или можеби презентација на доверливи докази и слично ја исклучил јавноста. Во однос на коментарите на правната фела дека новинарите им поставуваат нелогични прашања бидејќи немаат основни познавања од правосудството сметам дека доколку некој професионално ја извршува својата работа нема да дозволи во лов на ексклузивни информации да прави импровизации, можам да кажам дека се сложувам со ваквите коментари, а тоа можеби е од причина што ние правниците го мериме секој збор пред да го кажеме.

Хрватското судство даде одличен пример за отвореноста спрема јавноста пренесувајќи го судењето на Санадер во живо. На кое скалило е Македонија по однос на ова прашање, бидејќи и кај нас последниве години се случуваат спектакуларни апсења и големи судски процеси?

– Се согласувам дека хрватското искуство за судењето што го посочивте е добро и сметам дека ваквите искуства треба да се користат и применуваат во пракса. Можам да кажам дека од поодамна во дискусија со колеги заклучивме дека праксата на Хашкиот суд треба да биде основа за иднината на јавност на судењата. Сметам дека судот во Хаг  го достигнал врвот на отвореност спрема јавноста со посебни услови и техника каде медиумите имаат свои простории од каде го преземаат преносот на судењата во живо, но секако за ова е потребно судниците да бидат опремени со посебна техника за снимање. Судиите се пред сè луѓе со емоции, секој со свој карактер и начин на комуникација, а потоа се судии, сметам дека никој не е имун доколку пред него се постави камера и знае дека е сниман, освен доколку професионално работи пред камера. Начинот на кој се поставени и се силуваат работите во медиумите во трка со 50 камери, да се сними ексклузивна вест, го дефокусираат сфаќањето за јавност на судењата, а тоа не е задоволување на страстите на јавното мислење и јавна осуда – линч, туку основата на јавноста е постапката да тече законито и непристрасно.

Судските дејствија не смее и не може да се толкуваат и да се дискутираат на тоа ниво како што тоа секојдневно се прави од страна на јавноста и таканаречените експерти, судската постапка не смее да се коментира ниту од учесниците странки во постапката бидејќи со тоа се прави притисок на судот во одлучувањето скриен под превезот на јавноста заради остварување на вакви или онакви цели.

– Судската постапка може и смее да се коментира и да се анализира единствено од страна на повисоките судови во законски предвидена постапка, но за вакво нешто сметам дека во изминатите години самата судска структура не собра сили да изгради судска пракса и Врховниот суд на РМ да ја преземе вистинската улога за воедначување на судската пракса при примена на институтот на слободно судиско убедување при оценка на доказите.

Наскоро ќе стапат на сила новите измени на ЗКП. Освен новата улога на обвинителот и правосудната полиција, дали тоа значи дека ќе се менува и улогата на судиите?

– Сметам дека судот со новиот ЗКП ќе ја добие вистинската улога што ја заслужува, а тоа е улогата да се занимава единствено со материјалната вистина онака како странките ќе успеат да ја докажат во постапката, новиот концепт е одличен и се надевам дека ќе наметне нов концепт на свест кај сите учесници во постапката за посовесно активно учество во кривичната постапка врз основа на стручност и знаење.

Како го коментирате последниот извештај на Европската комисија во однос на судството во Република Македонија?

– Сметам дека состојбата со судството во Република Македонија е подобра од онаа прикажана во извештајот, состојбите се прикажуваат или преку изолирани случаи или преку статистики кои никогаш не можат да ги прикажат реалните состојби. Сметам дека генерално се констатира напредок во оваа област во скоро сите сегменти.

Имавме пример каде тезата на обвинителство за злосторничко здружување во предметот Змиско око 1 падна во судската постапка. Впечатокот е дека обвинителството има потешкотии при докажување на кривичното дело злосторничко здружување. Каков е вашиот став по ова прашање?

– Во однос на впечатокот со кој преку еден случај да се прикаже општ впечаток дека обвинителството има потешкотии при докажувањето на кривичното дело злосторничко здружување сметам дека е погрешен.

Кривичното дело злосторничко здружување по својата концепција е самостојно кривично дело, но истото во реалност е тешко докажливо бидејќи најчесто друго кривично дело и не мора да е извршено, доволно е да се преземени подготвителни дејствија на друго кривично дело. Барем да постои некаков злосторнички план или договор во теоријата ова е можно но во практиката е ретко. Таквиот договор или злосторнички план не е нотарски заверен документ туку усмен договор или завет на припадниците на злосторничкото здружение, група или банда за вршење на кривични дела, а потребно е да постои организација, организатор, членови и припадници.

Сметам дека ставот на обвинителството ова кривично дело да го докажува преку поднесување на обвиненија, покрај за злосторничко здружување и за кривични дела кои групата или бандата ги извршила преку своите припадници реално е наједноставниот начин да се докаже ова кривично дело откако дошло и до реализација на злосторничкиот план. Не гледам реални потешкотии и проблеми во докажувањето на ова кривично дело, но не гледам ни причина за посебен интерес на јавноста токму за ова кривично дело кое освен звучното име што го има не предвидува некаква построга санкција за разлика од многу други кривични дела со кои секојдневно се среќаваме. Во оваа смисла може да се каже и дека ваквиот впечаток дека обвинителството има потешкотии во докажување на кривичното дело се стекна и поради судирот на теоријата и праксата за ова кривично дело каде стручната јавност беше со одредени различни сфаќања, а практичарите од повисоките инстанци до денес не зазедоа став по одредени толкувања за да се изврши воедначување на судската пракса, а ваквите проблеми реално се надминаа со козметички измени на Кривичниот законик.

Дали е можно судијата да остане целосно независен во решавање на контроверзен случај? Кога притисокот на јавното мислење е голем, како се справувате со ваква ситуација?

– Најпрво не можам да ја разберам разликата што некој случај го прави контроверзен или не, сметам дека судијата мора да има интегритет и секој предмет е должен да го работи растоварен од било каков притисок и убеден сум дека колегите така работат. Секој што размислува поинаку или од оваа позиција се плаши од вакви или онакви влијанија или замислени, наметнати позиции, дилеми и калкулации како неговото одлучување ќе го протолкува овој или оној, треба веднаш да се откаже од судиската позиција, бидејќи со тоа го нарушува интегритетот на сите судии. Сметам дека најчесто под притисокот на јавното мислење во Република Македонија се кријат интереси на одредени групи на влијание и со тоа јавното мислење го става на тест интегритетот на секој судија. Можам да кажам дека од моето работно искуство, а досега ова ми е трето работно место, судиската професија ја оценувам како една од најтешките и најодговорни професии која досега сум ја извршувал.


Разговараше: Паула Божиновски