/ Прочитано:

1.858

Судијата Нил Горсач номиниран за нов судија на Врховниот суд на САД

За време на номинацијата од страна на претседателот Трамп, судијата Горсач беше посочен како судија со беспрекорни правни способности, со брилијантен ум и со прекрасна дисциплина. При тоа, претседателот Трамп додаде и дека судијата може да биде активен и повеќе од 50 години, но неговите одлуки можат да траат со векови. Судијата Горсач се смета за конзервативен интелектуалец, поддржувач на религиските права на граѓаните. Тој има напишано трудови против евтаназијата и потпомогнатото самоубиство.

Трамп и Горсач

Претседателот на САД, Доналд Трамп, го номинираше судијата на Федералниот апелационен суд на државата Колорадо Нил Горсач за судија на Врховниот суд на САД. Постапката на предлагање кандидати за местото во Врховниот суд, по смртта на судијата Антонин Скалија, започна во април минатата година, кога тогашниот претседател на САД, Барак Обама, го номинираше судијата Мерик Гарланд , но беше блокирана од страна на републиканските сенатори кои цврсто стоеја на ставот дека прво треба да се избере нов претседател на САД, па потоа да се номинира нов врховен судија.

За време на номинацијата од страна на претседателот Трамп, судијата Горсач беше посочен како судија со беспрекорни правни способности, со брилијантен ум и со прекрасна дисциплина. При тоа, претседателот Трамп додаде и дека судијата може да биде активен и повеќе од 50 години, но неговите одлуки можат да траат со векови.

Судијата Горсач се смета за конзервативен интелектуалец, поддржувач на религиските права на граѓаните. Тој има напишано трудови против евтаназијата и потпомогнатото самоубиство.

Во својата книга каде што пишува за евтаназијата, Нил стои на ставот дека е против одземањето на човековиот живот бидејќи смета дека секое човечко суштество е вредно само по себе и дека одземањето на животот од страна на друго лице секогаш е погрешен чекор.

Нил Мекгил Горсач е роден на 29 август 1967 година во Денвер, Колорадо. Во текот на својата кариера променил повеќе позиции во судовите во САД. Најпрво бил помошник на судијата Дејвид Сентел во судот во Дистриктот Колумбија од 1991 до 1992 година, по што до 1994 година се префрлил во Врховниот суд на САД како помошник на судиите Бајрон Вајт и Ентони Кенеди.

Од 1995 до 2005 година се занимавал со адвокатура во Вашингтон, во Адвокатската канцеларија „Келог, Хубер, Хансен, Тод, Еванс и Фигел”. Прво бил соработник до 1997 година – а потоа партнер до 2005 година. Во својата кариера тој бил и визитинг-професор на Правниот факултет на Универзитетот „Колорадо“.

Во септември 2016, во текот на изборната кампања, Горсач бил еден од потенцијалните кандидати за судија на Врховниот суд на листата од 21 судија, од кои најсериозен ривал му бил судијата Тимоти Тимкович.

Во Колорадо тој е познат по својата активна вклученост во локалните проблеми и меѓу правниците во Денвер, а исто така досега е најмладиот судија номиниран за позицијата во Врховниот суд со навршени 49 години.

Врховен судија САД Горсач

Како наследник на судијата Скалија, се смета дека се разликува од него во делот на административното право, област за која се смета дека е помалку позната за обичните граѓани, но всушност е многу важен дел од општеството. Горсач е критичар на доктрината „Шеврон” (називот е дадени според странка во судски предмет од 1984 година), принцип во административното право кој бара судовите да ги толкуваат законите кои се направени од владините агенции одговорни за нивната примена освен ако таквите толкувања се неразумни.

Својата правна филозофија Горсач ја базира на оригинализмот, идеја според која Уставот треба да биде интерпретиран како што се доживувал во времето на неговото донесување, а законите треба да се толкуваат во буквална смисла без оглед на нивната законодавна историја и нивната основна цел.

Тој во неколку наврати зборува против либералите, истакнувајќи дека основната цел им е да завладеат со судот, да се зближуваат и да се потпираат на судиите и адвокатите наместо на избраните претставници и на народот, потоа дека го заобиколуваат демократскиот процес за клучните прашања, како што се: хомосексуалните бракови, евтаназијата итн., што според него довело до корумпирано судство кое веќе не е независно.

Изборот на судијата го поздравија голем број правници, адвокати и професори по право во САД. Мелиса Харт, професорка на Правниот факултет на Универзитетот „Колорадо“, изјавила дека неговата номинација е вистинска работа и дека, познавајќи го како личност, верува дека нема да подлегне на каков било притисок без разлика како ќе пресуди во некои предмети. Таа за него вели дека е повеќе од добар избор за судија на Врховниот суд и дека чекањето да се избере нов претседател на САД, па да се предложи нов кандидат за судија било исправна работа.

Горсач е добитник на наградата „Едвард Рендолф” за извонредна служба во Министерството за правда и на наградата „Стивенс“ од Фондацијата„Хари Труман” за заслуги во областа на правото.