/ Прочитано:

901

Судијата Раимонди реизбран за претседател на Европскиот суд за човековите права

Претседателот на Европскиот суд за човекови права  Гвидо Раимонди е реизбран за претседател на Судот, објавуваат од Судот во Стразбур.

Гвидо Раимонди е роден 1953 година во Неапол, каде што и ги завршил студиите по право.  На почетоците на својата кариера Раимонди работел во Министерството за надворешни работи на Италија и бил владин коагент пред Европскиот суд за човековите права.

Од 1997 до 2003 бил судија, а во 2008 година бил назначен за правен советник во Меѓународната организација на трудот. За судија при Европскиот суд за човекови права е избран во 2010 година, а за претседател на Судот во 2015 година.

Раимонди е автор на повеќе трудови кои се однесуваат на меѓународното право, особено со фокус на почитувањето на човековите права, што е и клучната цел на постоењето на ЕСЧП. Претседателот на ЕСЧП, се пропишува во правилата на Судот, го преставува Судот, управува со администрацијата на Судот и е одговорен за односите на Судот со Советот на Европа.

Советот на Европа е водечка организација за човековите права на Континентот. Државите членки на Советот на Европа ја имаат потпишано Европската конвенција за човекови права, која претставува меѓународен договор за заштита на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Европскиот суд за човекови права ја следи примената на оваа конвенција од страна на државите членки.

Како меѓународен суд, Европскиот суд за човекови права е основан во 1959 година. Тој е надлежен да постапува по индивидуални или меѓудржавни жалби, во кои има наводи за повреда на граѓанските и политичките права предвидени со Европската конвенција за човекови права.

Во речиси педесет години, Судот има донесено повеќе од 10.000 пресуди. Неговите пресуди се задолжителни за засегнатите држави, на тој начин што во одредени ситуации владите на државите треба да го изменат своето законодавство и административната практика во повеќе различни области.

Практиката на Судот овозможува Конвенцијата да биде моќен жив инструмент за ефикасно соочување со нови предизвици и за зацврстување на владеењето на правото и демократијата во Европа. Седиштето на Судот е во Стразбур, во зградата на човековите права.

М.В