/ Прочитано:

1.153

СУДИЈАТА ШТО ГО ОДБИ ОДЛИКУВАЊЕТО „ПРАВНИК НА ГОДИНАТА“: проф. д-р Војтеx Симичек

Покрај неговата позната судиска и научно-наставна работа, уставниот судија проф. д-р Војтеx Симичек во чешката јавност е познат и како судијата што го одби одликувањето „Правник на годината“.

akad 4

„Причините за ваквото одбивање на одликувањето „Правник на годината“ за мене, како судија, беа оправдани и мотивирани од морални побуди. Верував, и денес верувам дека така треба да постапи секој независен судија. Откако судски се укина и се забрани дејствувањето на една десноориентирана екстремистичка партија, беше одлучено мене, како на судија кој е дел од сенатот на Судот, да ми се додели одликувањето „Правник на годината“. Јас го одбив тоа. Можам да кажам дека тоа го направив од две причини. Како прво, таквото одликување можеше да се интерпретира и како искажување голема благодарност на Владата за одлуката на Судот. И втората причина е што јас лично сметам дека судиите не треба да добиваат такви одликувања затоа што не треба да му се заблагодаруваат на судијата што го почитувал правото. Судиите секогаш треба бидат независни и тие мора да го почитуваат законот и правниот поредок. Тоа е нивна законска и етичка должност. Оттука, зошто би имало потреба од такви одликувања за некој што е првоповикан да застане на страната на законот?“, вели судијата Симичек.

Во таа насока, познатиот чешки уставен судија истакнува дека етиката и почитувањето на законот треба да бидат основните стожери во судството, кои, пак, особено доаѓаат до израз во уставното судство, со оглед на неговата улога во однос на законодавецот. Судијата образложува дека е потребно самите граѓани да имаат доверба во судството и во уставното судство затоа што „на тој начин поединецот може да се заштити од јавната власт“.

akad 4

Во Чешка,  вели судијата, годишно има и до 5 илјади претставки до Уставниот суд, од кои 97 % проценти се уставни жалби, но главните случаи се однесувале на заштитата на граѓаните од јавната власт. Во доменот на јавната власт, Уставниот суд не само што врши контрола на нормите, туку врши и контрола на Парламентот.

„Тргнувајќи од сфаќањата на Келзен за негативниот законодавец, а земајќи ја предвид современата поставеност на уставното судство, треба да се истакне дека улогата на Уставниот суд подразбира и контрола на Парламентот, односно на законодавната власт. Секако,  една од главните надлежности на Уставниот суд е и  контрола на нормите. Тој може да укине одредби ако се противуставни. Во таа контрола, Уставниот суд проверува дали е правилна законодавната постапка и дали е во согласност со Уставот и дали е содржината на Законот во согласност со Уставот. Во таа смисла, треба да се потенцира дека е значаен и аспектот на самите претставки на граѓаните кои се обраќаат до Судот, а најмногу се обраќаат поради потребата од уставносудска заштита“.

akad 4

Судијата Симичек на колегите од македонското судство им ги пренесе и чешките искуства во врска со правните механизми за уставносудската заштита на избирачките права, но и на самиот избирачки процес.

„Во Чешка имаше проблеми во врска со  изборите на локално, општинско ниво. Во еден дел тие се однесуваа на поткупот, но ваквите случаи беа изолирани.  Меѓутоа, она што е важно за Уставниот суд е што тој секогаш, без разлика дали се работи за изолирани случаи и колку се ретки, треба да биде заштитник на правата на граѓаните, особено на нивните избирачки права. Од тие причини  Уставниот суд одлучува за такви ситуации“, вели чешкиот уставен судија, упатувајќи на прашањето за превенирањето на ваквите кривични дела кои зависат и од „нивото на политичка култура“.

akad 4

„Најважно за еден избирачки процес е да биде слободен. Власта не смее да се меша во изборите. Треба да се има предвид дека многу прашања зависат од политичката култура затоа што некои прашања не се во домен на судството и тоа  не може да ги реши. Во Чешка претседателот на државата има овластување да помилува за изборни манипулации, но тоа право никогаш не го искористил. Воопшто,  има мал број случаи во кои некој бил казнет за такво дело“, вели судијата Симичек.

М.В. / veljanoskim@akademik.mk