/ Прочитано:

1.299

Судот ги одби како неосновани мерките на СЈО за Груевски, Јанакиески и Трајковски

Од Кривичниот суд наведуваат дека СЈО има право да поднесе жалба до Кривичниот совет при Основен суд Скопје 1 – Скопје во рок од 24 часа.

Судница 1 Основен суд Скопје 1

По денешниот распит пред судија на претходна постапка на осомничените во предметот на СЈО „ТНТ“, судијата ги одбил како неосновани предлозите за определување на мерки за претпазливост предложени од Специјалното јавно обвинителство.

„Судија на претходна постапка постапувајќи по предлогот за определување мерки на претпазливост спрема осомничените: Н. Г., M. J. и T. T. поднесен од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) и се опфатени во предметот на СЈО во јавноста познат како „ТНТ“, донесе решение со кое го одби како неоснован предлогот на СЈО и против истите не определи мерки на претпазливост“, велат од Судот.

Од Кривичниот суд наведуваат дека СЈО има право да поднесе жалба до Кривичниот совет при Основен суд Скопје 1 – Скопје во рок од 24 часа.

Денеска на распит во Судот беа поранешниот премиер, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и градоначалникот на Општина Гази Баба Тони Трајковски. Тие се осомничени во предметот за уривањето на објектот „Космос“ на Фијат Цаноски.