/ Прочитано:

4.781

„Судот треба да ги запре од извршување сите акти во кои Фондот за осигурување на депозити е утврден како доверител“ – Љупчо Кузмановски, адвокат

Еуростандард банка е интересен феномен. Таа отиде во стечај кога во државата беа и сè уште се во фокусот борбата против корупцијата и криминалот и борбата за владеењето на правото. Пропаѓањето на Еуростандард банка во вакви услови зборува дека правната сигурност на граѓаните е на многу ниско ниво, вели во интервјуто за Академик адвокатот  Љупчо Кузмановски, кој ги застапува оштетените физички и правни лица од стечајот на Еуростандард банка преку нивното Здружение „Правда за штедачи“.

Адвокате Кузмановски, вие ги застапувате оштетените физички и правни лица од стечајот на Еуростандард банка преку нивното Здружение „Правда за штедачи“. Помина една година од отворањето на стечајот врз банката, до каде е постапката и што се случуваше во оваа една година?

Кога ги споменувате оштетените физички и правни лица од стечајот на Еуростандард банка, за нив изминатата година е година на неверување, кошмар, немир, несоница, но и надеж дека ќе успеат да дојдат до нивните заробени пари во стечајната маса на банката. Што се однесува на стечајната постапка, таа си тече во согласност со законските одредби за водење на стечајна постапка на банка. Имено, во изминатава една година назначени, конституирани и избрани се органите што ја водат стечајната постапка (стечаен судија, стечаен управник, Собрание и Одбор на доверители). Во рамките на своите овластувања секој орган презема дејствија во врска со спроведување на стечајната постапка. Во досегашниот тек од една година утврдени се побарувањата на доверителите (не само на депонентите, туку и на други доверители), некои побарувања се оспорени, направена е целосна анализа за активата и пасивата на банката, регулиран е односот со договорите и другите правни дела што ги имала банката пред отворање на стечајот, преземени се дејствија за наплата на побарувањата на банката од своите должници, постапките кои биле започнати пред суд или друг орган започнати пред стечајот, преземени се или се преземаат од страна на стечајниот управник… Како што можете да забележите, досега во оваа една година преземени се активности повеќе од технички карактер, но тие се неопходни за консолидација на состојбата и за поставување на стечајната постапка на основа која ќе може да овозможи понатамошно успешно и целисходно водење на стечајот. Секако, во интерес на доверителите кои очекуваат намирување од стечајната маса.

Здружението на штедачите имаше иницијатива пред Уставниот суд, со која го оспори членот 163 ставот 3 од Законот за банки. Уставниот суд со одлука ја укина оваа одредба. Што значи ова за оштетените од стечајот на Еуростандард банка и какво влијание ќе има тоа врз стечајната постапка?

Да, по многу „прашина” која непотребно се крена во јавноста околу постапката пред Уставниот суд, тој, конечно, на седницата одржана на 25.5.2021 година го укина членот 163 ставот 3 од Законот за банки. Овој настан сигурно е најпозитивната вест и најзначајната одлука досега за сите оштетени депоненти – физички и правни лица во Еуростандард банка. Укинатиот член 163 став 3 од Законот за банки во стечајната постапка за банка му даваше апсолутно првенство за наплата на побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити за физички лица до 30.000,00 евра пред побарувањата на сите останати доверители. Оваа одредба беше извор на длабока нееднаквост на физичките лица депоненти над 30.000,00 евра и дискриминаторска за правните лица без оглед на висината на депозитот. Поставеноста на Фондот за осигурување на депозити со оваа одредба го поставуваше Фондот во толку привилегирана позиција, што дури има толкувања дека тој, всушност, во суштина и не било важно дали бил доверител во стечајната постапка за исплатените осигурени средства, туку, едноставно, пред сите други доверители го наплаќа своето побарување, додека за другите „што ќе остане”. По Одлуката на Уставниот суд оваа нееднаквост и дискриминација веќе не постои со оглед дека членот 163 ставот 3 од Законот за банки веќе не е дел од правниот поредок. Сега се поставува прашањето дали ќе предизвика последици по стечајната постапка за Еуростандард банка оваа одлука на Уставниот суд. Здружението на оштетени штедачи и јас како нивни застапник јавно веќе го изнесовме својот став по ова прашање. Ние сметаме дека Одлуката на Уставниот суд ќе мора да се имплементира во понатамошниот тек на стечајната постапка. Основниот граѓански суд Скопје при понатамошното водење на стечајната постапка ќе мора да постапи во согласност со членот 80 од Деловникот на Уставниот суд и да го почитува Правното мислење на Врховниот суд од октомври 2019 година, акти кои го обврзуваат да запре од извршување секое понатамошно дејствие кое произлегува од акт кој веќе не е дел од правниот поредок. Доколку дејствието не е преземено, тоа нема да се преземе, а доколку пак извршувањето е започнато, тоа ќе биде запрено. Ова ќе има огромно позитивно влијание во стечајната постапка во однос на оштетените депоненти – физички и правни лица, кои ќе добијат реална шанса да си ги вратат своите средства заробени во стечајната маса на банката.

По Одлуката на Уставниот суд, според вас, каква ќе биде позицијата и статусот на Фондот за осигурување на депозити во однос на оштетените депоненти – физички и правни лица во стечајната постапка?

Ова е всушност суштинското и клучното прашање кое треба да се расчисти и да се дефинира во стечајната постапка пред судот. Имено, според моето мислење, изградено врз основа на многубројни консултации, користена литература и проучени закони од домашното и споредбеното право, но имајќи ја предвид и утврдената фактичка состојба од Основниот граѓански суд Скопје, во стечајната постапка за Еуростандард банка со сигурност можам да кажам дека Фондот за осигурување на депозити не само што со укинувањето на членот 163 ставот 3 од Законот за банки го губи приоритетот за наплата по основ на исплата на осигурени депозити на физички лица до 30.000,00 евра, туку тој го губи и статусот на доверител во понатамошниот тек на стечајната постапка по овој основ – исплата на осигурени депозити на физички лица до 30.000,00 евра. Тоа значи дека Основниот граѓански суд Скопје во понатамошниот тек на стечајната постапка треба да ги запре од извршување сите акти во кои Фондот за осигурување на депозити е утврден како доверител по основ на исплатени осигурени депозити на физички лица во висина до 30.000,00 евра. За ваква одлука на Граѓанскиот суд создадени се сите фактички и формално-правни претпоставки. Тука би сакал да нагласам дека:

  1. Основниот граѓански суд Скопје веќе одлучил дека побарувањето на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплата на осигурените депозити на физички лица до 30.000,00 евра е утврдено врз основа на членот 163 ставот 3 од Законот за банки. Тоа може да се види од Пријавата на побарување што во стечајната постапка ја поднел Фондот, каде што е наведено дека пријавата е поднесена врз основа на членот 163 ставот 3 од Законот за банки, како и врз основа на Решението на судот од 6.11.2020 година, каде што ваквата пријава е прифатена и побарувањето на Фондот е утврдено. Дополнително, Основниот граѓански суд Скопје во истото решение одбил приговор на друг доверител кој го оспорувал правото на Фондот со образложение дека ова право е утврдено врз основа на членот 163 ставот 3 од Законот за банки. Значи, самиот Основен граѓански суд Скопје веќе ја утврдил фактичката состојба од која произлегува дека правото на Фондот за осигурување на депозити да биде доверител во стечајната постапка утврдено е врз основа на членот 163 ставот 3 од Законот за банки. Ваквата фактичка состојба, секако, во понатамошниот тек на постапката го обврзува судот истата да ја почитува бидејќи е правосилно утврдена.
  2. Одлуката на Уставниот суд со која е укинат членот 163 ставот 3 од Законот за банки создава формално-правни претпоставки за целосно ревидирање на статусот на Фондот за осигурување на депозити во понатамошниот тек на стечајната постапка. Имено, со оглед дека фактичката состојба според која е утврдено правото на Фондот, поради Одлуката на Уставниот суд, сега е изменета и членот 163 ставот 3 од Законот за банки веќе не е дел од правниот поредок, Основниот граѓански суд Скопје има обврска ваквата состојба да ја усогласи со понатамошното водење на стечајната постапка, што значи дека ќе настанат промени во делот на утврдените побарувања бидејќи за делот на побарувањата по основ на исплатени осигурени депозити на физички лица до 30.000,00 евра Фондот за осигурување на депозити нема да има основ да биде доверител во стечајната постапка бидејќи основот (членот 163 ставот 3 од Законот за банки) отпаднал, додека во ниту еден друг позитивен закон од домашното законодавство не е предвидено дека Фондот за осигурување на депозити е доверител во стечајната постапка. За разлика од домашното право, споредбеното право во регионот и во Европската Унија на сосема јасен начин го решава ова прашање. Во споредбеното право (за разлика од кај нас), не само во Законот за банки, туку во повеќе други закони, утврдено е правото на Фондот во случај на стечај на банка. Ова прашање најави дека како правна празнина ќе го регулира Владата преку предлог на закон кој требаше да го подготви Министерството за финансии во рок од 15 дена откако беше укинат членот 163 ставот 3 од Законот за банки, но веројатно согледувајќи ја сложеноста на прашањето Владата се откажа од овој рок бидејќи се работи за потреба од коренита реформа, што подразбира измени и дополнувања на повеќе закони, не само од палијативна интервенција во еден закон. Затоа велам дека се создадени сите формално-правни и фактички претпоставки за спроведување на Одлуката на Уставниот суд од страна на Основниот граѓански суд Скопје. Повторувам, според мене, спроведувањето на оваа одлука ќе значи дека во понатамошниот тек на постапката Фондот за осигурување на депозити ќе го загуби статусот на доверител во однос на исплатените осигурени депозити на физички лица до 30.000,00 евра.
  3. При ваква правна разврска, стечајната постапка за Еуростандард банка треба да продолжи паралелно со решавање на прашањето за понатамошниот статус на Фондот за осигурување на депозити, но она што во таква ситуација е битно за оштетените депоненти е дека, според моите информации, во стечајната маса на банката има доволно средства сите да бидат обесштетени и никој да не биде оштетен. Значи, без буџетски средства, без средства преку вбризгување на помош од јавните приходи ќе се реши ова прашање на задоволство на оштетените. Се разбира, само доколку доследно се применат законите. Доколку повторно дојде до импровизација, тоа не само што ќе предизвика незадоволство кај оштетените, околу 3.000 семејства, туку и ќе потврди дека овде не владее правната држава.

Ја споменавте правната држава, колку сте задоволни од односот на државата кон проблемот со Еуростандард банка?

Еуростандард банка е интересен феномен. Таа отиде во стечај кога во државата беа и сè уште се во фокусот борбата против корупцијата и криминалот и борбата за владеењето на правото. Пропаѓањето на Еуростандард банка во вакви услови зборува дека правната сигурност на граѓаните е на многу ниско ниво. Затоа, доколку брзо не се реши проблемот со Еуростандард банка, тоа може сериозно да ја доразруши и онака разнишаната доверба во домашните институции и да создаде огромен проблем кој може да ја поткопа лојалноста на граѓаните кон државата. Сите гледаме дека ниту еден посериозен проблем не може да се реши без посредување однадвор, што е многу лош имиџ за нас како држава. Дури и во рамките на Здружението на оштетени штедачи има сериозни размислувања да се побара меѓународна помош како излез од ситуацијата. Затоа, јас би упатил апел до сите надлежни да покажат малку повеќе доблест, сериозно да му пријдат на проблемот и да покажат дека државата има самоодржлив капацитет, поточно капацитет сама да ги решава настанатите проблеми, без посредство од надвор.

Се знае ли зошто пропадна Еуростандард банка? Има ли сомневање за криминал?

Познато е само дека врз банката е отворен стечај како резултат на паѓање на капиталот под нивото на адекватност пропишано со закон како минимално. Причина за ваквата состојба била затоа што во своето портфолио банката имала многу ризични пласмани, многу кредити дадени со минимално, дури и без никакво обезбедување, и тие не биле враќани од должниците. Но, премногу е наивна тезата дека може да се работи само за незнаење на кој било орган во банката. Во банката не бил само кредитниот одбор, туку цела низа на органи кои биле вклучени во одобрувањето на кредитите и делењето на парите, во кои, според главните акционери, членувале „еминентни познавачи на банкарското работење”. Врв на пирамидата во банката биле Управниот и Надзорниот одбор. Во такви услови не е можно износи во илјадници и милиони евра да се делат без покритие, без знаење и одобрување на Управниот и Надзорниот одбор. Пред или по склучените зделки, сеедно. Очигледно е дека се работело за разработен систем за извлекување пари од банката на различни начини, веројатно и со перење, за што има сериозни индиции бидејќи, според сè уште неофицијални информации, од трансакциите што ги правела банката постојат бројни одливи на пари кон економски оператори кои добивале милионски износи во евра за многу бргу потоа парите да бидат подигнати од сметките и да се отворат стечајни постапки како начин за „легално” затворање на грабежот. Или, со други зборови, парите завршуваат во приватни џебови, додека фирмата преку која се прави тоа се затвора преку стечај за сè да биде „чисто”. Зошто ја толерирал ваквата состојба регулаторот НБРМ речиси една деценија наназад пред стечајот, зошто не го правеле тоа другите органи кои во државата ги има многу и чија задача е да го следат текот на парите, зошто не реагирале тие органи навреме за да спречат состојбата да метастазира до огромни размери дури и по укажувања, па дури според некои информации и по писмени пријави и известувања? Зошто не се реагирало навреме и соодветно? Тие прашања се за оние што  требале да реагираат. Јас би рекол дека на овие прашања има два одговора: или не си ја вршеле работата за која се платени и не знаеле што се случува или кај нив постоела намера да се толерира ваквата состојба. Дали е во прашање едната или другата причина, сеедно, кај нив постои одговорност за пропаѓањето на Еуростандард банка и тие, порано или подоцна, ќе мора да се соочат со таа одговорност, каква и да биде таа.  Дали имало и криминал во целата ситуација, тоа треба да го покаже истрагата, која може да дојде до конкретни податоци и да ја затвори шемата на криминални дејствија, заедно со учесниците во нив. Конечната разврска треба да биде пред Кривичниот суд, се разбира.

„Правда за штедачи“: Зошто Министерството за финансии поддржува судир на интереси и ги оштетува доверителите на Еуростандард банка?

„Правда за шедачи“: Дали фирмите коминтенти знаат дека при пропаѓање на банка ги губат и сите пари на тековните сметки?

„Правда за штедачи“: Владата да го усвои нашиот предлог за измени на Законот за банки

Последиците предизвикани со Одлуката на Уставниот суд за укинување на членот 163 ставот 3 од Законот за банки по стечајната постапка за Еуростандард банка

„Јавниот интерес подразбира заштита на правата на граѓанинот“ – Одлуката на Уставниот суд во врска со Законот за банките

Правда за штедачи: Со одлуката на Уставниот суд обичниот граѓанин добива најмногу

Измени на Законот за банките за правниот вакуум по одлуката на Уставниот суд

Уставниот суд го укина член 163 став 3 од Законот за банките

„Правда за штедачи“ бара Државниот завод за ревизија да направи контрола на работењето на Фондот за осигурување на депозити

Здружението на оштетени штедачи објавува соопштение со контрааргументи за издвоеното мислење на четворицата уставни судии

Издвоено мислење на неколку уставни судии во врска со постапката за членот 163 ставот 3 од Законот за банките

Решението на Уставниот суд за поведувањето постапка за член 163 став 3 од Законот за банките

Уставниот суд поведе постапка за членот 163 ставот 3 од Законот за банките

Што и како се осигурува во Фондот за осигурување на депозити

Членот 163 од Законот за банките повторно на разгледување пред Уставниот суд

Уставниот суд ќе расправа за членот 163 од Законот за банките по изјаснувањето на Антикорупциската комисија

Членот 163 од Законот за банките, кој е оспорен пред Уставниот суд

Уставниот суд е пред историска одлука за ставање крај на безредието во банкарскиот систем, велат оштетените штедачи

Истрага за четири одговорни лица во Еуростандард банка

ФОД: Досега исплатени 3,2 милијарди денари на депонентите на „Еуростандард банка“

Обвинителен акт против девет лица за перење на над девет милиони евра

Одложено рочиштето за стечајната постапка над Еуростандард банка

ФД: Oбесштетувањето на депонентите на „Еуростандард банка“ се одвива без поголеми пречки

Управниот суд ја отфрли тужбата од „Еуростандард банка“

На 15 септември започнува обесштетувањето на депонентите на „Еуростандард банка“ со право на обесштетување

Соопштение на Фондот за осигурување на депозити до депонентите во „Еуростандард банка“

ДКСК: Случајот со Ангеловска проблематичен од етички аспект, потребни се законски измени

Стечајна постапка за Еуростандард банка: Интервју со Дејан Костовски, експерт за стечај

Банки преку кои ќе се врши исплатата на обесштетувањето на депонентите на Еуростандард банка

Определен е стечаен управник за Еуростандард банка и закажано е рочиште за пријавените побарувања

Народната банка: Го штитиме интересот на граѓаните и ги преземавме сите мерки за заштита на депонентите на Еуростандард банка

М.В