/ Прочитано:

960

Судот во Белград ќе одлучува за вината на братучедот на Младиќ кој го криеше во Лазарево

Среда, 8 август – Специјализираниот суд за воени злосторства во Белград денеска ќе одлучува за братучедот на Ратко Младиќ кој го криеше цели 5 години во селотото Лазарево. Бранислав Младиќ признавајќи ја вината направи спогодба со Обвинителството за воени злосторства и се очекува да добие три години условно. 

Според спогодбата, Бранислав Младиќ признал дека го криел својот братучед, воениот командант на војската на Република Српска, а во замена тој треба да добие 1 година затворска казна или 3 години условно.

Заменик обвинителот Бруно Векариќ за српските медиуми има изјавено дека обвинителството води 6 истраги и 7 преткривични постапки за помагање на хашките бегалци, Ратко Младиќ и Стојан Жупљанин.

Засега не се потврдени шпекулациите дека обвинителството преговара со уште едно лице за признавање на вина, кој е осомничен дека го криел Ратко Младиќ во Белград во 2006 година.

Младиќ е уапсен на 26 мај  минатата година во селото Лазарево, а неговиот братучед Бранислав Младиќ за „Вечерње новости“ веќе раскажа за патешествието од 5 години додека го криел.

Во Основниот суд во Белград во тек е повторената постапка против групата од десет лица кои се обвинети дека го криеле Младиќ во Белград од 2002 до 2006 година.

Судењето во Хаг против Младиќ кое почна на средината на мај оваа година, продолжува на 21 август. Хашкото обвинителство го товари за геноцид, убиства, прогонство, терор, истребување, нехумани дела, злосторства против човештвото, кршење на законите и обичаите при војување, земање заложници од редовите на мировните сили.