Судот во Франција го ослободи Рамуш Харадинај
Во согласност со донесената одлука, Харадинај е ослободен, а укината е и забраната да ја напушти Франција. Имено, Апелацискиот суд во Колмар даде негативно мислење на барањето на српските власти за негова екстрадиција во Србија, така што тој во рок од 24 часа може да се врати на Косово. Како што јавуваат светските агенции, Србија веќе нема право на жалба на одлуката на францускиот Апелациски суд, кој не даде образложение за одлуката.
Апелацискиот суд во францускиот град Колмар донесе одлука со која го ослободува лидерот на Алијансата за иднината на Косово, односно поранешниот косовски премиер и командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Рамуш Харадинај, кој српското Обвинителство го товари за воени злосторства во Косово кон крајот на 90-тите години.
Во согласност со донесената одлука, Харадинај е ослободен, а укината е и забраната да ја напушти Франција. Имено, Апелацискиот суд во Колмар даде негативно мислење на барањето на српските власти за негова екстрадиција во Србија, така што тој во рок од 24 часа може да се врати на Косово. Како што јавуваат светските агенции, Србија веќе нема право на жалба на одлуката на францускиот Апелациски суд, кој не даде образложение за одлуката.
Рамуш Харадинај, кој е поранешен затвореник на Хашкиот трибунал против кого беше поведено обвинение за воени злосторства сторени во 1998 и 1999 година во Косово, беше приведен во Франција на 4 јануари врз основа на меѓународниот налог за апсење издаден од страна на Србија. Тој пред судот во Колмар се појави на две рочишта во февруари и на едно во март, откако претходно од судот доби дозвола одлуката за екстрадиција да ја чека на слобода.
Инаку, веднаш по апсењето, српскиот премиер Александар Вучиќ изјави дека Обвинителството за воени злосторства има повеќе основи за кои го товари Харадинај и дека никој нема право да ги урива одлуките на Обвинителството на Србија, како независен орган.
„Очекуваме дека Франција како правна држава ќе постапи во согласност со правото“, беше тогашната реакција на Вучиќ.
На Харадинај му се судеше и во два процеса во Судот за воени злосторства на Косово во Хаг, но во 2012 година тој беше ослободен од сите обвиненија.
А. Б.