/ Прочитано:

9.259

Судовите при определување на надоместот на штета поради каснување од куче скитник да не се водат само според досега воспоставената судска пракса – Огнен Јовановски, адвокат

„Во  предмети за надомест на нематеријална штета поради каснување на лице од куче скитник наместо судовите да ја определуваат штетата провизорно и движејќи ја висината на штета во онаа рамка што ја има воспоставено судската пракса, треба да водат сметка за секој случај поединечно бидејќи штетата од каснување од куче за некого е само мал стрес, додека за друг може да биде со фатални последици“, вели адвокатот Огнен Јовановски.

„Може за пример да се земе една конкретна пресуда. Се работи за случај во кој има правосилна пресуда за надомест на нематеријална штета поради каснување на лице од куче скитник. Оштетеното лице е 6-годишно дете кое како последица од штетниот настан има нарушена општа животна активност, односно почнува да пелтечи, а тоа трае во текот на целата постапка. Последицата трае и денес и е неизвесно до кога ќе трае. Оваа пресуда е од значење бидејќи укажува на тоа дека последиците од ваквите штетни настани се различни од случај до случај, и во определување на износите за надомест на штета судовите не треба да се водат според онаа рамка која е воспоставена со судската пракса, туку надоместот на нематеријалната штета треба да го третираат индивидуално и во зависност од последицата, која е различна кај секој поединечен случај“, истакнува Јовановски.

Судовите во досегашната пракса, додава адвокатот, имаат воспоставена рамка за определување на надоместот на нематеријална штета за штети од ваков вид и обично определуваат нематеријална штета во висина од 60.000 денари до 120.000 денари, а за тоа по слободна оцена одлучува судијата кој го води предметот.

Меѓутоа конкретниот предмет укажува на тоа дека последицата кај сите штетни настани од овој тип не е иста и дека во одреден случај може да биде мала, но во друг случај, како овој, може да биде неспоредливо голема.

„Ова, затоа што претрпениот страв и можните последици од таквиот настан не може да се ограничат со рамка, односно со износ од – до, затоа што кај одредена личност таквиот страв може да доведе до сериозни последици по здравјето имајќи ја предвид, пред сè, возраста на оштетениот, а потоа и другите индивидуални карактеристики кои ги поседува секоја личност, од кои би зависело различното влијание на таквиот настан на психата на секој човек посебно“, нагласува Јовановски.

„Во конкретниот случај првостепениот суд ги задолжува тужените Град Скопје и ЈП Комунална хигиена на оштетениот да му надоместат нематеријална штета во износ од 250.000 денари, што е за нијанса повисок износ од износите кои вообичаено ги досудуваат нашите судови, но сепак истиот е прениско определен за ваков вид на последица од штетниот настан, особено имајќи ја предвид неизвесноста на времетраењето на последицата, како и можноста за евентуални дополнителни штетни последици кои можат да произлезат со текот на годините“, истакнува адвокатот Огнен Јовановски.

Од друга страна, додава адвокатот, во однос на висината која странките ја определуваат како нематеријална штета треба да се напомене дека и самите странки се на некој начин ограничени при определување на штетата која ќе ја побаруваат со тужбата бидејќи од тоа зависи и висината на трошоците на постапката кои треба да ги надоместат, па најчесто странките се одлучуваат да побаруваат помал износ на штета само поради финансиска неможност да поднесат повисоки трошоци на постапката.

„Од истата причина во конкретниот случај не е вложена жалба на одобрениот износ од 250.000 денари од страна на првостепениот суд, поради што сметам дека судот не треба по инерција секогаш да определува драстично помал износ од бараниот со тужбата, туку напротив во конкретниот случај требал да го усвои тужбеното барање во целост, затоа што тоа, поради високите трошоци во постапката, и така беше прениско поставено, односно беше поставено на износ од 540.000 денари. Затоа сметам дека во ваквите предмети наместо судовите да ја определуваат штетата провизорно и движејќи ја висината на штета во онаа рамка која ја има воспоставено судската пракса, тие треба да водат сметка за секој случај поединечно бидејќи штетата од каснување од куче за некого е само мал стрес, додека за друг може да биде со фатални последици“, образложува Јовановски.

М.В