/ Прочитано:

1.556

Судска контрола над законитоста: Лица опфатени во истрагите на СЈО се жалеле за претресите. СЈО тврди сите претреси се вршени со судска наредба

Адвокатот Никола Додевски, којшто се јавува како бранител на поголемиот број лица опфатени во истражните постапки кои ги има отворено СЈО, вели дека барањето за судска контрола над законитоста е една од можностите на одбраната за контрола на дејствијата што ги презема Обвинителството.

Основен суд Скопје 1

Од почетокот на годинава, дури 10 лица побарале од Основниот суд Скопје 1 Скопје да изврши судска контрола над законитоста. Како што информираат од Судот, според статистичките податоци, во Одделението за организиран криминал – претходна постапка поднесени се вкупно 10 барања за испитување на законитоста на дејствијата или мерките.

Сите 10 барања се однесуваат на дејствија или мерки што ги презема Специјалното јавно обвинителство, велат од Кривичниот суд.

Во Одделот кривично – претходна постапка, пак, биле поднесени 5 барања, од кои едно е поднесено од адвокат за испитување на законитоста на дејствијата или на мерките што ги презема СЈО, а останатите четири барања се за испитување на законитоста на дејствијата или на мерките што ги презема Основното јавно обвинителство Скопје или Министерството за внатрешни работи.

Ваквата можност е предвидена во членот 290 став 1 од Законот за кривичната постапка. Според Законот, лицето кое смета дека со преземањето на некое од дејствијата е повредено некое негово право, во рок од осум дена од дознавањето за преземањето на дејствието може да поднесе жалба до судијата на претходна постапка, кој е должен со решение да одлучи за законитоста на дејствието или мерката, со што лицето не се ограничува во правото да поднесе кривична пријава и во правото својата правна заштита да ја остварува на друг начин.

Адвокатот Никола Додевски, којшто се јавува како бранител на поголемиот број лица опфатени во истражните постапки кои ги има отворено СЈО, вели дека барањето за судска контрола над законитоста е една од можностите на одбраната за контрола на дејствијата што ги презема Обвинителството.

Од Специјалното јавно обвинителство велат дека барањата за испитување на законитоста на дејствијата или на мерките што ги преземаат, а кои биле препратени до нив од Судот, се однесуваат на две барања на кои се жалеле странките во постапките што ги води СЈО:

Нова зграда на СЈО

  • претресите што ги вршело Специјалното јавно обвинителство и
  • непреземање дејствија за запирање на постапката по аболицијата од претседателот на РМ, Ѓорге Иванов

Обвинителката Ленче Ристоска вели дека нејасни се барањата за испитување на законитоста на начинот на кој СЈО ги спроведувало претресите кај лицата опфатени во истрагите бидејќи секоја претрес бил извршен со судска наредба.

Покрај тоа, странките барале од Судот да констатира дека се запрени постапките  што ги отвори Специјалното јавно обвинителство откако беше донесена одлуката на Иванов за помилување на 56 лица, политичари и нивни соработници.

Ристоска потенцира дека Судот не може да констатира запирање на постапката. Тоа може да го направи јавниот обвинител кој ја иницира постапката пред суд.

„Во аболицијата на Претседателот немаше наведено рок во кој треба да биде запрена одредена постапка, но и покрај тоа ние и јавно кажавме дека не се преземаат никакви истражни дејствија поврзани со лицата опфатени во аболицијата“, вели Ристоска.

Дополнително е нејасно како може странките да бараат запирање на предистражна постапка кога само Специјалното јавно обвинителство е запознаено со предистражните постапки што ги води.

Според ЗКП, по испитувањето на законитоста на преземените дејствија, судијата на претходната постапка донесува решение кое се доставува до јавниот обвинител и до подносителот на жалбата. Против ова решение е дозволена жалба до советот од членот 25 став (5) на овој закон, кој е должен да постапи по жалбата во рок од три дена.

Иако постапките се иницирани во различни периоди во текот на оваа година, како што информираат од Судот, досега судија на претходната постапка нема донесено одлука за ниедно едно барање за испитување на законитоста на дејствијата или на мерките што ги преземаат обвинителствата.

М. С.