Судска одлука за лекување од слобода и реинтегрирање, наместо континуирано задржување во психијатриска установа само поради ментална болест
Македонското здружение на млади правници ја поздравува одлуката на Кривичниот совет при Основниот Кривичен суд изготвена и доставена до странките во јули 2021 година, а по завршената јавна седницаодржана во април 2021, со која се уважува предлогот на ЈЗУ Психијатриска болница Скопје-Скопје за замена на мерката-Задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа со мерката-Задолжително психијатриско лекување на слобода спрема А.Ц на возраст од 27 години.
Всушност, ова е една од ретките одлуки преку која Советот дал предност на слободата и заштитата на поединечниот интерес на лицето наместо на лишувањето од слобода, односно наместо неоснованото задржување на лицето во психијатриска установа само поради неговата ментална болест. Преку оваа одлука праксата на одлучување во ваквите предмети е подигната на повисоко ниво во однос на почитување на човековите права и слободата на поединецот која е фундаментално право без разлика на попреченоста.
Следува краток опис за предметот.
Од 2015 година, А.Ц сега на возраст од 27 година (тогаш на возраст од 21 година) бил задржан на лекување во здравствена установа со изречена мерка за безбедност-Задолжително психијатриско лекување и чување определена да се извршува во психијатриска болница Скопје за сторено кривичнодело.
Во декември 2019 година, од страна на стручниот тим на ЈЗУ Психијатриска болница Скопје е поднесен предлог до Кривичниот совет за замена на мерката- Задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа со мерка-Задолжително психијатриско лекување на слобода. Предлогот се темели на психијатриски вештачења и испитувања на здравствената состојба на лицето при што од страна на судско психијатрискиот одбор во болницата едногласно е одлучено дека се исполнети условите лицето да се лекува на слобода. Дополнително стручниот тим во предлогот го нагласил и подобреното однесување на лицето во болницата како и неговата желба за продолжување на средното училиште, интерес за учество во уметнички проекти кои се релевантни за вклопување во социјалната средина за живеење.
Сепак, независно од едногласното тврдење на стручните лица дека се исполнети условитеА.Ц да се лекува на слобода, Советот во својата одлука од месец февруари 2020 година сметал дека имајќи го предвид и видот, карактерот и тежината на делото, предлогот мора да се одбие како неоснован.
Од страна на МЗМП обезбедена е правна помош и застапување на А.Ц, преку неговата мајка определена како старател, од страна на адвокат Татјана Донеска во судската постапка и постапката по жалба пред Апелациониот суд во Скопје. По вложената жалба, и покрај укажувањата дека одлуката е спротивна на член 527 став 1 од КЗ како и на праксата на ЕСЧП, од страна на Апелациониот суд Скопје на 01.10.2020 година е донесена одлука со која е потврдено решението на Кривичниот Совет при Основниот Кривичен суд Скопје.
Од страна на МЗМП е поднесена апликација до Европскиот суд за човекови права за повреда на член 5 од ЕКЧП. Наводите се дека судот го повредил член 527 став 1 од К3, според кој:,, По службена должност или по предлог од здравствената установа или од органот за старателство, а по испитување на јавниот обвинител, судот што во прв степен изрекол мерка на безбедност задолжително психијатрископекување и чување во здравствена установа ќе ја запре оваа мерка и ќе определи отпуштање на сторителот од здравствената установа, ако врз основа на мислењето на лекарот утврди дека престанапапотребата од лекување и чување на сторителот во таа установа, а може да определи негово задолжително психијатриско пекување на слобода.,,
Дополнително, првичната одлука е спротивна на праксата на ЕСЧП, особено предметот Трајче Стојановски против Македонија во кој е утврдена повреда на член 5 од ЕКЧП поради тоа што апликантот тврдел дека неговото континуирано држење во психијатриска болница е незаконско, затоа што судовите погрешно ги темелеле своите одлуки на полициски извештаи наместо на ставови на болницата како единствен релевантен доказ за неговата ментална состојба. Мислење на болницата било дека менталниот недостатак на жалителот е од трајна природа, дека немало нарушувања на редот и дека тој е третиран со блага медицинска терапија, и дека ако е под континуиран психијатриски надзор, тој би можел да биде ослободен.
По поднесената апликација, Судот во Стразбур доставил известување во кое се наведува дека предметот е заведен и истиот ќе биде приоритетно разгледан. Истото, од страна на адвокатот е доставено до Советот, кој е поттикнат повторно да го разгледува предметот при што повторно е поднесен нов предлог од ЈЗУ Психијатриска болница Скопје-Скопје за замена на мерката-Задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа со мерката-Задолжително психијатриско лекување на слобода.
Во втората одлука, Советот целосно го променува својот став при што наведува дека задржувањето на лицето во здравствена установа не е оправдано и дека целта може да се постигне со примена на помалку тешка мерка– Задолжително психијатриско лекување на слобода.
Конечно, Советот ќе наведе дека клучно за донесување на поблага мерка е предлогот на ЈЗУ Психијатриската болница Скопје-Скопје кој е заснован на резултатите на медицинскиот третман како и исказите на вештите лица во установата. Оттаму, Советот со својата одлука дава предност на заштита на поединечниот интерес на лицето, во смисла на побрзо и поефикасно ресоцијализирање и реинтегрирање на лицето, притоа истовремено имајќи го во предвид и јавниот интерес.