/ Прочитано:

1.896

Судска полиција: Доколку нема договор со надлежните, ќе протестираме во јуни!

Понеделник, 27 мај 2013 – Судската полиција повторно се огласи со барања до министерот за правда Блерим Беџети и претседателката на Судскиот совет, Александра Зафировска поради како што велат неисполнување на нивните права предвидени во Законот за судска служба, откако се уште не добиле одговор на писмата што им ги испратија пред еден месец. Доколку за еден месец не им се исполнат барањата на судските полицајци, од Одборот за судска полиција најавуваат протест во втората половина на јуни, протестот очекуваат да го подржат околу 120 судски полициски службеници. 

Претседателот на Одборот за судска полиција, Драган Јосевски, денеска на прес-конференција рече дека бараат исполнување на нивните права согласно Законот, односно исплата на надоместокот за работа за време на празници и во денови на одмор, како и исплата на надоместокот за работа изложена на висок ризик.

„Доколку до втората половина на јуни не добиеме одговор на нашите барање и не се договориме со надлежните, од 100 до 120 полициски службеници ќе излезат на протест. Дотогаш ќе се организираме да бидат сите полицајци известени за ситуацијата и протестот што го планираме. Освен тоа што не се почитува Законот за судска служба, бараме и негови измени. Сите полциски службеници кои имаат висок ризик на работа поседуваат бенефициран стаж, освен судската полиција“, вели Драган Јосевски, претседателот на Одборот за судска полиција.

Пред еден месец, судската полиција преку две писма поднесе барања до министерот за правда и претседателката на Судскиот совет во кои го наведуваат своето незадоволство.

Нивното конкретно барање е да се донесе Правилник според кој нивната плата ќе се зголеми за 20%, а исто така да бидат бодувани согласно нивниот степен за образование. Во зависнот од работата на судот, во барањето наведуваат дека треба да се зголемат платите, а да им бидат исплатени и сите празници кои ги работат. Правилникот требало да биде донесен во рок од 6 месеци откако Законот за судска служба стапил на сила, но тоа се уште не е направено.

Во писмата до надлежните пишуваа дека не се почитува Уредбата за времетраењето на облеката, чевлите и посебната лична опрема. Посочуваат дека се доведени во ситуација, сами да се снаоѓаат за чевли, и да позајмуваат делови од облека и опрема од припадниците на МВР што според нив повеќе наликува на „башибозук“ отколку на унифицирана служба.

На крајот, на претседателката на Судскиот совет на РМ и порачуваат дека доколку не им ги исполнат барањата, тие своите права ќе ги бараат преку тужби и протести пред Министерството за правда, Владата и пред Судскиот совет на РМ.

Министерот за правда, пак, преку писмо го известија за нивното барање да се смени постојниот Закон за судска служба односно хиерархиски да се бодува нивната работа според степенот на образование. Нивна болна точка е тоа што се единствена служба во државата кои работат ризична работа, а не им е признаен бенефициран стаж како што имаат полициските припадници на МВР, па дури и шумска полиција.