/Прочитано:

775

Судската пракса – обврзувачко, но занемарено правно сфаќање и извор на судското правo

Во последните 10 години, судскиот систем во Република Македонија поминува низ коренити реформи коишто ќе влијаат на структурата и на рутината на судовите. Последните новини од реформскиот процес, коишто потекнуваат од општествениот и реформскиот развој, почнувајќи од 2010 година, главно се сосредоточени на воведување суштински елементи на англосаксонскиот правен систем во македонскиот судски систем, се вели во истражувањето на Центарот за правни истражувања и анализи, кој го спроведува проектот „Поддршка за воспоставување на унифицирана судска пракса во македонскиот правен систем“.

pravosudstvo-zakoni-jazik-e1392813463351.jpg

Судската пракса е занемарен извор на судско право во Република Македонија

Како што се посочува во истражувањето на Центарот за правни истражувања и анализи, воведувањето на суштински елементи на англосаксонскиот правен систем во македонскиот судски систем постепено го претвора правниот систем во мешан систем, со што се отстапува од чистиот континентален правен систем.

„Во процесот на реформирање на судството, голем број значајни сегменти од претходниот федеративен социјалистички судски систем беа потценети и занемарени, вклучувајќи ги, меѓу другото, специјализираните судски надлежности, како и унификацијата на судската пракса. Имено, една од најзапоставените теми во македонскиот судски систем е статусот и значењето на судската пракса. Во 90-тите години, како и денес, се обрнува многу малку внимание на пресудените случаи (res judicata), а унифицираната судска пракса, како обврзувачко сфаќање во правната сфера (opinion juris), беше во значителен степен занемарена. Со други зборови, може да се каже дека судската пракса е занемарен извор на судското право во Република Македонија“, велат од ЦПИА.

Правото коешто го создаваат судските одлуки е поприродно

Ваквото однесување на судството, додаваат од ЦПИА, произведе многу проблеми во судската пракса.  Тоа е така бидејќи, како што посочува професорот Светомир Шкариќ, „правото коешто го создаваат судиите со своите одлуки (res judicata) има подобар квалитет и е поприродно отколку она што е создадено од страна на Парламентот. Компетентноста и етиката на судиите имаат поголемо значење кога станува збор за правото отколку легитимноста на политичката власт“.

Како што образложуваат од Центарот за правни истражувања и анализи, главните елементи на законите во поглед на статусот, како и различните прашања што се јавуваат во врска со судската пракса во македонскиот правен систем, се сместени во рамките на Уставот на Република Македонија , во Законот за судовите, како и во Законот за управување со движењето на предметите во судовите и во Законот за парничната постапка кој вклучува некои релевантни одредби што ги регулираат аспектите на судската пракса.

„Правно сфаќање“

„Кога се зборува за обврзувачката природа на одлуките на повисоките судови во однос на одлуките на пониските судови, треба да се земе предвид и членот 386 од Законот за парничната постапка. Имено, овој член предвидува дека пониските судови се обврзани да го следат ‘правното сфаќање’ на повисоките судови. Истиот дава основа за одлуките на Врховниот суд во случаи кога тој одлучува да укине претходни пресуди од пониските судови и да наложи повторно судење. Оттука, членот 386 од Законот за парничната постапка воведува нов правен термин т.н. ‘правно сфаќање’, којшто е прилично широк и кој има потреба од дополнително елаборирање и толкување. Таквото толкување е потребно за појаснување на овој правен термин. Воедно, тоа објаснување е потребно за да се разјасни дали тоа припаѓа кон толкувањето на материјалното право или на процедуралното право, или на обете, или дали едноставно се однесува на суштината на образложението на Врховниот суд, во случај тој да не навлегол во подробно толкување ниту на суштинските, ниту на процедуралните правни норми“ истакнуваат од Центарот за правни истражувања и анализи во своето истражување „Унифицирање на судската пракса во Македонија“.

Отсуството на експлицитна одредба во Законот за судовите

Од ЦПИА додаваат дека членот 98 став 2 од Уставот и, следствено, Законот за судовите одредуваат дека начелните ставови и правни мислења на Врховниот суд се обврзувачки за советите на Врховниот суд.

„Ова значи дека сите одлуки донесени од страна на највисокиот суд се обврзани од претходно утврден принцип и дека Врховниот суд при правораздавањето за сите оспорувани пресуди на пониските судови, треба да го следи овој принцип. Ова понатаму значи дека евентуалната конечна одлука ќе го следи овој принцип, без оглед на тоа дали пониските судови пресудиле поинаку, но ова би одземало повеќе време. Со други зборови, доколку не се следат овие принципи, пониските судови ја одолжуваат правдата и ги зголемуваат трошоците на судовите и на граѓаните, што не му служи на јавниот интерес. Нејасно е зошто отсуството на експлицитна одредба во Законот за судовите дека таквите ставови и принципи се обврзувачки за пониските судови, би било толкувано поинаку“, истакнуваат од Центарот.

Пресудите на Врховниот суд се често многу кратки

Според ЦПИА, јуриспруденцијата на Врховниот суд моментално е неспособна да унифицира, во смисла на доследност во примената.

„Дури и кога Врховниот суд би бил во можност да го промени своето мислење, општоприфатено размислување е дека сите пониски судови, главно, не се сметаат обврзани во однос на пресудите на Врховниот суд. Пресудите на Врховниот суд се често многу кратки или им недостига образложение, и затоа имаат мало значење како потенцијален водич во други случаи и  системот, таков каков што е, на правно известување во Македонија е толку сиромашен и бавен што пониските судови и потенцијалните или постојни странки во судските постапки често немаат можност да станат свесни за потенцијално релевантните пресуди на Врховниот суд кога е тоа потребно“, заклучуваат од Центарот за правни истражувања и анализи.

Од Центарот за правни истражувања и анализи велат дека без реформа на законите, во моментов не постои можност за постигнување доследност или унифицирање на јуриспруденцијата која би послужила како „право“ во македонскиот судски систем.

„Ако воопшто го има, придонесот што го прави Врховниот суд, или што треба да го направи, е да ги води и да ги надгледува пониските судови и на сите кои бараат правда пред нив да им осигури доследност, јасност и сигурност на правото низ целиот судски систем“, посочуваат од ЦПИА во своето истражување.

Да се заземе цврст став при толкување на законот, вклучувајќи го и Уставот

Од Центарот нагласуваат дека треба да се заземе цврст став при толкување на законот, вклучувајќи го и Уставот, за тоа дали преседанот може да се третира како извор на право или како средство за аргументирање.

„Без познавање на прецизните постапки на Судскиот совет, би било препорачливо Советот да воспостави работна група со претставници од судовите, од правните професии и универзитетски претставници кои би биле задолжени да подготват предлог за став кој би бил прифатен од страна на Советот. Се претпоставува дека таквиот став не би можел да биде обврзувачки за судовите или за судиите, но како официјална препорака на Судскиот совет усвојувањето на цврст став би можело да се очекува да го има потребното влијание.  Доколку е негативен заедничкиот став до тој степен постојните закони да ја забранат употребата на преседанот како извор на право или како средство за аргументирање, се препорачува Министерството за правда да размисли за предлог за измени на законите вклучувајќи го, доколку е потребно, и Уставот“ сметаат од Центарот за правни истражувања и анализи.

Главната улога во иницирањето треба да ја има Врховниот суд

Прашањето за ефектот на судската пракса, додаваат од ЦПИА, треба да биде адресирано во смисла на тоа дали е обврзувачко за пониските судови, и до кој степен, првично во однос на правните мислења и, поважно, начелните ставови дадени од страна на Врховниот суд, за да се избегнат какви било сомнежи при толкувањето. Главната улога во хармонизирањето, унифицирањето и воведувањето на националната јуриспруденција во согласност со постојната правна рамка, треба да ја има Врховниот суд, како највисока судска власт.

Од ЦПИА порачуваат дека некои промени треба да се разгледуваат во рамките на постојните закони, а преку промена во Законот на судовите и  другите релевантните закони.

„Треба да биде назначен судија задолжен за судската пракса, кој делумно или целосно ќе биде ослободен од својата работа за да може поефикасно да ја врши својата должност. Судијата задолжен за судската пракса ќе биде ослободен во поглед на квалитетот и квантитетот, кои се задолжителни за другите судии, за да може да се посвети на истражување на судската пракса како и да биде одговорен за целокупната замисла на судската пракса во рамките на конкретен суд и како лице за контакт со други судови. Треба да се воведат механизми во рамките на моменталните процедурални закони – правни лекови  или да се вратат укинатите механизми за да можат да стигнат повеќе предмети до Врховниот суд на Македонија, како највисок суд, со цел да бидат тестирани“, порачуваат од Центарот за правни истражувања и анализи.

Да се развие пракса на експлицитно повикување на судската пракса

Во истражувањето на Центарот се вели дека судовите во Република Македонија треба да ја развијат праксата на експлицитно повикување на судската пракса која била користена како средство за аргументирање.

„Доколку не се развие оваа пракса, многу е веројатно дека ресурсите што се инвестирани при објавувањето на јуриспруденцијата на интернет-страниците на судовите нема да бидат ништо повеќе од трошење средства. Имено, без да се направи повикување на судската пракса која е користена како средство за аргументирање на одредена судска одлука, објавувањето на јуриспруденцијата во огромна мера ќе ја загуби сопствената важност, особено во контекстот на зголемување на правната сигурност и создавање на соодветна средина за достигнување каква било унификација на судската пракса“, велат од Центарот за правни истражувања и анализи.

Од ЦПИА го нагласуваат и значењето на базата на податоци и потребата од брзо достапна и поефикасна интернет-страница на судовите, интернет-конекции како средство за обезбедување основни податоци.

УНИФИЦИРАНА СУДСКА ПРАКСА И ПРАВИЧНО СУДЕЊЕ: Судиите да носат конзистентни одлуки, напишани на разбирлив начин

M.В