/ Прочитано:

1.805

Судската пракса во однос на заштитата на правото на слободно движење и нееднаквиот третман кон Ромите на граничните премини

Хелсиншкиот комитет за човекови права, Македонското здружение на млади правници и здружението на граѓани „КХАМ“ Делчево денеска информираа за наодите од досегашното водење на судски постапки за заштита од дискриминација врз основа на етничка припадност, со фокус на дискриминацијата врз Ромите на граничните премини во државата.

foto akademik

Невоедначеност и спортивставеност на судските одлуки

„Од 2011 па до денес, постои проблемот со уставноста и законитоста на постапувањето на граничните служби при Министерството за внатрешни работи на РМ (МВР), кои, при вршењето на граничните контроли, расно ги профилираат и спречуваат излез од државата на македонски државјани со образложение дека постои сомнеж дека овие граѓани ќе го злоупотребат безвизниот режим и ќе бараат азил во некои од државите од Шенген-зоната. Ваквото постапување започна во 2011 година и со него, во најголем дел од случаите, се засегнати граѓаните од ромската етничка заедница. Од овие причини, припадниците на ромската етничка заедница побараа заштита од судовите во Република Македонија (РМ), како и од Уставниот суд на РМ, од причина што сметаа дека им се повредени уставногарантираните права на слободата на движењето и еднаквоста. Судовите, постапувајќи по овие тужби, односно барања, донесоа невоедначени и понекогаш целосно спротивставени одлуки. Во дел од одлуките на судовите опишаното постапување е оценето како незаконско и дискриминирачко, додека во останатите одлуки судовите не наоѓаат никакви повреди или не идентификуваат процесни пречки за понатамошно постапување. Ваквата невоедначеност и спортивставеност на судските одлуки делумно може да се припише на недоволно јасните правни импликации на процесот на пристапување на РМ кон ЕУ и воспоставувањето на безвизниот режим меѓу РМ и државите од Шенеген-зоната, од една страна, и врз правата и слободите утврдени со Уставот на РМ, од друга страна“, беше истакнато на денешниот настан во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Македонското здружение на млади правници и Здружението на граѓани „КХАМ“ Делчево.

foto akademik

Поради ова, велат од МЗМП, Хелсиншкиот комитет за човекови права и „КХАМ“ Делчево, јавноста треба да биде известена за судските одлуки кои не овозможуваат заштита на основните човекови слободи и права, пред сè, слободата на движење и правото на еднаквост, но и кои го ограничуваат пристапот до правда.

Засновање на судски одлуки врз прописи што се неважечки во правниот систем на Република Македонија

„Особено загрижува тоа што, речиси во сите пресуди со кои се одбиваат тужбите на граѓаните кои биле засегнати од спорното постапување, судовите се повикуваат на пропис што нема правна сила во РМ, а тоа е т.н. ‘Шенген бордер код’ (Шенгенски граничен кодекс). Покрај ваквото очигледно противуставно постапување, постои и конфузија меѓу судиите за природата на овој пропис. Дел од судовите го сметаат овој пропис за меѓународен договор, иако не е,  а некои одат дотаму што не прават разлика меѓу овој пропис и Шенгенскиот договор, што се два целосно различни правни документи. Во една од првостепените пресуди според судот и „РМ е земја потписничка на Шенгенскиот договор“. Зошто повикувањето на овој пропис од страна на судовите е погрешно? Судска одлука во РМ може да се заснова само врз основа на Устав, закон и ратификуван меѓународен договор. Шенгенскиот граничен кодекс е регулатива на Европската Унија (ЕУ) со која се воспоставуваат правила на заедницата со кои се уредува движењето на лица преку границите. Регулативата е правнообврзувачки пропис што има непосредно и директно правно дејство на целата територија на ЕУ“, истакнува Гоце Коцевски  од Македонско здружение на млади правници.

Тој образложува дека регулативата е правнообразувачка за државите кои се членки на ЕУ. Република Македонија не е членка на ЕУ и, во согласност со тоа, до зачленувањето во ЕУ, регулативите на ЕУ не се извор на правото во РМ и одлуките и дејствијата на државните органи и судовите не можат да бидат засновани на нив.

foto akademik

Дополнително, со оваа регулатива се уредува преминувањето на границите на ЕУ, а не и излегување од границата на земја која не е членка на ЕУ. Во ниту еден ратификуван меѓународен договор меѓу РМ и ЕУ или државите членки на ЕУ, РМ се нема обврзано на директна примена на овој пропис.

Невоедначена судска пракса

Зекир Абдулов од „КХАМ“ Делчево вели дека во пресудите со кои се уважуваат тужбените барања од тужбите за утврдување на дискриминација на граница, судот прифаќа дека за излез од РМ е потребна само патна исправа, односно пасош, а не и дополнителни документи во согласност со шенгенската регулатива, бидејќи правото на слободно движење  е гарантирано со Уставот и тоа може да биде ограничено по строго дадени услови  според членот 27 став 3 од Уставот на РМ, а правото на еднаков третман е загарантирано со членот 9 од уставот на РМ.

„Во пресудите во кои се одбиваат тужбените барања или се преиначуваат првостепените судски пресуди за дискриминација, судовите заземаат став дека работата на  полициските службеници не претставува повреда на ставање во нееднаква положба или нееднакво постапување кон тужителите заради нивната етничка припадност, односно дека не се дискриминирани, и во целост го применуваат членот 5, точка- Ц од Шенгенскиот граничен кодекс, во кој, меѓу другото, се вели дека ‘за влез во земјите на ЕУ е потребно да се оправда целта и условите за престојот и да имаат доволно средства за престојот…’ Членот 5 се однесува на условите за влез на државјани од трети земји, што значи дека членот е неприменлив при излез на државјаните на РМ кои сакаат да патуваат  надвор од Македонија. Во образложението на овие пресуди е константно присутно тоа дека услов за излез во земјите на ЕУ е и поседување гарантно писмо во согласност со Шенгенскиот граничен кодекс, меѓутоа според Анексот 1 – Докази за утврдување  за исполнување на условите за влез, НИКАДЕ не стои дека е потребно гарантно писмо како услов. Посебно индикативно е што се повикуваат на членот 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, а ја занемаруваат суштината на овој член, во кој јасно е кажано дека шенгенската регулатива е неприменлива во РМ, Овие пресуди ја третираат шенгенската регулатива и како закон и како договор, иако се работи за уредба на Европскиот совет и Комисија, што за Македонија е незадолжително и се применува со правна сила поголема од Уставот и законите што го третираат ова право“, посочува Абдулов.

foto akademik

Ограничување на пристапот до правда

Неда Чаловска од Хелсиншкиот комитет за човекови права истакнува дека во дел од првостепените пресуди донесени од страна на Основниот суд Скопје 2 Скопје, Основниот суд Велес и Основниот суд Берово, судиите неосновано дозволиле надомест на трошоци на Министерството за внатрешни работи.

„Имено, Министерството како тужен во постапките беше застапувано од страна на вработени лица – правници во Министерството, а по претходно добиено заменичко полномошно од страна на Државното правобранителство. Во донесените пресуди судиите се повикуваат на членот 148 од Законот за парнична постапка кој се однесува на надомест на трошоци на адвокати, но не и на вработени лица во правните субјекти кои се тужители или тужени. Судот може да дозволи трошоци единствено кога државните институции кои се странка во постапката ги застапува државен правобранител, а во согласност со членот 17 од Законот за државното правобранителство. Во овој член е наведено дека трошоците за застапување на државниот правобранител се определуваат според Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите. Средствата наплатени на име трошоци за застапување се приход на Буџетот на Република Македонија. Од ова произлегува дека судовите незаконски дозволуваат да му бидат надоместени трошоци за застапување на Министерството, иако фактички е застапувано од вработени лица кои веќе добиваат плата од Буџетот на Република Македонија. На оваа линија е и Основниот суд во Битола, кој во една првостепена пресуда го одбива барањето за надомест на трошоци за подготовка на поднесоци и застапување на Министерството за внатрешни работи, поради тоа што било застапувано од правници вработени во Министерството“, вели Чаловска.

foto akademik

„Вака донесените одлуки се на штета на граѓаните кои одлучуваат да поведат судски постапки за заштита од дискриминација поради тоа што дополнително им го ограничуваат и онака тешкиот пристап до правдата, особено на оние што се наоѓаат во социјален ризик. Имено, дискриминацијата не е внесена како основа за стекнување со правото на бесплатна правна помош, во согласност со Законот за бесплатна правна помош, ниту, пак, е предвидено ослободување од судски трошоци за овие постапки во Законот за спречување и заштита од дискриминација“, додава Неда Чаловска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

M.В