/ Прочитано:

1.101

Организација на судовите во Турција

1. Граѓанските судови од прв степен се поделени на судови со општа јурисдикција и  посебни судови.

  • Судовите со општа јурисдикција се поделени на две подгрупи: (1) Sulh Hukuk судови и (2) Asliye судови – во секоја општина е надлежен најмалку по еден од овие судови. Sulh Hukuk судовите  работат на случаи одредени со статут, останати се во надлежност на Asliye судовите. Во секој таков суд има еден судија претседавач. Во големите градови и општини Asliye судовите се назначени и како трговски судови ( Asliye Ticaret судови). Таквите имаат надлежност конкретно во трговски случаи. Случаите кои се во тек во Asliye Ticaret судовите се доделуваат на панел составен од тројца судии.
  • Посебните судови се формираат за специјални намени.  (1) Судовите за работни односи (İş Mahkemeleri), имаат исклучиво надлежност во спорови кои произлегуваат од работниот однос на вработениот и работодавецот, во побарувања покренати согласно Законот. (2) Ревизорското тело (ERA или İcra Tetkik Mercii ) работи на случаи кои се на некој начин брзи постапки. Во местата каде што нема İcra Tetkik Mercii , улогата ја превзема локалниот  Asliye Hukuk суд. (3) Судовите за потрошувачи функционираат од 2000- та година и работат со предмети во однос на одговорност за производите како и со  спорови помеѓу корисникот и давателот на услугата или производот.
  • Високи судови – Апелациониот суд (Yargitay)  е суд за апелација и во граѓански и во кривични спорови. Делот за граѓански спорови во Апелациониот суд се состои од 21 Граѓански совет и секој од нив има панел од 5 судии каде еден од нив е назначен за претседавач. Дополнително, секој совет има одреден број т.н. „истражни судии“ (Tetkik Hakimi) чија должност е да ги разгледуваат сите тековни случаи и сите доставени докази и за панелот да подготват извештај и советодавно мислење. Сите членови на  Граѓанскиот совет го формираат Генералното собрание за Граѓански работи (Hukuk Genel Kurulu / HGK). Одлуките на HGK се сметаат за прецедентно право.
2. Кривичните судови се состојат од судови со општа надлежност и посебни судови.
  • Судовите со општа надлежност ги вклучуваат: (1) Мировните судови (Sulh Ceza судовите), (2) Кривичните судови во прв степен (Asliye Ceza судовите) и (3) Високите кривични судови ( Ağır Ceza судовите). Првите два се судови со 1 судија. Во третиот, претседава панел составен од 3 судии.
  • Посебните судови вклучуваат: (1) Уставен суд (само кога постапува како кривичен суд со надлежност да суди за високо рангирани државници како Претседател, или Министри), (2) Судови за државна безбедност, (3) Сообраќајни судови и (4) Судови за малолетници. Овие судови се справуваат со работи кои посебно се уредени во законите кои служат како основа за нивно формирање. На пр. Сообраќајните судови се формирани врз основа на Актот за сообраќај на автопатите од 1983.
  • Апелациониот суд – Yargitay во кривичните случаи се состои од 11 совети. Тело кое е соодветно на HGK во кривичните случаи е Генералното собрание за кривични случаи (Ceza Genel Kurulu/ CGK).
3. Управните судови вклучуваат: (1) Судови од прв степен (İdare судови), (2) Регионални управни судови (Bölge İdare судови) и  (3)Државен совет / Државен врховен совет (Daniştay). Управните судови имаат надлежност во спорови кои вклучуваат дејствa на администрацијата.

4. Други судови се:

  • Уставниот суд (Anayasa Mahkemesi) е највисокото судско тело во Република Турција чија примарна должност е за се осигура дека легислативата не е спротивна на Уставот. Доколку се тврди дека некој закон го крши Уставот, истиот може да се разгледува пред Уставниот суд кој ќе го покрене прашањето за уставноста. Друга функција на Уставниот суд е да им суди на членови од извршните области, т.е. на Претседателот, на Премиерот, Mинистрите,  доколку Парламентот го отстрани нивниот имунитет.
  • Посебен кривичен судски систем за воени прашања. (1)Воен апелационен суд е Askeri Yargitay. Освен сличноста со името, воениот апелационен суд нема никакви други сличности со граѓанскиот или кривичниот апелационен суд. Тој е независен суд чија надлежност е ограничена на дела сторени од или против членовите на војската. (2) Пониските судови се наречени Воени судови (Askeri Mahkemeler).
  • Судот за конфликти(Uyuşmazlık Mahkemesi) разрешува конфликти во однос на надлежност, помеѓу граѓанскиот судски систем и управниот судски систем. Доколку постои несогласување во однос на тоа дали одредено прашање треба да биде изнесено пред граѓанскиот или пред управниот суд, по прашањето за надлежноста одлучува Судот за конфликти.Турското право овозможува страните да може да се договорат споровите да ги решаваат по пат на меѓународна арбитража, која што може да се спроведе во турските судови.