/ Прочитано:

2.222

СУДСКИ СОВЕТ: Три суда во Македонија добија нови претседатели

Заминувањето на судијката Петрова од Апелациониот суд Штип во Основниот суд Виница, како и смртта на судијата Стојанчо Атанасов, според Мирјана Гоцевска-Стефановска ќе го доведе Апелациониот суд Штип во колапс бидејќи недостасуваат судии.

Седница Судски совет

Судскиот совет на Република Македонија на денешната седница избра претседатели на три судa во Македонија.

По распишување на огласот за избор, претседатели беа избрани за Основниот суд Кратово, за Основниот суд Виница и за Апелациониот суд Гостивар.

Како што информираше Мери Дика-Георгиевска, член на Советот, на огласот за избор на претседател во Основниот суд Кратово се пријавиле двајца кандидати, но поради тоа што едниот од нив не продолжил со психолошкото тестирање, прифатена е кандидатурата само на еден кандидат.

Судијката Ружица Здравковска, која доаѓа од Основниот суд Кратово, беше единствената кандидатка. Како што напомена Дика-Георгиевска, судијката е оценета со висока оценка и ги исполнува законските услови. Советот едногласно ја избра Здравковска за нов претседател на Основниот суд Кратово.

Судијката Васка Петрова, од Апелациониот суд Штип, беше единствениот кандидат за претседател на Основниот суд Виница. И за неа беше истакнато дека има високи оценки и дека ги исполнува законските услови за избор. Советот едногласно ја избра Петрова за нов претседател на Основниот суд Виница.

На огласот за претседател на Апелациониот суд Гостивар бил пријавен само еден кандидат, и тоа досегашниот претседател судијата Шефает Хајдари. И нему членовите на Судскиот совет му дадоа поддршка за уште еден мандат како претседател.

По направениот избор, претседателот на Советот, Зоран Караџовски, информираше дека починал судија од Апелациониот суд Штип, кој подолго време бил на боледување.

Заминувањето на судијката Петрова од Апелациониот суд Штип во Основниот суд Виница, како и смртта на судијата Стојанчо Атанасов, според Мирјана Гоцевска-Стефановска ќе го доведе Апелациониот суд Штип во колапс бидејќи недостасуваат судии.

„Апелациониот суд Штип е во незавидна состојба бидејќи ќе остане со два совета од Граѓанскиот оддел, а другите совети се исто така нецелосни. Потребен е избор на нови судии за да може Судот да функционира. Од постојните 18 судии, ние со систематизацијата го намаливме бројот на 16 судии, со што јас и тогаш не се согласив, но со последните промени Судот останува да функционира со одвај 10 судии“, рече Гоцевска-Стефановска и апелираше Судскиот совет да ја разгледа оваа состојба и во најскоро време да биде распишан оглас за избор на нови судии.