/ Прочитано:

1.276

Судскиот процес „Дива Населба“ зад затворени врати

На денешното рочиште и на следните рочишта кои се закажани во текот на месец ноември ќе бидат презентирани транскрипти и извештаи од посебните истражни мерки на Управата за безбедност и контраразузнавање во врска со настаните во кумановската Дива Населба, од 9 и 10 мај минатата година, поради што рочиштата ќе бидат затворени за јавноста.

Судење „Дива Населба“, прво рочиште

Судскиот процес против 29 обвинети во случајот „Дива Населба“ продолжува денеска во Врховниот суд. На денешното рочиште и на следните рочишта кои се закажани во текот на месец ноември ќе бидат презентирани транскрипти и извештаи од посебните истражни мерки на Управата за безбедност и контраразузнавање во врска со настаните во кумановската Дива Населба, од 9 и 10 мај минатата година, поради што рочиштата ќе бидат затворени за јавноста.

Во предметот „Дива Населба“ обвинети се 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела терористичко организирање од членот 394-а и тероризам од членот 394-б од Кривичниот законик. Судењето започна на 9 февруари, а на досегашните рочишта обвинетите се произнесоа дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар и беа сослушани бројни сведоци на Обвинителството: роднини и соседи на обвинетите и полициски службеници учесници во дводневните вооружени престрелки.

На почетокот на јуни целиот процес почна одново откако Обвинителството со овој случај го спои и предметот „Молња“, во кој осум лица се обвинети дека обезбедувале логистичка поддршка за кумановската група.

Во настаните во Куманово животите ги загубија осум припадници на специјалните полициски единици, а 37 беа ранети, додека во борбите со полицијата беа убиени 10 члена на вооружената група.

А. Б.