/ Прочитано:

1.044

Судскиот процес на векот го руши угледот на модерна Германија: тајните служби заплеткани во мрежата на радикалниот неонацистички камп

Врховниот суд на германската сојузна покраина Баварија ја почна историската постапка против членството на десноориентираната екстремистичка и терористичка група „Националсоцијалистичко подземје“ (НСУ). На првообвинетата Беате Чепе и на четворица други сторители им се товарат десет убиства, два бомбашки напада и најмалку петнаесет банкарски грабежи, сите изведени во периодот помеѓу 2000 година и 2007 година. Обвинителниот акт е изнесен на вкупно 488 страници. Историскиот судски процес, сред одлуката на првообвинетата да се брани со молчење, наголемо отвора сомнежи за ставот на германската држава кон радикализмот и, уште повеќе, за можното учество на тамошните тајни служби и на полициските снаги во крупни неонацистички подвизи. Хајко Функе, професор по политички науки и експерт за десноориентиран екстремизам, допрва очекува изненадувања од текот на судскиот процес и потцртува дека мора да му уследи праведна пресуда ако се намерува на искоренување на радикализмот од земјата.

Почетокот на „процесот на векот“, очекувано, беше проследен со огромен медиумски интерес. На првиот ден од главниот претрес, 6 мај 2013 година, пред судската зграда во Минхен, уште од раните утрински часови чекаа стотици новинари од целиот свет. Од друга страна, бројот на посетителите заинтересирани за следење на процесот не се совпадна со процените од претходно дека ќе биде огромен. Најгласни меѓу нив беа демонстрантите што бараат беспоговорно расветлување на серијата убиства извршени од НСУ, критикувајќи ја вмешаноста на тајните служби и на полициските снаги во неонацистичката сцена. Наспроти големиот број вакви барања, Сојузното обвинителство излезе на пресконференција со сосема спротивно тврдење: истражната постапка не наишла на докази дека органи на државната управа би можеле да бидат вмешани во кривичните дела на НСУ. Наводната неволност на властите за разоткривање на случаите е сè повеќе на удар на теоретичарите на завера, а многумина од разноразните лобисти се обидуваат да провоцираат уште од самиот почеток, со надеж дека ќе го привлечат кон себе вниманието на медиумите.

Првообвинета е Беате Чепе, којашто заедно со двајца од другите обвинети, Уве Мундлос и Уве Бенхарт, живеела во Германија под лажен идентитет: таа се смета за еден од главните дејствувачи на терористичкото „Националсоцијалистичко подземје“. Истражителите го открија постоењето на групата дури во 2011 година; претходно, нивните активности биле исклучиво поврзувани со организиран криминал. Сојузното јавно обвинителство настојува да докаже дека Чепе е единствената преживеана на „Националсоцијалистичкото подземје“ и дека била соучесник во злосторствата, но не како непосреден сторител на местото на настаните, туку како главен посредник и како добро упатен информант. Според обвинителниот акт, таа ментално ги поддржувала Мундлос и Бенхарт и дејствувала во заднината како организатор на нивниот живот, прикривајќи го движењето на двајцата сторители и обезбедувајќи им засолниште. Нивните жртви, главно, се со турско потекло, а застапено е и уште едно лице со грчка националност, како и една жена-полицаец. Покрај тоа, Сојузното обвинителството се сомнева дека Чепе е одговорна и за петнаесет вооружани грабежи, а едновремено тврди и оти таа самата ја запалила куќата во градот Цвикау, каде што членството на НСУ правело планови за акција.

Едногодишната истрага на случајот ја водеа десетмина јавни обвинители и над четиристотини службеници на Сојузната криминалистичка служба при германското Министерство за внатрешни работи. Во текот на истражната постапка, на распит се повикани околу 1200 сведоци, а прибавени се и околу 6800 докази. Мнозинството докази потекнуваат од урнатините на куќата во Цвикау, којашто Чепе лично ја кренала во воздух пред да ѝ се предаде на полицијата. Во целиот сплет на стекнатите околности, само една личност може да го разврзе Гордиевиот јазол на децениското неонацистичко дејствување на радикалната група во Германија: првообвинетата Чепе. Откако доброволно им се предаде на полициските власти на 8 ноември 2011 година, кога изјави дека ништо нема да премолчи, Чепе го прави токму обратното: од обвинението се брани со молчење и тешко е да се предвиди дали во текот на постапката воопшто ќе се реши да проговори. Низ германската јавност, всушност, од поодамна кружат шпекулации дека некој од горниот државнички ешалон ѝ заповедал да молчи. Според германскиот Закон за кривичната постапка, обвинетиот не само што може да молчи, туку мора јасно да биде поучен на тоа право. Само по себе, тоа претставува елементарен дел од кривичната постапка, а причината е едноставна: никој не мора да се наштети себеси.

Изненадувањата допрва следуваат

Кусо откако беше откриена екстремистичката група, круговите упатени во проблематиката почнаа да изнесуваат на виделина сомнежи дека Беате Чепе била кодош на германските тајни служби. Локалниот германски печат уште во 2011 година пренесе дека Чепе, најверојатно, била прикривана и штитена од страна на државата, со што ѝ бил оставен сигурен простор, меѓу другото, директно да ги информира германските безбедносни служби за плановите на радикалната неонацистичка сцена. Во тоа време, се вели, користела дури пет различни имиња. Сепак, со ваквиот тек на судската постапка, извесно е дека ниту оваа шпекулативна верзија не ќе може да се преиспита или, уште помалку, да се докаже во догледно време. Тајните служби се децидни во своето тврдење: ниту еден од тројцата членови на НСУ не биле вработени или на каков било друг начин поврзани со нив. Оттаму, ако е точно дека неонацистичката група навистина имала во своите редови лица од безбедносните служби, Чепе има уште една силна причина да остане нема пред Врховниот суд и да ја прикрие поддршката на државата за неонацизмот. Хајо Функе, професор по политички науки на Слободниот универзитет во Берлин и експерт за десноориентиран екстремизам, го поздравува обновувањето на експертската комисија при Германскиот Бундестаг за расветлување на неонацистичкиот случај и допрва очекува изненадувања од текот на постапката.

„Во преден план стои неопходноста, судската постапка засебно да ја утврди вината на секој од обвинетите. Во натамошната постапка на прибавување докази може да се покаже потребата од проширување на обвинението, а мошне веројатно е дека ќе има и други одделни судски процеси произлезени токму од овој. Сигурно ќе ни бидат приредени изненадувања: можеби од повиканите сведоци, можеби од непредвидливите искази на обвинетите. Најважно, во секој случај, е да се донесе праведна пресуда! Жртвите, сосема природно, бараат праведност: по цели десет години активизам на НСУ, не смее да преовлада впечатокот дека некој може да убие без да помине неказнет. Во исто време, мора да се има на ум дека и парламентарците во анкетните комисии и истражувачките новинари сакаат да ја знаат вистината. Без оглед на тоа што оваа година ни претстојат парламентарни избори, сметам дека обновувањето на анкетната комисија за расветлување на неонацистичкиот случај навреме ќе придонесе во потрагата по одговори, особено во однос на прашањето зошто безбедносните служби потфрлиле во својата работа“, порачува Функе.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено на: 23.05.2013