/ Прочитано:

911

Судскиот процес против параолимпиецот Писториус се одложува за август

Вторник, 4 јуни 2013 – Судскиот процес против параолимпиецот Оскар Писториус, кој е обвинет за убиство на својата девојка, по првото сослушување оди во следна фаза. Светските медиуми пишуваат дека најверојатно ќе дојде до одложување на процесот до месец август.

Првото сослушување во процесот „Писториус“ веројатно не би требало да трае подолго од десет минути. Јавното обвинителство најави дека побарало одложување на процесот за да може да продолжи со истрагата за убиството на Рива Стенкамп. Според обвинителството, ноќта меѓу 13 и 14 февруари оваа година, спортистот ја убил својата девојка во неговата вила во предградие на Преторија. 

Копјата се кршат меѓу одбраната која упорно тврди дека обвинетиот е невин и пукал мислејќи дека станува збор за провалник, и обвинителството кое остана на ставот дека Писториус ја убил со умисла откако претходно следеле расправии. 

Во својот исказ, во февруари оваа година, Писториус наведе дека најпрво двајцата лежеле во креветот во спалната, потоа тој станал и се упатил кон балконот за да ја затвори вратата. Слушнал необични звуци кои доаѓаат од тоалетот за кои што тврди дека мислел дека се работи за провалник. Како што појасни го земал сопствениот пиштол, испукал 4 куршуми кон вратата од тоалетот, а потоа кога се вратил во спалната забележал дека неговата девојка не е во креветот. Во тој момент се освестил дека можеби деојката се наоѓа во тоалетот, кршејќи ја вратата со крикет палка  провалил во тоалетот, но веќе било доцна. Рива Стенкамп починала во неговите раце.

Меѓутоа, сведоци го побиваа исказот на јуфноафриканскиот спринтер. Како сведок се појави шефот на истрагата, Хилтон Бота, кој прв стигнал на местото на злосторството. На судот му појасни дека постои сведок кој вечерта меѓу 02:00 и 03:00 часот на 14.02.2013 слушал викотници кои доаѓаат од станот на Писториус, при што дал изјава на полицијата. Според исказот на сведокот, тој се упатил до балконот, слушнал неколкукратно врескање на жена, а потоа и испукување на неколку куршуми.

Неколку дена по сведочењето детективот Бота, тој се соочи со обвинение за обид за убиство поради отв0рање оган врз минибус во кој се наоѓале 7 лица, па поради тоа е тргнат од случајот. Бота е обвинет дека во 2009 година, заедно со двајца други полицајци во алкохолизирана состојба пукале во минибус кој не ја послушал наредбата да застане.