/ Прочитано:

1.744

Судскиот совет иницира донесување на посебен закон за вработените во судската власт

Годишниот извештај за работата на Судскиот совет е во собраниска процедура. Судскиот совет, во согласност со членот 100 од Законот за Судскиот совет,  за својата работа поднесува годишен извештај до Собранието, кој јавно се објавува и се доставува до сите судови.

„Во текот на 2019 година, Советот избираше и разрешуваше судии, судии поротници и претседатели на судови, утврдуваше престанок на судиска функција, утврдуваше нестручно и несовесно вршење на судиската функција, изврши редовно оценување на судиите и претседателите на судовите, ги разгледуваше и ги оценуваше тримесечните и годишните извештаи за работа на судовите, одлучуваше за времено упатување на судиите во друг суд, за одземање на имунитет, одлучуваше по барање за одобрување на притвор на судија, вршеше работни посети на судовите, како и други работи утврдени со закон“, се посочува во извештајот.

Законската регулатива да се применува доследно

Во 2020 година, се додава понатаму во извештајот, Советот ќе се залага за доследна примена и постапување по одредбите од донесената законска регулатива, ќе ги следи состојбите во судството и ќе поднесува предлози за подобрување, ќе ја следи работата на судиите и претседателите на судовите, континуирано ќе ја следи примената на законите и ќе поднесува иницијативи за изменување и дополнување на законската регулатива, ќе ја унапредува соработката на институциите на судска власт со другите чинители во земјата и светот, ќе се залага за транспарентност и отчетност во работата на Советот, ќе се залага за подобрување на капацитетите на судството и ќе даде поддршка на судиите во ситуации кога е загрозен нивниот интегритетот при вршењето нивната функција.

Посебен закон за вработените во судската власт

Судскиот совет бара поактивно вклучување на претставници на судската власт во креирањето на законските прописи кои се применуваат во судството. Судскиот совет, исто така, ќе иницира донесување на посебен закон за вработените во судската власт. Со ваквиот закон, образложуваат од Судскиот совет, ќе се регулира статусот, класификацијата, вработувањето, унапредувањето, стручното усовршување и оспособување, мерењето на ефектот и други прашања во врска со работниот однос, вклучувајќи ги вработените во Советот, Академијата за судии и јавни обвинители, како и помошно-техничкиот персонал.

Потребата од донесувањето на ваков закон произлегува од поделбата на власта која е регулирана со Уставот на Република Северна Македонија: Во посебна глава – судство, е наведено дека судската власт ја вршат судовите. Во истата глава во членот 104 од Уставот на РСМ е регулиран составот и мандатот на членовите и надлежноста на Судскиот совет на РСМ.

Намален бројот на претставки

Во текот на 2019 година, Советот постапуваше по вкупно 554 претставки. Од вкупно 554 претставки, на седница се разгледани 502 претставки, од кои 500 се неосновани и 2 се основани.

„Споредбено, во 2019 година е намален бројот на претставки бидејќи Советот во текот на 2018 година постапуваше по вкупно 754 претставки. Ова се должи на фактот што во текот на 2019 година согласно новиот Закон за Судскиот совет на Република Северна Македонија, поднесени се поголем број на барања за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд, односно согласно овој закон подносител на барање може да биде секое полнолетно физичко лице, правно лице, државен орган и други органи и институции“, образложуваат од Судскиот совет.

Податоци за престанок на судиската функција

Во текот на 2019 година, се вели понатаму во извештајот,  утврден е престанок на судиската функција по сите основи предвидени со закон, и тоа: кај 12 судии е констатиран престанок на судиската функција поради исполнување на услови за старосна пензија, кај 1 судија е утврден престанок на судиската функција поради смрт,  кај 1 судија е утврден престанок на судиската функција поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција, за што постапка правосилно заврши во февруари 2019 година.

„Како резултат на спроведеното редовно оценување, од страна на Судскиот совет на РСМ се донесени одлуки за оценка на работата за 2017 и 2018 година на вкупно 500 судии. Од вкупниот број на оценети судии, 452 судии се оцените со оценка „многу добар“ или 90,40%, 42 судии се оцените со оценка „добар“ или 8,40 %, 5 судии се оцените со оценка „задоволителен“ или 1 % и 1 судија се оценет со оценка „незадоволителен“ или 0,20 %. Поднесени се вкупно 32 барања за повторно оценување на работата на судиите. По предлог на Комисијата за спроведување на повторно оценување (во која не може да учествуваат членовите кои го спровеле редовното оценување), Советот на седница на Судскиот совет на Република Северна Македонија донесе одлуки, и тоа: 1 барање е отфрлено како ненавремено, 9 (девет) барања се усвоени и 22 (дваесет и две) барања се одбиени како неосновани.

Оценети се вкупно 30 претседатели на суд, 4 претседатели се оценети со оценка „многу добар“ или 13,33%, 16 претседатели се оцените со оценка „добар“ или 53,33 % и 10 претседатели се оцените со оценка „задоволителен“ или 33,33 %.

Поднесени се вкупно 7 барања за повторно оценување на работата на претседателите. По предлог на Комисијата за спроведување на повторно оценување (во која не може да учествуваат членовите кои го спровеле редовното оценување), Советот на седница донесе одлуки, и тоа: 3 (три) барања ги усвои и 4 (четири) барања ги одби како неоснован“, се посочува во извештајот кој може да се преземе на следниот линк.

М.В