/ Прочитано:

4.118

Судскиот совет на РМ донесе Одлука со која ставаат вон сила сите активни огласи за избор на судија или претседател на суд

Во согласност со ваквата одлука, всушност се поништува и огласот за избор на претседател на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, каде што вршител на должноста претседател во моментов е судијата Стојанче Рибарев.

Членовите на Судскиот совет на Република Македонија на вчерашната седница донесоа Одлука со која се ставаат вон сила сите активни огласи за избор на судија или претседател на суд, поради повторно огласување на изборот на судија, односно претседател на суд. Во согласност со ваквата одлука, всушност се поништува и огласот за избор на претседател на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, каде што вршител на должноста претседател во моментов е судијата Стојанче Рибарев.

Инаку, Судскиот совет на Република Македонија информира дека на 259. седница што се одржа вчера одлучи и за следново:

Усвоен е Годишниот извештај за работа на Судскиот совет на Република Македонија за 2016 година.

Донесени се одлуки за избор на претседатели на судови и тоа на:

  • Основен суд Гевгелија е избрана Злата Попова, судија на Основен суд Гевгелија;
  • Основен суд Свети Николе е избран Тодор Поп Панев, судија на Основен суд Свети Николе;
  • Управен суд е избран Бурим Сејдини, судија на Управен суд;
  • Основен суд Крушево е избрана Домника Зерде Курета, судија на Основен суд Крушево.

Во Основниот суд Куманово не е избран претседател, бидејќи пријавените кандидати не го добија потребното мнозинство гласови.

Донесена е Одлука со која за вршител на должност – претседател на Основен суд Ресен се определува Емељ Кранли Али, судија на Основен суд Ресен.

Констатиран е престанок на функција на судии поротници во Основен суд Берово, по предлог на претседателот на судот, поради истек на мандатот за кој се избрани.

Донесена е Одлука за избор на судии –поротници на Основен суд Берово.

Констатиран е престанок на функција на судии поротници во Основен суд Свети Николе, по предлог на претседателот на судот, поради истек на мандатот за кој се избрани.

Донесена е Одлука за избор на судии поротници на Основен суд Свети Николе.

Донесена е Одлука за избор на судии поротници на Основен суд Радовиш.

Донесена е Одлука за времено упатување за вршење на судиска функција на судија Шукри Сабриу од Основен суд Скопје 1 Скопје во Основен суд Гостивар, најдолго за период од 1 година од денот на упатувањето.

Донесени се одлуки со кои се определени известители од редот на членовите на Судскиот совет на Република Македонија, по поднесени барања за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција од Советот за утврдување на факти и покренување постапка за утврдување одговорност за судија.

Донесено е Решение за престанок на судиската функција на Даница Павлоска, судија на Основен суд Прилеп, поради навршени 64 години.

Донесено е Решение за престанок на судиската функција на Анка Хаџи Ристеска, судија на Основен суд Прилеп, поради навршени 64 години.

Радмила Карановиќ, судија на Основен суд Скопје 2 Скопје, е номинирана за член во Националното координативно тело против семејно насилство.