Судскиот совет на РМ наскоро ќе закаже седница по повод оставката на в.д. претседателката на Основниот суд Скопје 1 – Скопје
Во текот на денешниот ден, Судскиот совет на Република Македонија ќе преземе мерки за адекватно решавање на настанатата ситуација, ќе бидат извршени анализи и во најкраток можен рок ќе биде закажана седница по повод поднесената оставка на в.д. претседателката на Основниот суд Скопје 1 – Скопје.
Судскиот совет на Република Македонија информира дека судијката Татјана Михајлова вчера, на 7.3.2017 година, со писмен поднесок го известила Судскиот совет на Република Македонија дека поднесува неотповиклива оставка на функцијата в.д. претседател на Основен суд Скопје 1 – Скопје.
„Во текот на денешниот ден, Судскиот совет на Република Македонија ќе преземе мерки за адекватно решавање на настанатата ситуација, ќе бидат извршени анализи и во најкраток можен рок ќе биде закажана седница по повод поднесената оставка на в.д. претседателката на Основниот суд Скопје 1 – Скопје“, се вели во соопштението на Судскиот совет на Република Македонија.
Досега нема официјална информација за причините за оставката на судијката Михајлова. Нејзиниот потег следува откако осуммина судии поднесоа жалби до Врховниот суд во врска со годишниот распоред кој го изготви токму Михајлова, по што тие беа прераспоредени на нови работни места.
Врховниот суд ги прифати жалбите на седуммина од осумте судии и ги врати на старите работни места.
Судијката Татјана Михајлова ја извршуваше функцијата вршител на должност претседател на Основниот суд Скопје 1 – Скопје од 5 декември 2016 година, откако на поранешниот претседател Владимир Панчевски мандатот му истече на 4 декември, но повторно се кандидираше за истата позиција.
А. Б.