/ Прочитано:

1.751

СУДСКИОТ СОВЕТ ЗА ВЛИЈАНИЈАТА И ПРИТИСОЦИТЕ ВРЗ СУДИИТЕ: И адвокатите и Фејсбук вброени како „влијателни“

Во организација на Судскиот совет на Република Македонија денеска се одржа Четвртата тркалезна маса на теми посветени на заштита на судиите од мешање во нивната независност и можните влијанија врз судството.

akad 2

Немешање во надлежностите

Говорејќи за улогата на Судскиот совет и на највисоките судови во заштитата на судиите од мешање во нивната независност, претседателот на Судскиот совет на РМ, Бранко Ушковски, пред присутните судии истакна дека Судскиот совет ги врши своите функции во согласност со Уставот и дека го има потребниот капацитет за квалитетно исполнување на својата функција, насочен е и кон подобрување на законските решенија, кон зголемување на квалитетот и ефикасноста на судовите и кон зголемување на довербата во судскиот систем од страна на граѓаните.

„Судскиот совет ја обезбедува и ја гарантира заштитата на независноста на судската власт од мешање во нејзината надлежност преку остварување на своите функции во согласност со Уставот и со законите, а применувајќи го и почитувајќи го  уставното начело за поделба на власта на законодавна, извршна и судска. ­ Овој принцип на немешање во надлежностите го обезбедуваме со строго почитување на односите со другите две власти, но и во однос на политичките партии, државните и сите други институции и центри на моќ“, рече Ушковски.

Судијата да пријави ако некој му врши притисок

Влатко Самарџиски, член на Судскиот совет, кој се осврна на можните влијанија врз судството, укажа дека за заштита на судската независност потребно е доследно да се почитува и да се обезбеди начелото на поделбата на власта, во смисла на тоа дека извршната власт треба да има волја да се штити независноста на судството, додека, пак, законодавната власт да носи закони што се во согласност со начелата и со уставните положби за независност на судството.

Самарџиски додаде дека судијата треба да биде независен и во својата фела  и дека самата судската власт треба да ја штити независноста на судијата кој „мора да пријави ако некој му врши притисок“.

„Но, судијата треба да биде храбар. Срцето на независноста на судијата е во неговата храброст. За да може да биде независно судството, секој судија поединечно треба да биде независен“, нагласи Самарџиски, додавајќи во таа насока дека од големо значење е изборот на најдобрите судии според мерит системот.

„Критикуваат за да добијат гласови“

Според Самарџиски, неаргументираните напади врз судството често доаѓале од политичките партии, но и од медиумите.

akad 2

„Политичките партии, без разлика дали се опозициски или не, склони се кон критицизам за да придобијат повеќе гласови“, истакна Самарџиски. Тој додаде дека и медиумите често прикажувале еден судија во едно или друго светло.

„Судиите се чувствителни на тоа, немаат механизми како да се спротивстават на тоа. Затоа тие велат и дека медиумите им ја нарушуваат независноста“, рече Самарџиски.

И кривичните пријави од адвокатите се притисок

Исто така, Самарџиски додаде дека и кривичните пријави поднесени од адвокатите за судиите се притисок и влијание врз работата на судиите и судството. Според Самарџиски, адвокатите, како странки во одреден случај, еднострано ги претставувале работите. Но, членот на Судскиот совет подвлече дека како влијание треба да се сметаат и коментарите на социјалните мрежи во врска со некоја необјавена пресуда или некој предмет. Според Самарџиски, адвокатите, како странки во одреден случај, еднострано ги претставувале работите.

Влијанието на судиите – твитерџии

„Уште пресудата не е донесена, закажана е јавна објава, во меѓувреме некој пишува на твитер и на фесјбук. Не е исто ако некој има твитер или фејсбук и е странка, не може на народ да му затвориш уста, но друго е кога самите судии, судската или обвинителска власт коментира нешто што работел судот. Тоа е веќе друга тежина“, рече тој.

Судијката Антоанета Димовска, говорејќи за начинот на оценување на судиите, рече дека секогаш треба да се има предвид работното искуство на судијата, како постапува и како се бори со одредени ставови на повисоките судови и колку всушност држи до своето мислење, а во насока на правично одлучување.

Таа истакна дека законите не секогаш  ја покриваат животната ситуација и затоа судијата треба да ја реши таа ситуација, што исто така говори за неговата ефикасност и праведно и правично судење.

Судиите што не чинат, да не судат

„Можам да се согласам дека ако има судии што не чинат, треба да се работи на тоа тие да не судат, но не можам да се согласам дека сите судии не чинат“, рече Димовска, упатувајќи критика кон, како што рече, луѓето што не знаат каде е физички судот, а даваат оценка за судовите.

akad 2

Димовска повика да се направи соодветна анализа во однос на судската независност, да се видат компаративните примери, а на прашањето за корупција да му се пристапи со сериозност затоа што тоа е сериозно прашање и бидејќи е паушално да се каже дека сите судии се корумпирани.

Најобјективно не може да се оцени судијата

Дел од присутните судии истакнаа дека не секогаш оценувањето на судиите може да се спроведе врз, како што подвлекоа, поени и математика. Во таа насока членката на Судскиот совет Александра Зафировска додаде дека никаде во светот на постоела најобјективна оценка на судијата.

„Најобјективно не може да се оцени судијата. Секогаш има објективи фактори, и да речете овој е добар, а овој е подобар. Ни во светот не постои најобјективна оценка на судии, тоа го потврдуваат и меѓународните искуства“, подвлече Зафировска.

М.В