/ Прочитано:

1.347

Судско досие – база на податоци со сите информации за предметите на СЈО

Коалицијата Сите за правично судење, во партнерство со Радио МОФ, го имплементира проектот Судско досие, чија цел е зголемување на степенот на транспарентност на институциите, односно судовите, како и подобрување на довербата на граѓаните во судството во Република Северна Македонија. Проектот се спроведува во рамките на програмата „Action SEE“, финансирана од ЕУ, а спроведувана од Фондација „Метаморфозис“.

На веб-страницата креирана во рамките на проектот „Судско досие“ објавени се 20 досиеја на судски предмети кои содржат: општи податоци за предметот, за текот на главната расправа, за пресудата, за второстепената постапка, а исто така за дел од предметите и јавни реакции на Коалицијата. Други информации кои можете да ги следите на страницата се и времетраењето на предметите, испитувањето на сведоците во постапката, одложените и одржаните рочишта, како и причините за нивното одложување, доказите предложени од обвинителството и одбраната во предметите, и други информации битни за текот и за водењето на овие постапки.

Секое од судските досиеја е претставено со инфографици кои содржат карактеристични и впечатливи информации генерирани од самите судски рочишта, како на пример:

кој предмет е со најголема должина (предметот „Насилство во Општина Центар“), а кој сè уште трае;

во кој предмет имало најдолго испитување на сведок (предметот „Таргет – Тврдина“ ) и колку временски траело (на 5 судски рочишта);

кој предмет е со најголем број на одржани рочишта досега („Тарифа“), кој предмет е со најголем број на одложени рочишта (предметот „Тотал“ ) и сл.

Иако страницата е комплетна, таа е само почетна фаза од она што сакаме да го постигнеме во иднина. Ако страницата се покаже како корисна, планираме да ја надградиме не само со сите високопрофилирани предмети кои ги следи Коалицијата, туку и со редовни предмети кои ги следи организацијата редовно и систематски.

Линкот до веб-страницата е: http://sudskodosie.all4fairtrials.org.mk/

М.В