/ Прочитано:

1.386

Судско одобрување и надзор врз интрузивни методи за прибирање на информации во Република Македонија

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка со Центарот за демократска контрола на вооружените сили во Женева – ДЦАФ, одржа Тркалезна маса на тема: „Судско одобрување и надзор врз интрузивни методи за прибирање на информации во Република Македонија“.

На денешниот настан присуствуваа судии, јавни обвинители и претставници од сите релевантни институции, пред кои се обратија Алеш Залар – поранешен словенечки министер за правда, Минка Крехо – судијка, претседател на кривичен оддел во Босна и Херцеговина, Улрих Нахтлбергер – судија за жалби и претседавач во Регионалниот суд за кривични работи во Виена, Австрија, претставникот од Здружението на судии на РМ Андреј Божиновски и британскиот амбасадор Чарлс Гарет.

Пред присутните на настанот беше нагласено дека тркалезната маса има за цел да обезбеди платформа за дискусија меѓу клучните национални чинители од правосудството, од Собранието и од извршната власт околу клучните прашања поврзани со судското одобрување и надзор врз интрузивните методи за прибирање на информации од страна на разузнавачките и безбедносните служби во Република Македонија.

Интрузивните методи за собирање информации (ПИМ), како што се тајно следење или следење на комуникациите, се користат во европските земји за борба против сериозниот криминал, тероризмот и спречување на опасностите за државната безбедност.

„Употребата на ПИМ е посебна, исклучителна моќ што им ја даваат државите на неколку избрани безбедносни и разузнавачки институции, кои, последователно, се концентрираат на значителна количина на моќ, што може да биде застрашувачко за другите приватни или државни органи во извршувањето на нивните функции“, беше истакнато на денешната тркалезна маса.

„Појдовната точка во осигурувањето на меѓународните гаранции за независно и непристрасно судство е имплементацијата на стандардите за праксата на Европскиот суд за човекови права во однос на примената на посебните истражни мерки како алатка во борбата против организираниот криминал и корупција. Само независни судии ослободени од разните видови на притисоци и влијанија, особено од другите две власти, медиумите, политичките партии или од внатре по системот на хиерархија можат да обезбедат ефикасна заштита на човековите права при примена на овие мерки кои можат да доведат до сериозно нарушување на правата и слободите“, рече Анета Арнаудовска, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители.

„ПИМ се изведуваат во тајност, без познавање на целта, и од тие причини треба да се внимава да не се загрозуваат основните човекови права. Нивното прекршување, без соодветна судска контрола и парламентарен надзор, го загрозува владеењето на правото и ја поткопува довербата на граѓаните во државата, истакна судијката на Врховниот суд на РМ Рахилка Стојковска.

М.В