/ Прочитано:

2.973

„СУПЕРИОРЕН ЕЛИКСИР НА БЕСМРТНОСТА“ – Законските измени за легализација на марихуаната во медицински цели пред пратениците

Владата на Република Македонија во Собранието на Република Македонија ги поднесе најавуваните измени и дополнувања на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, или во јавноста познат како „Закон за легализација на марихуаната во медицински цели“.

akad 4

Најнови научни и медицински сознанија

Целта на измените и дополнувањата во Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции е да се овозможи одгледување на коноп и користење на екстракти од коноп за медицински и научни цели, а, како што се арументира во законското образложение, со легализацијата на производите од канабис јасно и недвосмислено ќе се дефинираат  условите на производство, контролата и прометот.

„Имајќи ги во вид најновите научни и медицински сознанија за употребата на препаратите од коноп во медицински цели, како и фактот дека сѐ повеќе болни во Република Македонија ги купуваат на црно, се наметнува потреба за регулирање на одгледувањето, преработката, прометот и пропишувањето на препаратите на база на коноп во медицински цели“, вели предлагачот на Законот, Владата на Република Македонија, во образложението на законските измени.

„Супериорен еликсир на бесмртноста“

Во законските измени, покрај потребата од легализација на марихуаната во медицински цели, се говори и за историјатот на примената на канабисот во медицински цели, кој започнува со цитат од Бенџамин Френклин:

„Најдобриот доктор е оној кој препишува најмалку лекови“.

Понатаму во законското образложение се додава дека „постојат пишани докази за медицинска употреба на семињата од коноп (канабис) кои датираат уште 3700 години п.н.е“.

„Со векови наназад ова растение е познато како ‘супериорен еликсир на бесмртноста’, но сепак западната медицина го открила неодамна. Употребата на овие растенија во традиционалната медицина е документирана во голем број земји во светот за третман на затегнати (згрчени) мускули, конвулзии, астма, депресија, болка, гадење и повраќање, како и за стимулација на апетитот. Дел од светскипознатите фармацевтски компании денес, пред повеќе од еден век биле меѓу првите продавачи на медицинска марихуана“, се вели во образложението.

Досега никој не починал како директен резултат на консумирањето канабис

Канабисот, се посочува во образложението на законските измени, е еден од најбезбедните лекови достапни денес, а литературните податоци потврдуваат дека речиси и да не постои летална доза на канабис.

„Во тек на илјадници години од човековата историја, нема востановено ниту еден смртен случај од употреба на канабисот. Никој досега не починал како директен резултат на консумирање канабис или концентрирано масло од канабис. Смртоносна доза на THC кај луѓето се постигнува, со околу 680 килограми од канабис, консумиран во рок од 15 минути (приближно), а едновремено, студиите укажуваат на тоа дека ефективната доза на THC е најмалку 1000 пати пониска од проценетата смртоносна доза (терапевтски сооднос од 1000:1). За споредба, аспиринот, како еден од најстарите и најчесто администрирани аналгетици/антипиретици, има терапевтски сооднос 20:1; што значи дека дваесет пати повеќе од препорачаната доза (40 таблети) може да предизвика смрт, односно речиси сигурно да предизвика сериозни внатрешни крварења и оштетувања“, се истакнува во обарзложението.

Крај на драматичната дилема во корист на изборот – живот без болка

На болниот, се додава во образложението, не смее од страна на неговиот лекар да му се одземе правото на релевантна медицинска информација, како и правото на  избор – дали ќе се лекува само со конвенционални лекови (медицина базирани на докази), или ќе прифати и лекување со канабис, секако, доколку примената на канабисот е индицирана за конкретното заболување.

„Болниот мора да ја има вистината за она што го користи во правец на лекување, но и можните несакани ефекти при употребата на истото. За многумина овие производи се насушна потреба, шанса за продолжување на животот, можност за излекување, макар и психолошка.  Затоа, со регулирање на оваа проблематика ќе се стави крај на оваа драматична дилема во корист на изборот – живот со подобар квалитет, без болка, со позитивни прогнози за излекување“, се вели во образложението.

Правото на избор во лекувањето

Исто така, во законските измени се посочува дека „законската рамка ќе стави крај на ‘дивите’ производители, а на болните ќе им го обезбеди правото на избор во лекувањето, кое во секој случај не смее да биде самолекување, туку лекување со медицинска препорака, под медицински надзор“.

„Квалитетот ќе биде јасно потврден во однос на квалитативниот и квантитативниот состав на формулациите, со високософистицирани аналитички методи на идентификација и детерминација на компонентите од интерес, како и потврда на здравствената исправност, најмалку од аспект на строголимитирано присуство на тешки метали и микробиолошка чистота. Означувањето на производите ќе биде јасно регулирано да не ги доведува во заблуда корисниците дека се работи за ‘лек кој лекува сѐ’, да не наведува кон самолекување, ниту да сугерира замена на конвенционалната терапија која е медицински пропишана“, се вели во законското образложение.

ТЕКСТ НА ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА КАНАБИСОТ ВО МЕДИЦИНСКИ ЦЕЛИ: Дефиниции на коноп и масло од канабис, начин на одгледување, производство и казни

М.В