/ Прочитано:

1.663

Супервизија на пазарот на хартии од вредност

Супервизија на пазарот на хартии од вредност е едно од прашањата кое се образложува во Годишниот извештај за работата на Комисијата за хартии од вредност на РМ, кој  е доставен во Собранието на Република Македонија.

Во врска со супервизијата на овластените учесници на пазарот на хартии од вредност, од Комисијата велат дека во 2016 година биле поднесени вкупно 24 барања за заштита на акционерски права од физички лица кои се однесуваа на остварување права од хартиите од вредност (право на глас, дивиденда и сл.), доставување одлуки на собранија на акционери, необјавување извештаи согласно правилата за котација и ценовно чувствителни информации, исполнување критериуми за заедничко дејствување.

„Во таа насока, Комисијата во 2016 година го насочи своето внимание кон директен онлајн-мониторинг (во реално време) на реализацијата на тргувањето на берзата и вршење посредна и непосредна контрола на работењето на членките на Берзата во функција на откривање и санкционирање преземени забранети дејствија од страна на пазарните или овластените учесници“, се посочува во Извештајот.

Во текот на 2016 година во рамките на ваквата активност, Комисијата извршила вкупно 12 контроли. Од извршените контроли 5 се непосредни редовни контроли на работењето на овластените учесници на пазарот на хартии од вредност, а 3 посредни вонредни контроли на овластените учесници на пазарот на хартии од вредност.

Комисијата спровела и 4 непосредни вонредни контроли. Две од непосредните вонредни контроли се извршени на Централниот депозитар за хартии од вредност – АД Скопје и на Македонската берза – АД Скопје, а останатите две се спроведени заради утврдување кадровска, техничка и организациска оспособеност на овластениот учесник во постапка за добивање дозвола за работа од страна на Комисијата.

Комисијата при спроведување редовни контроли на работењето на брокерски куќи и овластените банки ја проверува законитоста во работењето на овластените учесници на пазарот на хартии од вредност заради примена на Законот за хартии од вредност и правилниците донесени врз основа на законот и правилата на саморегулирачките организации. Од спроведените контроли Комисијата во 2016 година не утврди неправилности во работењето на брокерски куќи и овластените банки.

 Од аспект на супервизијата на инвестициските фондови, Комисијата во текот на 2016 година извршила вкупно 3 контроли на работењето на друштвата за управување со инвестициски фондови, инвестициските фондови, како и на нивните поврзани лица.

Според законските надлежности, извршени се 2 редовни контроли во друштвата за управување со инвестициски фондови кои го опфаќаат севкупното работење на друштвата за управување со инвестициски фондови и на инвестициските фондови со кои тие управуваат. Истовремено, во 2016 година Комисијата извршила една вонредна контрола во две правни лица кои се поврзани со друштва за управување со инвестициски фондови.

Во текот на 2016 година Комисијата има донесено едно решение за отстранување утврдена неправилност кон друштво за управување со инвестициски фондови.

„Констатираната неправилност беше отстранета од страна на друштвото во дадениот рок. Истовремено, во текот на 2016 година Комисијата издаде една согласност за основање отворен инвестициски фонд, додека во рамки на разгледување кон крајот на 2016 година беше доставено барање за основање на уште еден отворен инвестициски фонд. Истовремено, Комисијата во текот на 2016 година има издадено 4 дозволи за директори на друштва за управување со инвестициски фондови“, велат од Комисијата за хартии од вредност.

Во текот на 2016 година Комисијата извршила супервизија и на акционерските друштва од аспект на Законот за преземање акционерски друштва. Според податоците,  биле извршени вкупно 6 контроли.

„Од сите спроведени контроли, Комисијата во текот на 2016 година донесе едно решение за ограничување на право на глас и дивиденда поради стекнување акции спротивно на одредбите од Законот за преземање на акционерски друштва и Правилникот за критериумите за утврдување на заедничко дејствување согласно Законот за преземање акционерски друштва“, посочуваат од Комисијата.

М.В