/Прочитано:

501

Свечена академија по повод 20 години постоење на нотаријатот во Република Македонија

Нотарската комора на Република Македонија денеска организираше Свечена академија по повод 20. годишнината од основањето на нотаријатот на Република Македонија. На денешниот настан свое  обраќање имаше претседателот на Нотарската комора Васил Кузманоски, министерката за правда Рената Дескоска, претседателот на Меѓународната унија на нотаријатите Хозе Мркуењо Де Лано и потпретседателот на Германската сојузна нотарска комора Ричард Бок.

Нотаријатот во Република Македонија се востанови во текот на 1996 година, со донесување на Законот за вршење на нотарските работи. Првите нотари во Република Македонија почнаа со работа на 15 јуни 1998 година, а набргу потоа, во август истата година, беше основана и Нотарската комора на Република Македонија, со цел да ја претставува професијата пред државните органи.

Започнувањето со работа на првите именувани нотари, беше истакнато на денешниот настан значеше воведување на една нова институција во правниот систем на државата – нотаријат, кој на 15 јуни годинава навршува успешни 20 години постоење и функционирање.

Воведувањето на нотаријатот во правниот систем на една држава, истакна претседателот на Нотарската комора, треба да се смета како дел од една стратешка реформа на правосудниот систем, чија примарна цел е изградба на функционален и ефикасен правосуден систем заснован на европските правни стандарди.  Во таа насока, воведувањето натаријатот во Република Македонија позитивно се одрази врз целокупното функционирање на правниот систем во државата.

„Како модерен јавен сервис на граѓаните, државните органи, правните лица и на другите заинтересирани субјекти, успешно одговори на потребата за остварување побрза, поефикасна и поевтина заштита на правата и на правните интереси, олеснување и побрзо одвивање на правниот промет, зголемување на правната сигурност и, секако, растоварување на правосудството по пат на избегнување спорови и по пат на пренесување одредени надлежности на нотарите од областа на вонпарничното постапување“,  рече Кузманоски.

Нагласувајќи ја улогата на нотарите во правниот систем, министерката за правда Рената Дескоска, истакна дека во следниот период ќе се работи на зголемена улога на нотарите во борбата против перењето пари и корупцијата, како и на процесот на забрзување на процесот на дигитализација на услугите што им се нудат на граѓаните.

Во врска со измените на Законот за нотаријатот, Дескоска подвлече дека  ќе се слушнат спротивставените аргументи и на нотарите и на адвокатите  со цел да се изнајде решение кое ќе биде во интерес на граѓаните и на заштитата на правната сигурност.

На Свечената академија беше резимирано дека постоењето на нотаријатот во РМ има посебно значење за меѓународноправните односи. Македонскиот нотаријат е вклучен во системот на латинскиот нотаријат преку прифаќање и имплементирање на неговите принципи, нешто што се потврди со приемот на Нотарската комора на Република Македонија во Унијата на латинскиот нотаријат на Конгресот во Атина на 30 септември 2001 година. Ова, подвлече претседателот на НКРМ, беше голема чест, но истовремено и голема обврска за нас – нотарите од Република Македонија.

М.В