/ Прочитано:

3.205

Свечено одбележан почетокот на обуката на VII генерација слушатели во Академијата за судии и јавни обвинители

Во Свечената сала на Врховниот суд се одржа свечена церемонија за одбележување на почетокот на обуката за слушатели на VII генерација во Академијата за судии  и јавни обвинители.

Во своето обраќање директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер-Дамјановска, ги потсети слушателите за големото значење на престижните професии судија и јавен обвинител и за нивната улога во креирање и унапредување на правосудниот систем. Меѓу другото, таа истакна дека Академијата со посебно внимание ги дизајнира своите програми, а воедно и води грижа за изборот на професионален и стручен тим составен од истакнати правници, професори и експерти кои ќе ги пренесат своите знаења со цел да ги пресретнат потребите на идните судии и јавни обвинители, односно слушателите на обуката на Академијата.

Директорката на Академијата подвлече дека едукативниот процес нема да биде лесен, дека од слушателите ќе се очекува многу, но исто така, таа изрази и длабоко верување дека тие веќе се подготвени да се соочат со новите предизвици. За крај, им упати порака да ги почитуваат и да ги негуваат колегијалните односи бидејќи релациите со Академијата ќе им останат дури и кога ќе бидат избрани за судии или јавни обвинители.

Од говорницата во Врховниот суд, честитки и поздравни зборови на слушателите им упати и министерот за правда на Република Северна Македонија, Бојан Маричиќ. Министерот за правда им порача на слушателите да го ценат својот избор и достојно, професионално и независно да ја извршуваат својата работа. Интегритетот е важен, како што истакна тој, на прагот сме пред ЕУ, и Поглавјето 23 е исклучително важно за нашата држава, додаде министерот и ги повика да дадат сѐ од себе и со сиот свој кредибилитет да бидат позитивните чинители во сферата на правосудството.

Маричиќ истакна дека судиите и обвинителите треба да уживаат највисок углед во општеството, но и дека новата генерација на судии и обвинители треба да внесе нова енергија во правосудството и да се докаже на дело.

Задача на идните судии и обвинители е да се погрижат законот да важи еднакво за сите, истакна министерот Маричиќ, кој дополни дека „власта“ која им е доделена на судиите и јавните обвинители е тесно поврзана со вредностите правда, еднаквост, непристрасност, вистина и слобода, и тие, како носители на правосудната власт, носат одлуки кои во голема мера ги засегаат животите на луѓето и овозможуваат нормално функционирање на општеството.

„Општество со бестрашни обвинители и судии може да стави крај на корупцијата и организираниот криминал, може да го подобри угледот на државата надвор и да ги задржи младите во државата бидејќи ќе знаат дека правосудниот систем функционира, а државата работи за нив и во нивно име. Правдата е во ваши раце и направете граѓаните да видат дека се прави! И запаметете, кога еден ден ќе ја поминете целата Академија и ќе бидете избрани, секогаш носете пресуди во име на граѓаните и немојте тоа да го заборавите затоа што ним им служите. Храброст, транспарентност и етика нека зрачат од вас и вашата работa“, истакна Маричиќ.

За в. д. претседателот на Врховниот суд, м-р Фаик Арслани, Академијата е успешен модел кој одлично функционира од моментот на нејзиното создавање до денес и таа се претвори во гарант за квалитетни и стручни судии и јавни обвинители. Тој истакна дека Врховниот суд е голем поддржувач на работата на Академијата и изрази задоволство што Врховниот суд може да даде свој придонес во активностите што ги развива и ги реализира Академијата. Претседателот на Врховниот суд упати честитки до слушателите и ги повика на професионално, етичко, независно и непристрасно вршење на нивните функции во иднина.

На свечената пригода на присутните накратко им се обрати и претседателот на Судскиот совет на Република Северна Македонија,  Киро Здравев, кој ја нарече Академијата регрутен центар на идни судии и јавни обвинители. Според Здравев, Академијата има исклучително важна улога во продуцирање на квалитетни кадри.

Тој исто така укажа на значењето на интегритетот на судиите и им порача на слушателите својата работа да ја вршат совесно и достојно, независно и професионално, онака како што доликува на професијата судија. Меѓу другото, претседателот истакна дека има недостиг од судии во Република Северна Македонија и дека многу позагрозени се помалите градови. Според него, не смее да се потценува тежината на работата на судиите од помалите градови бидејќи судиската работата е секаде подеднакво одговорна и сложена.

Со поздравен говор до слушателите се обрати и претседателот на Советот на јавните обвинители, Ацо Колевски. Како и претходните говорници и тој ги повика на чесно и совесно вршење на обвинителската функција. Упати честитки до Академијата за професионалноста и за резултатите што ги покажува сите изминати години. Посочи дека јавните обвинителства се соочуваат со сериозен недостиг од јавни обвинители, посебно во помалите градови, и изрази надеж дека многу набрзо јавните обвинителства во државата ќе можат да функционираат во полн капацитет.

За крај, тој сподели и совети со слушателите од позиција на претседател на Советот, но и како долгогодишен јавен обвинител, при што, нагласи дека за да ја извршуваат добро обвинителската функција, треба да знаат добро да го пишуваат диспозитивот на актот, како и посебно да внимаваат на правната квалификација на делата. Им порача да не брзаат со носење на актите, но сепак да ги почитуваат законските рокови.

Праксата на „телефонско правораздавање“ мора да остане зад нас – министерката за правда до идните судии и обвинители

Доделени дипломите на кандидатите за судии и обвинители на шестата генерација во почетната обука на Академијата

М.В