/ Прочитано:

1.878

СВЕЧЕНО ОДБЕЛЕЖАНИ ДЕНОВИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА АДВОКАТУРА: „Адвокатите се заштитници и борци за правда“

Во присуство на бројни претставници на регионалните и европските адвокатски комори, претставници на правосудството, на Владата на РСМ, на Министерството за правда, на Државното правобранителство, на Централниот регистар,  потоа претставници на академската заедница, на домашната адвокатура, како и пред бројни почитувачи на адвокатурата и правото, на 4 мај 2019 година, во хотелот „Инекс Горица“ во Охрид,  Адвокатската комора на Република Македонија свечено го одбележа јубилејот 74 години македонска адвокатура и го одржа 64. Годишно собрание на Комората.

Поаѓајќи од историскиот развој на македонската адвокатура, проткаен со имињата на епопејата на македонските адвокати револуционери чии дела се вградени во изградбата на македонската држава и адвокатура, на настанот беше нагласено дека историјата на македонската адвокатура е заснована врз исклучителниот ентузијазам и врз борбата за општествена правда, човекови права и слободи.

Континуитетот на македонската адвокатура низ различните времиња на нејзиното етаблирање, како што беше нагласено, секогаш се засновал врз идеите за заштита на правата и слободите, вредност која и во иднина мора да претставува водилка кон која ќе се стремат заштитниците на човековите права.

На свечената академија се обратија: претседателот на Адвокатската комора на РМ, Љубомир Михајловски, претседателот на Уставниот суд на РСМ, Никола Ивановски, државниот секретар во Министерството за правда на РСМ, Фатон Сељами, посебниот советник за правда во  Канцеларијата на претседателот  на Владата на РСМ,  Тања Чачарова-Илиевска, претседателот на Здружението на судии, Џемали Саити,  потпретседателот на Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа (CCBE), Ранко Пелицариќ, претседателот на Адвокатската комора на Србија, Виктор Гостиљац, претседателот на Адвокатската комора на Црна Гора, Здравко Н. Беговиќ, претседателот на Адвокатската комора на Косово, Осман Хаволи, потпретседателот на Адвокатската комора на Чешка, Петр Поледник, Денис Орлиќ, член на Управниот одбор на Адвокатската комора на Хрватска, Рија Кривоград, член на Управниот одбор на Адвокатската комора на Словенија, Валентина Адиркова, член на Вишиот адвокатски совет на Бугарија, и Пејчо Пејчев, член на Управниот одбор на Адвокатската комора на Софија.

Претседателот на Адвокатската комора на РМ, Љубомир Михајловски, во својот говор го истакна значењето на адвокатурата во општеството како уставна категорија која дејствува независно и самостојно, како и на соработката и партнерството со сите општествени чинители и странски адвокатски комори кои со своето присуство го направија настанот уште позначаен, и ги сподели со присутните досегашните постигнувања, како и идните предизвици на Комората.

„Перманентни беа напорите за донесување закони со кои се зголемува значењето на адвокатурата, нејзината улога во правниот систем, угледот и зголемувањето и враќањето на обемот на работа на адвокатите. Овие наши напори резултираа со започнување на имплементација на закони, како и поднесени барања за измени и дополнувања на повеќе закони кои се однесуваат на адвокатската професија, меѓу кои најзначајни се: Законот за кривичната постапка, Законот за бесплатна правна помош,  Законот за услуги, Законот за нотаријат, Законот за извршување, Законот за отпис на камати итн. Активно се залагаме и постојано инсистираме на учество на Адвокатската комора во подготовка на законските решенија кои се од суштествено значење за правната сигурност на граѓаните. Се залагаме за современи постапки, како и за елиминирање на решенијата кои ја отежнуваат работата на адвокатите.

Продолжуваме да се залагаме за брз и ефикасен правен систем, во кој странките ќе можат за најкраток период ефикасно и целосно да ги остварат своите права во различни постапки пред судовите и државните институции во сите сфери на општественото живеење. Големи напори се вложија и во обезбедување на законските права и вредности кои произлегуваат од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Адвокатите се должни да укажуваат на недостатоците во рамките на правниот систем со кои се повредуваат правната сигурност и начелото на владеење на правото. Владеењето на правото треба да биде еднакво за сите и со помош на адвокатурата треба да се овозможи правна сигурност на сите граѓани.

Свесни дека законите се менуваат, свесни дека и во иднина ќе се менуваат и ќе се прилагодуваат кон европските закони, Комората во изминатиот период презема чекори за едукација на нашите членови како еден од врвните приоритети. Со гордост можам да истакнам дека само изминатава година беа одржани бројни обуки, на кои учество зедоа повеќе од 500 адвокати. Обуките се однесуваа на закони од повеќе области со различна содржина и беа со поддршка од Амбасадата на САД, Американската адвокатската комора, Советот на Европа, Академијата за судии и јавни обвинители, како и Фондацијата „Фридрих Еберт“, на кои во оваа прилика срдечно им се заблагодарувам.

Професионална, моќна и модерна адвокатура е нашата цел, па затоа и во иднина едукацијата на нашите членови останува еден од приоритетите, а за таа цел првпат овде официјално најавуваме дека ќе формираме Академија за адвокати.

Би сакал, исто така, да истакнам дека е во тек набавка на нов деловен простор, со канцеларии и со сала за обуки, каде што, покрај домашните предавачи, ќе одржуваат обуки и истакнати правници, експерти, професори, судии и обвинители од странство.

Овие наши заложби се, всушност, заложби за создавање на општествена реалност чиј највисок дострел е вистинското владеење на правото. И затоа, дами и господа, во сите вас гледаме партнер кој ќе влијае на остварување на оваа цел.

Ви благодарам на сите вам кои со своето присуство ја направивте оваа средба значајна и се надевам дека и во иднина ќе се гледаме за успеси и напредок, за модерна адвокатура и демократско општество“,  порача претседателот на АКРМ, Љубомир Михајловски.

На свечената академија по повод 74 години македонска адвокатура се обрати и државниот секретар во Министерството за правда на РСМ,  Фатон Сељами.

„Би сакал да истакнам дека Владата во изминатиот период ги интензивираше реформите во сите сфери на општественото живеење, а особено во областа на правосудството, што преставува еден од основните услови на патот кон нашата зацртана стратегиска цел – патот кон ЕУ и НАТО. Во оваа пригода особено би сакал да го истакнам значењето на Адвокатската комора во напредокот на функционирањето на адвокатурата и заштитата на нејзините членови – адвокатите. Заштитата на професијата адвокат е особено значајна во контекст на остварување на владеењето на правото и заштитата на човековите слободи и права, токму затоа што тие се значаен сегмент во правосудниот систем на секоја држава. Изминатиот период се реализирани бројни проекти во кои се вклучени Адвокатската комора и адвокатите.

Како претставник на Министерството за правда би сакал да ја изразам нашата поддршка на сите проекти поврзани со адвокатурата. Длабоко сум уверен дека со нивната реализација се унапредува статусот на адвокатурата, што ќе придонесе за уште поголема ефикасност во заштитата на слободите и правата на граѓаните. Во тој контекст би сакал да истакнам дека во рамките на проектите кои се реализираат во Министерството за правда несомнено е учеството на претставниците на Адвокатската комора, а не помалку значајна е и улогата на адвокатите кои учествуваат во работните групи на Министерството за правда, кои изготвуваат закони од областа на правосудството. Адвокатите како учесници  секогаш давале клучен придонес во нивната работа. Дозволете во оваа пригода јавно да им се заблагодарам за нивното вложување и лично вградување во сите законски проекти во кои учествувале. Последен ваков пример е Законот за кривичната постапка во чиешто изготвување посебен придонес дадоа членовите на работната група од Адвокатската комора од редот на адвокатите. Длабоко сум убеден дека оваа практика ќе ја продолжиме и во иднина“, истакна државниот секретар во Министерство за правда, Фатон Сељами, во своето обраќање.

Претседателот на Уставниот суд на РМ,  Никола  Ивановски, во својот говор посочи дека ваквите настани се можност за оцена на постигнатото, осврт на сегашноста со сите предизвици и согледување на можните правци за унапредување на улогата на адвокатската професија.

„Македонската адвокатура е современик со македонската држава. Правните темели за вршење на адвокатската дејност и организирањето на адвокатите беа поставени непосредно по создавањето на новата членка на Југословенската Федерација.  Во овој период, адвокатурата имаше улога на заштитник на човековите слободи и права, на еднаквоста и законитоста, кои се суштински за една правна држава. Ова обврзува и треба да биде пример за новите генерации адвокати затоа што борбата за слободите и правата е постојана, без разлика на политичките системи кои се менуваат.

Со Уставот од 1991 година, на адвокатурата ѝ се додели статус на самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон. Оваa уставнa определба значи дека адвокатската дејност е од врвен интерес за општеството, кое во својот највисок правен акт прокламира нејзина самостојност и независност од секој државен орган или тело и го надминува класичното разбирање за адвокатот како некој што само во туѓо име и за туѓа сметка презема правни дејствија.

Но, не треба да се заборави дека оваа уставна одредба е во делот од Уставот посветен на гаранциите на основните слободи и права што ја определува адвокатурата како еден од гарантите за нивно остварување. Иста улога Уставот му доделил и на Уставниот суд во ставот 1 од членот 50, кој е поместен во истиот дел со одредбата за адвокатите, според кој секој граѓанин може да се повика на заштитата на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.

Оваа заштита Судот ја остварува преку постапката за заштита на слободите и правата од членот 110 алинеја 3 од Уставот и преку постапката за оценување на уставноста и законитоста кога нормите ги оценува и од аспект на уставните одредби кои се однесуваат на слободите и правата.

Од праксата на Судот може да се каже дека најчесто токму од редот на адвокатите доаѓаат квалитетни и издржани иницијативи за оценување на уставноста и законитоста и барања за заштита на слободите и правата на граѓанинот.

По повод такво едно барање поднесено од полномошник – адвокат, Судот неодамна за првпат донесе одлука со која утврди повреда на слободите и правата во делот на правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата и забраната на дискриминација по основ на политичка припадност сторена со дејствие на овластени лица на Министерството за внатрешни работи.

Впечаток е дека праксата на Уставниот суд во овој дел треба понатаму да се развива и да се надградува, при што и самите адвокати, како квалификувани даватели на правна помош пред Судот, имаат значајна улога.

Во овој контекст, особено се значајни ставовите и праксата на Европскиот суд за човекови права и на самата Европска конвенција за човекови слободи и права, кои добија дополнителна тежина со воведувањето на принципот на супсидијарност со Протоколот 15 на Европската конвенција, со кој државите договорнички се обврзаа за применување на системот на Конвенцијата на национално ниво, а секако дека Уставниот суд и адвокатите се дел од системот на заштита на слободите и правата на национално ниво.

Постапувањето на адвокатите пред Уставниот суд е само еден од начините на кои адвокатите ја остваруваат својата значајна општествена задача и улога, која е потребно да се унапредува постојано. Последното е особено значајно и затоа што токму адвокатите во своето дејствување се вклучени во примената на законите и другите  прописи и се во можност непосредно да ги воочат практичните проблеми при примената, недостатоците и недоследностите на регулативата и да бидат иницијатори на нејзино изменување и дополнување.

Што се однесува на унапредувањето на улогата на адвокатите и адвокатурата, потребно е целосно остварување на уставноправниот статус на адвокатурата, активно учество при изготвувањето на прописите кои се однесуваат на прашања од дејноста и, секако, организирано и успешно дејствување преку Адвокатската комора.

Како посебен аспект од претходно наведеното, за што имате моја целосна поддршка, е тоа застапувањето од адвокат да биде задолжително за секоја странка пред судовите, државните органи или други субјекти кои вршат јавни овластувања и секој поднесок адресиран до нив да биде составен од адвокат.

На крајот, сакам да ја изразам мојата искрена желба дека адвокатурата ќе се издигне со својот статус во општеството, а истрајноста и посветеноста што ги покажа во овие изминати години кои ги одбележуваме денес даваат силна надеж дека сите предизвици ќе бидат совладани“, порача претседателот на Уставниот суд на РСМ,  Никола Ивановски.

Посебниот советник за правда во  Канцеларијата на претседателот  на Владата на РСМ, Тања Чачарова-Илиевска, од името на претседателот на Владата на РСМ,  Зоран Заев, како и од свое лично име ги пренесе искрените честитки по повод деновите на македонската адвокатура.

„Адвокатите преку нивната благородна улога како заштитници и борци за правда и праведност учествуваат во градењето на Република Северна Македонија како демократска држава, која ги создава сите услови за обезбедување пристап до правда и еднаквост за сите наши граѓани, како едно од основните човекови права и слободи. Дополнително, вашите заложби за регулирање на професијата, одбраната на владеењето на правото, човековите права и демократските вредности се мисии еднакво важни како за Адвокатската комора така и за Република Северна Македонија. Од огромно значење и придобивка е и вашето континуирано залагање за унапредување на вредностите на адвокатската професија, секогаш имајќи го предвид врвниот принцип за давање на најдобра правна заштита и одбрана на граѓаните како ваши клиенти. Тоа особено доаѓа до израз со учеството на ваши членови вклучени во реформите на правосудниот систем во нашата земја.

Владата на РСМ во мандатот на премиерот Зоран Заев е целосна посветена на спроведување на суштинските реформи во правосудството. Основната цел на овие реформи е секако враќање на довербата на граѓаните во оваа област и создавање на услови за обезбедување правна сигурност и правда еднаква за сите граѓани. Намерата на Владата и на реформите е независност и интегритет на сите сегменти во правосудниот систем, кои треба да бидат на соодветно достоинствено ниво како за правосудниот еснаф, така и за самите граѓани на оваа земја. Адвокатите и Комората се рамноправен партнер во оваа заложба за враќање на довербата кон институциите за одбрана на достоинството на граѓаните.

Како заштитници на граѓаните кои имаат право на чисти и некорумпирани судски процеси, и вие влијаете во создавањето општествена средина во која се спроведуваат принципите на владеењето на правото, јакнење на независноста и професионалноста на судовите и сите останати правосудни органи како критериуми и предуслов за фер и правично судење и, секако, достојна улога на адвокатските професионалци. Граѓаните од нас очекуваат да ги штитиме нивните интереси, да обезбедиме правна, но и материјална сигурност, како и да создадеме социјална еднаквост во општеството, со доследно спроведување на законите“, порача  посебниот советник за правда во Канцеларијата на претседателот  на Владата на РСМ,  Тања Чачарова-Илиевска.

Претседателот на Здружението на судии, Џемали Саити, ги истакна перманентните заложби за поддршка на Комората од страна на Здружението на судии.

„За важноста на адвокатурата веќе говореа моите претходници  и не треба повеќе да се истакне колку е таа важна, особено во креирање на предуслови за владеење на правото и обезбедување на заштита на човековите права и слободи на граѓаните.

Во изминатиов период бевме сведоци колку оваа комора придонесуваше кон креирањето на стандардите, на законодавството и на другите предуслови во насока на воспоставување на реални предуслови за фер судење и остварување на правата на граѓаните во судските постапки. Особено би сакал да се осврнам на важноста на оваа фела во креирањето на  законите во фаза кога ние пристапивме кон еден нов систем на право во кривичната постапка, како и активностите кои ги развиваше во однос на едукацијата на адвокатите кои настапуваат пред судовите.

Комората, исто така, во овој изминат период креираше еминентни правници, еминентни носители на јавни функции, кои оставија белег во нашето правно и политичко дејствување.

Во оваа прилика би сакал да истакнам дека се потребни заложби  за зајакнување на позицијата на адвокатурата во Македонија, особено во однос на другите странки во постапката – обвинителите.  Во таа насока сметам дека колегите адвокати немаат помала позиција во однос на обвинителите во судските постапки.

Адвокатите се вистински партнер на судовите во однос на корекцијата на судското постапување. Во овој контекст, знаете дека со новите законски измени адвокатите имаат активна улога и во креирањето на начелните ставови и начелни правни мислења, и сведоци сме дека веќе имаме првични резултати во однос на таа корективна функција на адвокатурата во Македонија. И затоа ве охрабрувам континуирано да атакувате на креирање на пракса и начелни ставови во однос на воспоставување на единство на примена на правото во Македонија“, истакна претседателот на Здружението на судии, Џемали Саити.

Претставниците на гостинските комори и на CCBE во своите обраќања ѝ ја честитаа годишнината на Адвокатската комора на РМ, изразувајќи надеж за натамошна меѓусебна соработка, како клучна за размената на искуства помеѓу коморите и за унапредување на адвокатурата во регионот и во Европа.

Свеченоста беше финализирана со концерт на камерниот хор „Триангл“.

M.В