Свечено одбележување на јубилејот 20 години Народен правобранител во Република Македонија
Денеска во Собранието на Република Македонија свечено се одбележа 20-годишниот јубилеј на Народниот правобранител во Република Македонија.
Народниот правобранител, познат во светот под името Омбудсман, како нова институција во правниот систем на Република Македонија е востановен со Уставот на Република Македонија.
Со Законот за народниот правобранител утврдена е надлежноста за заштита на уставните и законските права на граѓаните кога им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања. Во Република Македонија Народниот правобранител започна со работа во 1998 година.
Народниот правобранител е специфичен, посебен, стручен и независен орган со овластувања за заштита на правата на граѓаните, што значи не е законодавно тело, не е извршна ниту судска власт, а уште помалку државен обвинител или орган на инспекција и надзор. Неговото значење и специфичноста на функцијата е токму во начинот на неговото дејствување и однесување.
Денешниот настан посветен на јубилејот на Народниот правобранител го отворија Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Македонија, Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија, како и народниот правобранител на Република Македонија, Иџет Мемети.
„Во овие дваесет години постоење и работење, Народниот правобранител се потврди како независна и високо професионална и стручна институција, која во своето работење поаѓа од принципите на еднаквост во заштитата на правата и слободите на граѓаните, без разлика на пол, боја, раса, вера политичка припадност и слично“, истакна претседателот на Собранието.
Претседателот на Владата, Зоран Заев, нагласувајќи го значењето на институцијата Народен правобранител за заштитата на човековите права, истакна дека е потребно во иднина институцијата да се зајакне од кадровски аспект, што е и заложба на Владата. Институцијата Народен правобранител потребно е да биде ефикасна и достоинствена, како што всушност ѝ доликува на една институција која е заштитник на човековите права и слободи.
„Институционалното зајакнување на Народниот правобранител беше меѓу приоритетите во реформите на правосудниот систем и на разузнавачките и безбедносните служби, што ги спроведовме со Планот 3-6-9 и ќе остане на приоритетната листа и во идните реформски потфати на Владата“, рече Заев.
„Одбележуваме голем јубилеј – 20 години од постоењето на институцијата Народен правобранител во Република Македонија. Како народен правобранител особено сум горд што сите години останав доследен на мојата мисија – заштитник на човековите слободи и права и притоа да се справувам со сите тешкотии кои се појавија изминатите години“ истакна на денешниот јубилеј народниот правобранител Иџет Мемети.
„Народниот правобранител како носител на функцијата е транспарентен, а канцеларијата во секој момент е отворена и достапна за секој граѓанин на Република Македонија или за секое друго лице. Надлежност на Народниот правобранител е и преземање акции и мерки за заштита на принципот на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во државната администрација, во единиците на локалната самоуправа и во јавните институции и агенции“, истакнуваат од Канцеларијата на Народниот правобранител.
На денешниот јубилеј во Собранието се обратија и Еринда Баланца, претседател на АОМ и омбудсман на Република Албанија, Емили Орајли, европски омбудсман, и Бојана Урумова, заменик-директор во Канцеларија на комесарот за човекови права при Советот на Европа, потоа Лора Видовиќ, претседател на Европската мрежа на национални институции за човекови права и омбудсман на Република Хрватска, Јасминка Џумхур, омбудсман на Федерацијата Босна и Херцеговина, и Ермир Добјани, поранешен омбудсман на Република Албанија.
Исто така, на настанот свои панел-дискусии имаа и Насер Селмани, претседател на Здружението на новинарите на Македонија и Тито Петковски, поранешен претседател на Собранието на Република Македонија.
M.В