/ Прочитано:

1.669

Сведоштва на граѓани кои поради лошата имотна состојба се соочиле со ограничувања на своите права во здравствениот и социјалниот систем

Здружението за заштита на правата на жените и децата „ЛИЛ“, истакнуваат од Македонското здружение на младите правници, споделува неколку приказни кои претставуваат лични искуства на граѓани кои поради нерешени одредени граѓански состојби или поради лошата имотна состојба се соочиле со ограничувања при остварувањето на своите права во здравствениот и социјалниот систем, како дел од активностите на проектот „Мониторинг и документирање на прекршените права, мобилизација на заедницата за промени во здравствениот статус на Ромите“, финансиран од страна на ФООМ.

akad 7

Додека мајката не плати – ќе мора да ја задржиме

Голем број припадници на ранливите групи, велат од Здружението за заштита на правата на жените и децата „ЛИЛ“,  се Роми и тие имаат секојдневни случки во кои се соочуваат со предизвици кои јасно укажуваат на фактот дека постојат многу фактори што им го оневозможуваат пристапот до многу услуги во земјава. Кога е во прашање здравството, многумина од нив, поради немање финансиски средства, мораат да се снаоѓаат како знаат и умеат за да ја намират обврската произлезена од користењето здравствени услуги.

Бремена жена, мајка на две деца, со своето двегодишно дете била примена во болница и детето било хоспитализирано. Додека  лежеле во болница, персоналот од болницата бил сосема коректен и професионален во давањето на здравствените услуги, сè до моментот кога мајката требала да излезе од болница. Семејството немало финансиски средства и не можело да го исплати побарувањето од болницата. На тоа персоналот почнал да се буни, велејќи ѝ на мајката дека за дополнителните услуги додека детето лежело во болница сите ја плаќале бараната сума и дека не се случило во нивната болница некој да не го плати долгот. Во присуство на претставник од нашата организација, кревајќи раменици дека долгот мора да биде платен, од болницата упатија извинување кон двете страни со зборовите: „додека мајката не плати – ќе мора да ја задржиме“. 

„Ова е нова практика со која се соочи нашата организација за разлика од досегашните, според кои доколку не беше платен долг, не се издаваше отпусно писмо или пак се потпишуваше изјава дека лицето се обврзува во иднина да го плати долгот. Но, претпоставуваме дека тоа било така затоа што во клиниките немало празни места за нови пациенти, па оние што останувале должници биле отпуштани во согласност со нивната здравствена состојба, а не биле задржувани. Се прашуваме дали задржувањето значи празно место на клиниката и немање пациенти, или пак нова практика за изнаоѓање начин да се наплати долгот“, истакнуваат од Здружението за заштита на правата на жените и децата „ЛИЛ“.

 Старателство како услов за добивање здравствено осигурување

Џ. М. е на 53-годишна возраст и има две внучиња од нејзината ќерка, кои се на возраст од 15 и 16 години. По бракоразводната постапка помеѓу нејзиниот зет и ќерката, децата ѝ се доделени на мајката. Во моментот поради отсуство на мајката, која веќе 2 години е надвор од земјата, децата не можат да добијат здравствено осигурување. Бабата се обратила до Центарот за социјални работи, до Одделот за старателство и барала да биде назначена за старател, но ја вратиле со образложение дека најпрвин нејзината ќерка треба да се откаже од родителското право за да може таа да стане старател.

Еден од главните проблеми кои го имаат е немањето сопствен дом. Живеат во куќа која е отстапена од нивни блиски роднини. До пред една година оваа жена се селела од една населба во друга и живеела под кирија. На прашањето дали таа и нејзините внуци имаат матичен лекар, велат од „ЛИЛ“, таа ни одговори: „Фала му на Бога, досега немав здравствени проблеми, но поради тешката финансиска состојба во која сум, не ни помислувам да одам на лекар затоа што за сè треба пари. Пред две недели девојчето го болеше заб, бев приватно на забар, приватно ги земав и лековите и таа сè уште е под терапија. Да имав здравствена книшка, ќе беше подобро. Господе, те молам чувај нè од лошо, да бидеме здрави и живи, а потоа сè друго.“

Здравјето на децата чини пари

Малолетното дете Џ. М. поради отоци и повраќање е хоспитализирано на Детската клиника во Скопје, на Одделот за хематологија, како итен случај. По неколку дена состојбата на детето навидум се подобрува и детето е испишано и пуштено дома. За лекувањето, од родителите било побарано да платат партиципација во износ од 2 700 денари, но, поради тоа што се работи за семејство под социјален ризик, каде што и двајцата родители се невработени, партиципацијата не ја платиле и си заминале дома без отпусно писмо. 

„За жал, наредниот ден дошло до нагло влошување на здравјето на детето и родителите повторно се обратиле на клиника. Оттаму ги информирале дека детето ќе се прими, но нема да се отвори нова историја, т.е. нема да се прават испитувања сè додека не се плати партиципацијата за претходното лекување. Родителите во очај бараат решение и финансиски средства да ја платат партиципацијата за претходното лекување со цел да не настанат дополнителни компликации по здравјето на нивното дете. Таткото се обрати во нашата организација за помош и налутено праша: „Зарем здравјето на нашите деца треба да чини пари? Дали само тие што имаат пари можат навремено да се лекуваат?“, истакнуваат од Здружението за заштита на правата на жените и децата „ЛИЛ“.

Детски додаток или работа

Лицето А. Ш. е татко на две малолетни деца кои се запишани во основно училиште. Се работи за петчлено семејство под социјален ризик, кое живее во двособна куќа. Мајката на децата е со сериозно нарушена здравствена состојба и не е во можност да работи, а таткото работи во приватна фирма каде што платата му е 10 000 ден. месечно.

„Пред една година А. Ш. се обратил во Центарот за социјални работи и поднел барање за детски додаток. По неколку месеци бил одбиен со образложение дека прима плата од 10 000 денари, т.е. 200 ден. повеќе од предвиденото. Кога побарал дополнителни информации за тоа зошто е одбиен и дали може да оствари некое друго право на детски додаток, му било речено дека нема право на тоа и дека кога би остварувал помал приход од 10 000 ден., би можел да прима детски додаток за децата. Таткото останал зачуден и се прашува дали 10 000 денари се доволни за егзистенција на едно петчлено семејство и дали треба да се откаже од работата за да прима детски додаток“, велат од Здружението за заштита на правата на жените и децата „ЛИЛ“.

M.В