/ Прочитано:

966

Сведоци на одбраната го потврдија алибито на обвинетите за насилните протести за „Монструм“

Вторник, 29 јули 2014 – Ги спречувал „Алфите“ да не земаат овошје од дуќан кај Јаја Паша, бил во ТЦ Мавровка на кафе… – сведоци на одбраната го потврдија алибито на обвинетите за насилните протести против пресудата за „Монструм“ што се одвиваа на 4 јули во Скопје и при кои беа повредени дваесетина полицајци и беа оштетени фасадите на двата основни скопски суда.

Судскиот процес против осуммината обвинети за насилните протести за „Монструм“, кој се води според новиот ЗКП, денеска продолжи со доказна постапка во рамки на која најпрвин беа распитани сведоци на одбраната.

Првиот сведок, сопственик на дуќан кој се наоѓа во близина на џамијата Јаја Паша наведе дека обвинетиот Рами Буки, кого не го познава и кој, како што рече, бил случаен минувач, всушност ги спречувал полициските службеници да не јадат од овошјето во неговиот дуќан по што бил приведен. Според зборовите на сведокот, обвинетиот бил тепан од полицијата до онесвестување. 

Обвинителката приговараше на исказот на сведокот, бидејќи, како што рече, е во спротивност со она што се гледа на снимките.

Двајца oд денеска повиканите сведоци зборуваа за движењето на обвинетиот Адем Абдуловски за време на критичниот настан. Сведоците негираа дека обвинетиот бил дел од толпата која протестираше. Тие наведоа  дека троцата седеле во кафуле во ТЦ Мавровка, но наводно кога почнале протестите си заминале во различни правци при што обвинетиот се упатил кон својот автомобил кој бил паркиран кај факултетите. Подоцна, како што раскажа, дознале дека обвинетиот бил истепан и се наоѓа во болница.

Во однос на обвинетиот Емил Илаз, пак, сведоци наведоа дека тој не протестирал и не бил дел од толпата што дивееше пред судовите, туку по петочната молитва се наоѓал во интернет-кафе, но наводно при обидот да го препаркира автомобилот бил уапсен. Едниот сведок рече дека ова го видел од својот балкон, на одалеченост од 20 метри, додека другиот сведок истакна дека заедно биле во интернет-кафето.

Друг сведок го потврди алибито на обвинетиот Фадил Зекиров. Тој наведе дека на 4 јули со своите внуци се шетал на Бит Пазар при што се сретнал со обвинетиот Зекиров, кој му е роднина.  И двајцата наводно  биле затекнати од протестите, при што, како што раскажа, обвинетиот не само што не бил дел од толпата, туку им помогнал безбедно да стигнат до дома.

За дел од обвинетите, меѓу кои првообвинетиот, не беше повикан ниту еден сведок.

Исто така во рамки на доказната постапка, дел обвинетите денеска одговараа на прашања на своите бранители. Па така тие го повторија она што веќе беше кажано во текот на постапката, односно дека не биле дел од толпата што дивеела.

Еден од обвинетите, кого според Обвинителството го има на фотографија како превртува контејнери, негираше дека учествувал во било какво дивеење. Според неговите зборови, за време на критичниот настан барал работа во околината на Бит Пазар, но бил погоден од тврд предмет, па се нашол на матичен лекар. Обвинетиот одговарајќи на прашањата на својот бранител, истакна има здравствени проблеми, односно дека во 2010 година бил пациент во ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“ во Бардовци. Судијката наведе дека од бранителот е доставена документација дека тој е лекуван во ЈЗУ „Скопје“, но дека не е обезбедена медицинска документација за моменталната психичка состојба на обвинетиот и дека согласно новиот ЗКП Судот не може да нареди психијатриско вештачење, бидејќи бранителот треба да го прибави истото. Судот по предлог на странките или по службена должност исклучиво може да определи супер вештачење и тоа само во случај на противречности во наодите и мислењата на вешти или стручни лица предложени од странките во постапката, објасни судијката.

Судењето продолжува утре со завршни зборови на обвинителството и одбраната, а извесно е и дека ќе биде изречена и пресудата.

E. П.