/ Прочитано:

1.040

Сведоци: На сараевското „Маркале“, експлозивните направи биле поставени на земја

Петок, 2 ноември 2012 – Масакрот на сараевското „Маркале“ бил предизвикан од експлозивна направа што била поставена на земја, тврдат Сергеј Мороз и Милорад Џида, сведоците на одбраната во судскиот процес против поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ што го води Хашкиот Трибунал. 

Хашкото обвинителство го гони Радован Караџиќ за гранатирањето на пазарот „Маркале“ во 1994 година каде погинаа 140 лица. Одбраната повика сведоци што даваат контра аргументи од тврдењата на обвинителството.

Првиот сведок, украинскиот инжењер и офицер Сергеј Мороз кој во тоа време бил дел од УНПРОФОР на судот му ги пренел тврдењата на својот руски колега Николај Румјанцев кој учествувал во истрагата и му рекол дека загинувањето на цивилите на „Маркале“ не можело да биде од исфрлена минофрлачка граната, туку експлозивна направа што била поставена на земја.

Според обвинението против Караџиќ, гранатата што на 5 февруари 1994 година на сараевскиот пазар убила 66, а ранила 140 лица, била исфрлена од далечина од страната на Војската на Република Српска (ВРС). Тогашниот претседател и врховен командант на ВРС е обвинет за долготрајно терорирање на населението во Сараево преку снајперски  и артилериски напади.

Не многу долго по експозијата, сведокот Мороз рекол дека самиот отишол на пазарот и констатирал дека не станува збор за минофрлачка граната. Според неговите зборови, муслиманските сили отвориле минофрлачки оган во близина на командата на УНПРОФОР во Сараево, за да испровоцираат артилериски одговор од српската страна.

Украинскиот офицер работел на поправањето на постројките за снабдување на вода и струја, па главната причина зошто во Сараево немало вода и струја биле нападите на Армијата на Босна и Херцеговина на изворите, пумпите и трафостаниците на Илиџи, кои биле под српска команда.

Во текот на вкрстеното  испрашување, обивнителство на сведокот му го посочил извештајот на рускиот офицер Николај Румјанцев каде стоело дека масакрот се случил од минофрлачка граната. Сведокот на ова одговорил дека жали што Румјанцев не е жив за да потврди што му рекол нему, а за извештајот рекол дека никогаш во животот го нема видено.

Сведокот Сергеј Мороз: Во Сарево имаше доволно вода

Сведокот останал на исказот дека во Сараево имало доволно вода, но не можела секогаш да биде дистрибуирана преку водоводот, сепак потврдил дека населението било изложено на опасност секогаш кога било имало обид да наполни вода.

И сведокот Милорад Џида кој во тоа време бил безбедносен офицер на ВРС исто така негирал дека експлозијата била од минофрлачка граната. Според неговиот исказ, ниту офицерите на УНПРОФОР не биле уверени дека станува збор за напад на Армијата на БиХ против српските сили.

Судскиот процес против Караџиќ продолжува и во текот на наредната недела. Одбраната најавува и други сведоци кои во хашката судница треба да зборуваат за организацијата на ВРС во Сараево во периодот од 1992 до 1995 година во Сараево.

Караџиќ е обвинет за геноцидот во Сребреница и уште 7 други босански општини, прогон на несрпско население, како и за киднапирање припадници на УНПРОФОР.