/Прочитано:

1.926

На најпрестижниот натпревар по меѓународно арбитражно право

СВЕТОТ ГО ПРЕПОЗНАВА КВАЛИТЕТОТ: Посветеноста и храброста – клучни за светскиот успех на тимот од „Јустинијан Први“

Втора година по ред, тимот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ постигнува огромен успех на најголемиот натпревар по меѓународно арбитражно право во светот. И оваа година на натпреварот по меѓународно арбитражно право „Вилем К. Вис“, кој се одржува во Виена, Австрија, тимот на Правниот факултет се вброи помеѓу најдобрите универзитети во светот.

akad 4

Натпреварот, кој традиционално веќе 23 години се одржува во Виена, претставува собир на 300 најдобри универзитети во светот од областа на меѓународното арбитражно право.

Станува збор за натпревар по арбитражно решавање спорови од трговски карактер. Карактеристично за натпреварот е што има многу силна конкуренција. Учествуваат сите водечки светски универзитети, меѓу кои и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје. Натпреварот е престижен и претставува натпревар во знаење, вештина, ораторство, аргументација и презентација.  Суштината и целта на натпреварот е да се влезе во финалната рунда од 64 тима кои го претставуваат врвот на светското правно образование.

akad 4

Како и минатата, и оваа година Правниот факултет, претставен од талентираните македонски студенти и посветени ментори, се вброи меѓу најдобрите тимови и факултети на глобално ниво.

Душка Кузмановска, Иво Илиевски, Мартин Иванов, Дарко Рашајковски, Никола Серафимов и Ана Каширска, под менторство на проф. д-р Тони Дескоски и д-р Вангел Доковски од Правниот факултет „Јустинијан Први“, м-р Ана Пепељугоска од Адвокатското друштво „Пепељугоски“, тренерот и најдобар оратор на минатогодишното натпреварување  м-р Љубен Коцев, како и минатогодишниот учесник Марјана Станинова се тимот што го постигна огромниот успех на меѓународниот натпревар.

akad 4

Она што е карактеристично за македонскиот тим и Правниот факултет “Јустинијан Први“, како што вели професорот Тони Дескоски, е што тој станува препознатлив во светот по своето квалитетно знаење и вештините на учесниците.

Професорот истакнува дека успехот е од големо значење за Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во целина, нагласувајќи дека суштинската заслуга за тоа се должи на посветеноста на студентите кои со голем ентузијазам, со амбициозност и со одговорност се посветиле на подготовките. Резултатот, вели професорот, дојде најмногу како последица на беспрекорната посветеност на студентите.

akad 4

„Овие посветени студенти се надминаа себеси и вложија максимални напори, тие се синоним за квалитет. Нивниот успех е уште една потврда дека овде постои група на луѓе кои ја користат научната методологија од западниот развиен свет. Студентите влегоа во битка со најдобрите токму од тој свет. Кога сте на тоа ниво, очигледно добивате верификација. Оваа година чувствувавме дека сме препознаени, но не само од тимовите од регионот, туку како име. Штом ќе го слушнат името на нашиот правен факултет, знаат дека се работи за квалитетна екипа. Тоа е потврда дека сме на вистинскиот пат во научно-методолошката работа и во работата со студентите“, вели професорот Дескоски.

akad 4

Тренерот на студентите, Љубен Коцев, вели дека како и минатата година, кога тој настапи како натпреварувач, и овогодишните натпреварувачи се претставиле во најдобро светло, продолжувајќи ја традицијата на успеси.

„Имавме среќа да работиме со одлични студенти и успехот е резултат на тоа.  За мене беше постресна улогата на тренер отколку кога настапував минатата година како натпреварувач. Како тренер ги гледате работите отстрана, не сте концентриран само кон настапот, туку внимавате на сите аспекти. Натпреварувачите имаа одлични настапи, коментарите беа феноменални. Апелирам повторно, како и минатата година, сите што знаат добро англиски јазик, кои можат да посветат дел од своето време, да бидат дел од тимот. Ова е веќе трета година како го бележиме овој успех и ова е една уникатна можност за студентите, голем предизвик за понатаму“, вели Коцев.

akad 4

Низ разговорот со студентите што го постигнаа големиот успех се препознава  нивниот ентузијазам и афинитетот за правната професија, за која велат дека е од особена важност да биде заснована токму на вакви искуства кои го градат едукативниот профил на секој квалитетен  и млад правник.

Ана Каширска и Никола Стефков, кои настапија како оратори на натпреварот, истакнуваат дека во правото, покрај знаењето, важно е и како ќе се презентира тоа, што за нив, како оратори, бил посебен предизвик. Тие додаваат дека за натпреварот се подготвувале со голема мотивација, посветеност и труд.

akad 4

„Задоволство и одговорност е да се претстави Факултетот и Универзитетот во улогата на оратор на натпреварот. Аргументите и правната поткованост се дел од настапот на натпреварот, а вториот дел е како ќе се презентира тоа. Тука веќе до израз доаѓаат вештините кои треба да ги поседува учесникот. Тоа навистина беше силен мотив за мене, но и одговорност“, вели Никола Серафимов.

„Се подготвувавме неколку месеци и вложивме многу напори за да се подготвиме добро. Но, мора да се нагласи дека голема заслуга за тоа имаа професорот Дескоски, асистентот Доковски, тренерот Љубен Коцев и Маријана Станинова“, вели Ана Каширска.

akad 4

„За мене натпреварот претставува едно  големо животно и професионално искуство. Вредеа сите шест месеци потрошени на подготовки.  Натпреварот водено значи и запознавање со врвни експерти од областа на арбитражата, потоа со колеги учесници и, секако, што е голема бенефиција за нас, значи наше понатамошно професионално насочување“, вели Душка Кузмановска.

akad 4

„Натпреварот беше одлично искуство и беше предизвик што го прифативме храбро. Амбициозно ѝ пристапивме на материјата од арбитражното право, која на почетокот не ни беше толку позната област, но со текот на времето како што навлегувавме во таа материја, добро ја осознавме и можам да кажам дека таа е област што ме привлекува и како понатамошен професионален ангажман“,  вели Иво Илиевски, кој ги советува студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ да аплицираат и  да бидат дел од тимот за идната година.

akad 4

„Настанот се одржува веќе 23 години и беше фантастично искуство. Организиран е на највисоко ниво, во присуство на  реномирани професори, арбитри, адвокати. Им препорачувам на сите идни генерации да бидат дел од тимот затоа што овој натпревар дава солидна основа за напредок и на лично и на професионално ниво“,  вели Дарко Рашајковски.

akad 4

„Натпреварот нуди многу можности за студентите и за правниците. Имате можност да бидете помеѓу највидните светски  научници од правото,  стручњаци, адвокати и  судии. Таму не само што учествувате, таму и учите, стекнувате практично искуство. Исто така, посебно е важно што се прошируваат едукативните можности, контактите со луѓето од водечките универзитети и од адвокатските канцеларии“, вели Мартин Иванов.

akad 4

Горд на своите студенти кои се и гордост на македонското правно образование, професорот Дескоски вели дека подготовките за натпреварот воопшто не се лесни и не само што е потребна максимална вложеност од едукативен аспект туку е потребна и поддршка во однос на ресурсите и, во таа смисла, набавувањето  и  користењето литература е од иманентно значење.

akad 4

Благодарејќи на посветеноста и на неговиот личен ангажман,  студентите се подготвуваат од потребната литература, која е дел од личната библиотека на професорот и на соработниците. Сепак, професорот нагласува дека во овој дел се оставени самите на себе.

akad 4

„Добро е што сме сега на ниво на надградба, па полесно е кога ја имаме основата. По некаков избор и претчувство ги набавуваме насловите на литературата  кои сметаме дека ќе бидат потребни за подготовките. И оваа, како и минатата година, ние од Виена дојдовме со најдобрите наслови.  Треба да се нагласи дека оваа година за првпат од Германскиот институт за техничка помош ни дадоа примероци од литература кои ги користеше тимот. Ние веќе тие наслови ги имавме, но убаво е кога имате и дополнителни примероци. Но, во суштина, препуштени сме самите на себеси и на своите ресурси.  Работите не се сменети од порано. Мора да ни биде јасно – во светот на знаењето, знаењето се добива преку литературата“, нагласува професорот Дескоски.

akad 4

М.В

ОГРОМЕН УСПЕХ НА ТИМОТ НА ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ „ЈУСТИНИЈАН ПРВИ“: Помеѓу најдобрите на светот по меѓународно арбитражно право

„Со многу труд и со инвестирање во младите правници светскиот успех е неминовен“ – ЉУБЕН КОЦЕВ, најдобар оратор на најреномираниот натпревар по меѓународно арбитражно право

ГОРДОСТ ЗА ПРАВНОТО ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА: Тимот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ со огромен успех на најголемиот натпревар по меѓународно арбитражно право