СВЕТСКАТА ПРАВНА ЕЛИТА ВО СКОПЈЕ: Утре започнува Меѓународната конференција „Управување со правни ризици: правни трендови“
Утре започнува најголемиот дводневен правен настан во регионот, Меѓународната конференција „Управување со правни ризици: правни трендови“. Главниот град на Македонија утре повторно ќе биде центар на светската и регионалната правна и економска елита.
Оваа година, во присуство на најуспешните професионалци од областа на правото и бизнисот и во присуство на голем број учесници од земјата и од странство, по четврти пат ќе се говори за темата која претставува иднина на правото и која ќе ја одбележи претстојната декада – управувањето со правни ризици, овој пат со фокус на правните трендови.
На овогодишната конференција ќе говорат водечките имиња од светот на правото и бизнисот, кои ќе имаат свои излагања за најдобрите практики во управувањето со правните ризици.
Помеѓу нив се Карл Остринг, главниот правен застапник на „АБ Тракшн“; Ненад Бакиќ, инвеститор од Република Хрватска; проф. д-р Кирил Чавдар, судија на Врховниот суд на РМ во пензија; Џереми Хопкинс, „Клеркингвел консалтинг“ – Рединг, Велика Британија; Михаела Алберг, „Телиасонера“ – Стокхолм, Шведска; Гербен Абинк, „Тинкертравел“ – Амстердам, Холандија; Маријана Винтијадис, управувачки директор во „Крол“ – Милано, Италија; Филип Пенсол, управувачки партнер на париската канцеларија на Адвокатското друштво „Квин Емануел“, Париз, Франција; академик д-р Жан Митрев, Специјална болница „Филип Втори“; Константинос Корнилакис, од „Кументакис и адвокати“ – Солун, Грција и Вим Фоке од „ИЕ Школа за бизнис“ – Мадрид, Шпанија.
Меѓународната конференција „Управување со правни ризици: правни трендови“ ќе се одржи во хотелот „Александар палас“ во Скопје, на 18 и 19 октомври.