/ Прочитано:

1.283

Светски ден на бегалците: Во светот се раселени 65,6 милиони луѓе

Во извештајот „Глобални трендови“ на УНХЦР, потенцирано е дека присилното раселување е двојно поголемо за помалку од 20 години, па така во 1997 година бројот на раселени изнесувал 33, 9 милиони, а официјалната бројка на бегалците до крајот на 2016 година е 65,6 милиони. Според УНХЦР, особено е загрижувачки податокот кој вели дека бројот на децата е речиси половина од популацијата на бегалците, па така само во 2015 година нивната бројка изнесува 100.000, без разлика дали сами ги напуштале своите домови без своите родители или, пак, биле заедно со семејството. Високиот комесаријат за бегалци смета дека ставањето крај на војните и воените конфликти е единствен начин да се запре бројот на бегалците, дека државите мора заеднички и темелно да се посветат на ова прашање и дека не постои план „Б“.

Светот денеска го одбележува Денот на бегалците, а Обединетите нации и Високиот комесаријат за бегалци – УНХЦР алармираат на рекордниот број раселени луѓе ширум светот. Извештајот на УНХЦР, насловен „Глобални трендови“, покажува дека само во текот на минатата година, 10,3 милиони луѓе ги напуштиле своите домови, од кои речиси 3,5 милиони луѓе ги минале меѓународните граници како бегалци.

Обединетите нации соопштуваат дека бројката на раселени до крајот на 2016 година е рекордна и изнесува 65,6 милиони луѓе, нагласувајќи дека бегалците биле принудени да ги напуштат своите домови, пред сè, поради воени судири, насилство и прогон. Во извештајот на УНХЦР се наведува дека оваа бројка претставува скок од 300 илјади раселени луѓе од крајот на 2015 година, но е за шест милиони поголема од крајот на 2014 година.

„Според сите мерила, ова е неприфатлива бројка, која сведочи погласно од кога и да е за потребата од солидарност и заедничка цел, во превенција и решавање кризи“, истакна шефот на УНХЦР, Филипо Гранди при презентирање на извештајот. 

Најголемиот број бегалци, односно повеќе од половина од вкупниот број во светски рамки кои се под заштита на УНХЦР, потекнуваат од Сирија, Авганистан, Сомалија и Јужен Судан. Исто така, повеќе од половина од вкупниот број бегалци се сместени во камповите и во прифатните центри во 8 земји: Турција, Пакистан, Либан, Иран, Етиопија, Јордан, Кенија и Уганда.   

Во извештајот „Глобални трендови“,потенцирано е дека присилното раселување е двојно поголемо за помалку од 20 години, па така во 1997 година бројот на раселени изнесувал 33, 9 милиони, а официјалната бројка на бегалците до крајот на 2016 година е 65,6 милиони.

Според УНХЦР, особено е загрижувачки податокот кој вели дека бројот на децата е речиси половина од популацијата на бегалците, па така само во 2015 година нивната бројка изнесува 100.000, без разлика дали сами ги напуштале своите домови без своите родители или, пак, биле заедно со семејството.

Извештајот „Глобални трендови“ предупредува дека од ден на ден опасностите се сè почести, па рапидно се зголемува бројот на луѓето кои на својот пат кон подобар живот ги губат своите животи. Како пример ја наведуваат Средоземната рута на бегалците, каде што само во 2014 година во Медитеранот загинаа околу 10.000 бегалци, а во 2015 година бројот на настрадани изнесуваше 3.771. Од почетокот пак на оваа година, како што соопштува УНХЦР, повеќе од 1.700 мигранти и бегалци загинале или исчезнале во Средоземното Море.

„Вкупниот број загинати и исчезнати од почетокот на 2017 година е над 1.720“, изјави портпаролот на УНХЦР, Бабар Балох, кој потенцираше дека во италијанските пристаништа Кротоне, Палермо и Катанија секојдневно се носат тела на загинати бегалци.  

Извештајот истакнува дека светот секојдневно е сведок и на голем број смртни случаи и на копно, а дека човечноста и солидарноста од одредени држави се на најниско ниво. Се подигаат огради, луѓето ги депортираат, органите на редот користат солзавци, а има случаи и на застрелани бегалци од страна на припадници на полицијата во некои земји. Во пораст се ксенофобијата, расизмот и националниот популизам.

УНХЦР апелира дека ситуацијата е повеќе од сериозна и дека се неопходни ургентни решенија, а особено решавањето на причините за присилното раселување мора да се стави на листата на меѓународните приоритети. Високиот комесаријат за бегалци смета дека ставањето крај на војните и воените конфликти е единствен начин да се запре бројот на бегалците, дека државите мора заеднички и темелно да се посветат на ова прашање и дека не постои план „Б“.

А. Б.