/ Прочитано:

1.555

Светски ден на бездомништвото: Да се подигне свеста за проблемот што е во подем

Светскиот ден на бездомништвото се одбележува секоја година на 10 октомври, а целта е да се подигне свеста за проблемот што е во подем. Според проценките на Обединетите нации, во светот има повеќе од 100 милиони бездомни лица, додека една милијарда луѓе живеат во несоодветни живеалишта.

Момин поток Пункт за бездомници

Нарушени семејни односи, смрт на брачниот другар, долгови, хипотеки, невработеност, се најчестите причини поради кои голем број луѓе во земјава останале на улица. Бездомништвото се дефинира како процес што опфаќа лица со ограничена вклученост во општествениот живот, кои го бараат сопствениот идентитет и немаат живеалиште, живеат во несигурни или несоодветни услови, или пак се привремено згрижени во прифатилишта или во институции.

Пунктот за бездомници на Црвениот крст на РМ, кој се наоѓа во Момин Поток, претставува место на сигурност и заштита за околу 50 луѓе. Оние што денеска, на Светскиот ден на бездомништвото, сакаа да проговорат, велат дека таму  повторно се чувствуваат како луѓе.

„Осум години од мојот живот го поминав под ведро небо. Спиев на клупите во паркот Жена борец. Првпат почувствував сигурност и заштита откако почна да функционира овој пункт. Еднаш неделно, односно секој петок, добиваме храна, облека, обувки. Тука има и стручни лица кои се грижат секој од нас да извади лични документи, најчесто лична карта, државјанство или извод од матичната книга на родени. Единствено тука не се чувствуваме заборавени, вели Бранка Саздовска, која изминатите неколку години е постојан корисник на услугите од пунктот за бездомници на Црвениот крст кој се наоѓа во Момин Поток.

Драгана Лазаревска, социјален работник и координатор на пунктот, објасни дека 80 отсто од правата на бездомниците се остварени. Лазаревска појасни дека доколку би ги оставиле да се снаоѓаат сами околу прибирање на документацијата што им е потребна за остварување на правата од областа на здравството, или за добивање социјална парична помош, нема ништо да сторат.

„Веднаш ќе кажат ‘државата е виновна’ што не успеале да извадат лична карта, на пример. Затоа, сакам да нагласам дека во однос на документацијата (лична карта, државјанство, извод од матичната книга на родени), која е од исклучителна важност за да си ги остварат понатаму своите права, располагаме со фонд во кој се одвојуваат средства токму за оваа намена. Тоа е наша одговорност и обврска. Исто така, наша обврска се и сите процедури кои треба да се завршат во институциите од каде што добиваат социјална помош нашите корисници, како што се хронично болните кои добиваат постојана парична помош, вели Лазаревска.

Сандра Ковачевиќ, гешталт-психотерапевт, вели дека луѓето имаат потреба да бидат ислушани, нагласувајќи дека секој од нив има своја приказна поради која се нашол на улица.

„Нивните приказни најчесто се поврзани со проблеми во семејството, распаднати семејни односи, разводи, долгови, невработеност итн. Тие се заборавени од семејството и од најблиските. Разговорот со мене им претставува олеснување бидејќи сакаат да ја споделат својата судбина“, вели Ковачевиќ.

Светскиот ден на бездомништвото се одбележува секоја година на 10 октомври, а целта е да се подигне свеста за проблемот што е во подем. Според процените на Обединетите нации, во светот има повеќе од 100 милиони бездомни лица, додека една милијарда луѓе живеат во несоодветни живеалишта.

Правото на соодветно домување, односно животен стандард е пропишано со Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, со членот 11 во кој е наведено дека државите – страни на овој пакт на секое лице му го признаваат правото на животен стандард, доволен за самиот него и за неговото семејство, вработувањето, како и постојаното подобрување на неговите животни услови. Државите – страни на Пактот ќе преземат соодветни мерки заради обезбедување на остварувањето на ова право и за таа цел тие го признаваат суштественото значење на слободно избраната меѓународна соработка.

Овој пакт беше ратификуван од страна на Македонија во 1994 година.

А. Б.