/ Прочитано:

1.570

Светски ден на книгата и авторското право

Светскиот ден на книгата и авторското право е прогласен од УНЕСКО и се празнува од 1995 година. Генералниот директор на УНЕСКО, Одре Азуле, по повод денешниот ден истакна дека книгите се сојузници во ширењето на образованието, науката, културата и информацијата насекаде во светот. На Светскиот ден на книгата и авторското право покрај тоа што  традиционално се упатува порака од УНЕСКО, порака се упатува и од сите земји кои го одбележуваат овој ден. Годинава македонската порака ја напиша режисерот и писател  Милчо Манчевски.

Книгите и литературата неминовно се поврзани и со заштитата на авторското право, чии пак историски корени датираат уште од антиката, кога постоела извесна ориентираност кон интелектуалната креација и правна свест за неа, за што потврдуваат и сведоштвата на Сенека и Цицерон за конкретно, но скромно постоење и почитување на правата на авторот, каде што сепак акцентот посилно бил ставен врз правото на сопственост на делото.

Клучен период во развојот на авторските права е 15 век, со пронаоѓањето на печатарската преса. Печатењето било скапо, па издавачите барале начин да се заштитат од конкуренцијата, и тоа е всушност почетокот на зајакнувањето на свеста за авторските права, кои денес се заштитени на глобален план примарно  преку Бернската конвенција. Авторско право, се вели во Конвенцијата, е секое создавање во областа на литературата, науката и уметноста, без разлика на начинот или формата на неговото изразување.

И во македонскиот Устав се гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво. Исто така, се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво. Републиката го поттикнува, го помага и го штити развојот на науката, на уметноста и на културата.

Авторските и сродните права се регулирани со Законот за авторското право и други сродни права. Со него се уредуваат правото на авторите над своите авторски дела, правата на уметниците – изведувачи, на произведувачите на фонограми, на произведувачите на видеограми, на радио-телевизиските организации, на издавачите и на изготвувачите на бази на податоци над своите предмети на сродни прва, остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права и важењето на законот.

СЕ СОЗДАВА ПОЗИТИВНА СУДСКА ПРАКСА: Втора правосилна пресуда за неовластено преземање фотографија од интернет

УМЕТНИЧКИ ФОТОГРАФ СЕ ИЗБОРИ ЗА СВОИТЕ АВТОРСКИ ПРАВА: Донесена првата пресуда за неовластено преземање фотографија од интернет

М.В