Светски ден на книгата и авторското право
Денеска е Светскиот ден на книгата и авторското право, кој во Македонија се одбележува во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје.
„Книгата е врска меѓу минатото и иднината. Ја изразуваме нашата почит кон творештвото и литературна традиција што ги постави темелите на светската книжевност. Наша недвосмислена желба е да ја прославуваме книгата заедно, со нашите соседи и со целото човештво, токму во духот на мисијата што таа ја носи како градител на мостови на разбирање и дијалог за создавање на заеднички вредности и подобра заедничка иднина“, истакнуваат од Министерството за култура.
Во Уставот на РМ се гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво. Исто така, се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво. Републиката го поттикнува, го помага и го штити развојот на науката, уметноста и културата.
Авторските и сродните права се регулирани со Законот за авторското право и сродните права. Со овој закон се уредуваат правото на авторите над своите авторски дела, правата на уметниците – изведувачи, на произведувачите на фонограми, на произведувачите на видеограми, на радио-телевизиските организации, на издавачите и на изготвувачите на бази на податоци над своите предмети на сродни прва, остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права и важењето на законот.
Авторското право е самостојно право и независно од сопственичкото право или други права над предмети/ствари во кои е содржано авторско дело, доколку со закон поинаку не е определено.
Авторско дело, во смисла на овој закон, е интелектуална и индивидуална творба од областа на книжевноста, науката и уметноста, изразена на кој било начин и форма.
Унапредувањето на заштитата на авторското право и сродните права и нивното усогласување со ЕУ-директивите од оваа област се предвидени како посебен дел од Стратешкиот план на Министерството за култура за периодот 2018 – 2020 година.
Како што се наведува во Стратешкиот план, за остварување на овие цели во натамошниот двегодишен период ќе се организираат кампањи за значењето на авторското право и сродните права; за улогата на авторското право и сродните права во дејности и индустрии базирани на авторското право и сродните права; за поттикнување на колективното остварување на авторското право и сродните права и за поттикнување на легални начини на користење на авторските дела и предметите на сродните права.
Меѓу другото, во стратешкиот документ се предвидува и формирање постојан форум за унапредување на остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права со цел споделување знаења и искуства и дебата на теми од заеднички интерес. Форумот, се појаснува во Стратешкиот план, би функционирал како посебен блог во рамките на веб-страницата за авторското право и сродните права.
М.В