/ Прочитано:

2.295

СВЕТСКИ ДЕН НА ПРАВАТА НА ПОТРОШУВАЧИТЕ ПОД МОТОТО „ЗА ПОДОБАР ДИГИТАЛЕН СВЕТ“: Совети до граѓаните на што да внимаваат кога купуваат преку интернет

Денеска е Светскиот ден на правата на потрошувачите. Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) ќе го прослави Светскиот ден на правата на потрошувачите, со тоа што ќе се приклучи на глобалната кампања „Подобар дигитален свет“ која промовира пристап, партиципација и иновација кои се полезни за потрошувачите, економијата и општеството.

Градење дигитален свет на кој потрошувачите може да му веруваат

Организациите на потрошувачи од целиот свет, во соработка со Светската организација на потрошувачи (Consumers International), ќе се обединат со една крајна цел: градење дигитален свет на кој потрошувачите можат да му веруваат. Светската организација на потрошувачи, во соработка со Германското федерално министерство за правда и заштита на потрошувачите и Федерацијата на германските потрошувачки организации, ќе биде домаќин на Г20-тата потрошувачка средба во Берлин, Германија. Средбата ќе биде официјален дел од германското претседателство на Г20 и ќе се стреми да стави акцент на важноста на заштитата на потрошувачите и јакнење на свеста во дигиталната економија.

По повод Светскиот ден на потрошувачите, од Организацијата на потрошувачи на Македонија велат дека  се приклучуваат на пошироката кампања со промовирање на правата на потрошувачите во дигиталната сфера, односно купувањето преку интернет, користејќи ги средствата за далечинска комуникација, преку социјалните мрежи и медиумите.

Потрошувачите да бидат свесни за можните измами

Со експанзијата на модерните технологии, истакнуваат  од Организацијата на потрошувачи на Македонија, се зголеми бројот на интернет-продавници кои нудат производи и услуги кои потрошувачите можат да ги купат преку својот персонален компјутер, лаптоп, паметен телефон итн. Зголемениот интерес на потрошувачите значеше и голем број трансакции, но исто така и зголемен број повреди на потрошувачките права, кои не беа доволно заштитени. За таа цел, во 2015 година беа донесени измени во Законот за заштита на потрошувачите, со кои подобро се дефинираше купувањето преку интернет и се зголемија правата на потрошувачите во овој домен. Сепак, пред сѐ е најбитно потрошувачите да бидат свесни за можните измами и да прават правилен потрошувачки избор“, истакнуваат од ОПМ.

На што да внимаваме кога купуваме преку интернет?

Им советуваме на граѓаните, велат од Организацијата на потрошувачи, да направат добар потрошувачки избор, но и да се информираат за сите аспекти кои се важни за купувањето на интернет.

„Пожелно е да направите истражување за интернет продавницата и  да ги прочитате искуствата од другите потрошувачи со таа веб-страница.

 Информирајте се која фирма раководи со таа веб-страница, нејзиното седиште и контакт-телефон каде што ќе можете да се обратите доколку настане некаков проблем.

 Информирајте се која е локацијата каде што ќе може да го вратите производот доколку не ви се допадне.

 Информирајте се за цените на производот, односно дали прикажаната цена е вкупна или постојат дополнителни трошоци, поштарина, ддв и сл.

 Бидете внимателни при внесување на податоците од вашата кредитна дебитна картичка. Внесувањето на овие податоци мора да биде на специјален линк кој има дополнителна заштита за да бидете сигурни дека тие нема да бидат злоупотребени.

 Информирајте се за начинот на остварување на правата од гарантниот лист.

 Доколку производот појави недостаток, проверете во гарантниот рок каде може да биде однесен за бесплатно да биде сервисиран“, се советите кои до граѓаните ги упатуваат од Организацијата на потрошувачи.

Купувањето преку интернет, додаваат од ОПМ, е брзо и едноставно, но за да биде и безбедно, покрај заштитата од Законот за потрошувачите, од исклучително значење е и информираноста на потрошувачот за своите права и начини како да ги оствари.

„Купувањето преку интернет претпоставува и склучување на т.н. договор на далечина, а тоа е секој договор склучен меѓу трговецот и потрошувачот во рамки на организирана шема за продажба или давање услуги на далечина (без физичко истовремено присуство на трговецот и потрошувачот), преку исклучителна употреба на едно или повеќе средства за комуникација на далечина до склучувањето на договорот, вклучувајќи го и моментот на склучување на договорот“, појаснуваат од Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Што е доверба на дигитален потрошувач и како можеме неа да ја изградиме?

Дигиталната технологија има огромно влијание врз потрошувачите низ светот. До 2020, 52% од светската популација ќе биде онлајн – ова значи дека бројот на луѓе кои се приклучуваат на интернет ќе се зголеми за третина за само пет години.

Технологијата им даде на потрошувачите повеќе избор, комфор и информации, но важните проблеми остануваат. Потребен е заеднички труд за да ѝ се понуди на онлајн популацијата пристап до квалитет, достапни конекции, за да се стави крај на нечесни пазарни практики кои се применуваат онлајн, за да се обезбедат сигурност и безбедност на податоците и за да им се помогне на потрошувачите да знаат на кои услуги можат да им веруваат.

„Заштитата на потрошувачите и јакнење на свеста се клучни за градење на доверба во дигиталната технологија. Светскиот ден на правата на потрошувачите ќе даде одлична шанса за нас да поставиме агенда во дигиталниот свет што ќе стави акцент на пристапот, изборот и сигурноста на потрошувачите“, истакнуваат од Организацијата на потрошувачите.

М.В