/ Прочитано:

6.724

СВЕТСКИ ДЕН НА ВОДАТА: Правото на вода сè уште не е еднакво достапно за секого

За да може да се справи општеството со кризата за вода и да го овозможи правото на вода, Обединетите нации го признаа правото на вода како елементарно човеково право за обезбедување чиста и здрава вода за пиење. Концептот на обликување на правото на вода првично бил утврден во 1977 година на Конференцијата на Обединетите нации во Мар дел Плата, Аргентина. Усвоениот акциски план се однесувал на сите луѓе независно од нивната социјална и економска положба.

Право на вода

Според календарот на Обединетите нации, денес, 22 март е Светски ден на водата. Водата е основата за постоењето на живот на планетата Земја, а чистата вода за пиење и за одржување на хигиената е неопходна за одржување на животот и здравјето на целиот жив свет.

Сепак, правото на вода не е еднакво достапно за секого. Приближно 900 милиони луѓе во светот немаат пристап до чиста и здрава вода за пиење, додека 2,5 милијарди луѓе немаат нормални услови за одржување на својата хигиена.

За да може да се справи општеството со кризата за вода и да го овозможи правото на вода, Обединетите нации го признаа правото на вода како елементарно човеково право за обезбедување чиста и здрава вода за пиење. Концептот на обликување на правото на вода првично бил утврден во 1977 година на Конференцијата на Обединетите нации во Мар дел Плата, Аргентина. Усвоениот акциски план се однесувал на сите луѓе независно од нивната социјална и економска положба.

Правото на вода било предмет на расправа и на одржаните седниците на комитетите во состав на ОН, во 2002, 2006 и 2007 година, каде што правото на вода било проширено и надградено во смисла на развивање на капацитетите за вода и овозможување на еднакви услови за обесправените луѓе кои се лишени од тоа право.

На 28 јули 2010 година, Генералното собрание на Обединетите нации преку Резолуцијата А/РЕС/64/292  ја прогласува чистата вода за пиење и за санитарни потреби за човеково право од суштинско значење.

Меѓународното хуманитарно право и правото на здрава животна средина исто така го заштитува пристапот за безбедна и чиста вода за задоволување на човековите потреби. Женевската конвенција од 1949 година и нејзиниот Протокол од 1977 година ја потенцира основната важност на пристапот до чиста вода, како во нормални така и во воени услови.

Право на вода

Овозможувањето пристап до здрава и чиста вода на луѓето во светот, значи дека за секој човек треба да има доволно вода за задоволување на своите животни потреби и секоја држава треба да води грижа за обезбедување на ова право за своите граѓани.

Здравата вода треба да ги исполнува стандардите во смисла на тоа да нема штетни микроорганизми, хемиски супстанции и радиолошки опасности.

Според Актот од 1997 година, властите во Јужна Африка, во Филипини и во Непал треба да водат совесна политика за овозможување на правото на вода на своите граѓани, а исто така треба и да ги одржуваат капацитетите од каде што се овозможува таа вода.

Според препораките на Светската здравствена организација, изворот на вода не треба да биде оддалечен повеќе од 1 км, а времето на собирање и полнењето вода не треба да трае повеќе од 30 минути. Во најголем дел од Африка и Азија, жените мораат да пешачат во просек 6 км за да наполнат вода, а неправилното користење вода за хигиенски потреби придонесува за зголемување на болестите за 88 %.

Правото на вода е поврзано и со другите човекови права, како што се: правото на образование, живеалиште, правото на здравје и обезбедување здравствени услуги, правото на работа, живот и правото на заштита од суров, нехуман третман или казна.

Така, на пр. поврзаноста на правото на вода со правото на образование се одразува со обезбедување на нормални хигиенски услови во училиштата, хигиена во просториите на училиштето и во тоалетите.  Поради недоволна исполнетост на ова право во образовниот систем, секоја година речиси 2 милиони деца низ светот умираат од дијареја и други болести како последица од неодржување на хигиената.

Имплементирањето на човековите права е надгледувано од комитети составени од бројни независни експерти. Овие тела имаат надлежност да вршат надзор над спроведувањето на човековите права од страна на државите членки на ОН.