/Прочитано:

3.932

СВЕТСКИ ДЕН НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА: Правото на чиста и здрава животна средина е фундаментално граѓанско право

Денеска на глобално ниво се одбележува Светскиот ден на животната средина. Годинашното мото на одбележувањето на Светскиот ден на животната средина – 5 јуни е „Поврзување на луѓето со природата“.

Светскиот ден на животната средина е креиран од Генералното собрание на Обединетите нации во 1972 година на првиот ден од Конференцијата на ОН за животна средина, а се прославува од 1974 година во повеќе од 140 земји во светот.

„Светскиот ден на животната средина е најзначајниот ден за поттикнување на глобалната свест за заштита на животната средина. Светскиот ден на животната средина има за цел да ги охрабри луѓето ширум светот да преземаат чекори за заштита на животната средина и да водат грижа за планетата“, велат Обединетите нации, од каде што посочуваат дека на глобален план, бројни меѓународни конвенции, декларации, протоколи се однесуваат на животната средина.

Поаѓајќи од значењето на животната средина акцентирано во конвенциското право, во член 8 од Уставот на Република Македонија, животната средина е поставена како вредност и право кое мора да се заштитува и унапредува. Уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

„Секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ги унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина“, се пропишува во член 43 од  Уставот на РМ.

Покрај уставните определби за животната средина, во правниот поредок се нормирани и повеќе прописи кои ги регулираат заштитата и унапредувањето на животната средина во Република Македонија. Законот за животната средина, Законот за заштита на природата, Законот за водите, Законот за заштита од бучава во животната средина, Законот за квалитетот на амбиентниот воздух, Законот за управување со отпадот, се дел од овие прописи.

Правото на чиста и здрава животна средина, вели Народниот правобранител, е фундаментално граѓанско право чие целосно и доследно почитување претставува услов за подобро здравје, поквалитетен и подолг живот на граѓаните. Затоа секој граѓанин е подеднакво должен да го штити, чува и унапредува природниот екосистем.

„Особено загрижува инертноста на надлежните органи и поединци, како на централната, така и на локалната власт, поради непреземање конкретни мерки за намалување на загаденоста на воздухот. Со ваквиот однос покажуваат голема негрижа за здравјето на граѓаните, на кои им се повредува уставно загарантираното право на живот во здрава животна средина. Како последица на оваа недоволна грижа, нашите поголеми урбани центри се меѓу најзагадените во Европа. Властите на штета на животната средина предолго ги толерираат големите индустриски капацитети за имплементација на еколошките стандарди, со тоа што им овозможуваат да работат без да вградат соодветни филтри. Граѓаните на штета на своето здравје ги плаќаат несоработката и префрлувањето на надлежноста за преземање на системски мерки помеѓу централната и локалната власт чии инспекциски служби недоволно се грижат за откривање и санкционирање на загадувачите“, истакнува Народниот правобранител.

Состојбата со депонирањето на отпадот, додава Правобранителот,  е повеќе од алармантна. Во ниту една општина со исклучок на градот Скопје, нема депонија која ги исполнува минимум еколошките стандарди.

„Тоа се најчесто места на периферијата на населените места кои не се обележани  ни оградени, ниту имаат чуварска служба, а единствено нешто што упатува дека тука се депонира отпадот се расфрланиот смет околу патот и неподносливата миризба. Проектот за регионално депонирање на отпадот, според кој е предвидена изградба на осум регионални депонии во кои покрај прописното депонирање на отпадот би се вршеле негова селекција и рециклажа, е далеку од реализација и властите во своите буџети издвојуваат минимални средства за кампањи за подигнување на еколошката свест кај граѓаните“, посочува Правобранителот.

Надлежните, нагласува Народниот правобранител, треба под итно без одолжување да преземат конкретни мерки за намалување на загадувањето на воздухот. Овие мерки треба да бидат системски, наместо изнудени, како  досегашната практика која очигледно не дава резултати.

Потребна е, вели Народниот правобранител, нулта толеранција за сите поголеми индустриски капацитети како големи загадувачи, кои мора итно да ги исполнат предвидените еколошки стандарди и да вградат заштитни филтри.

Неопходни се и поголема соработка и координација помеѓу централната и локалната власт, кога станува збор за заштита на животната средина, од причина што алармантно лошата моментална  состојба во оваа сфера изискува многу поголем ангажман и посветеност на сите институции, особено на инспекциските служби“, препорачува Правобранителот, додавајќи дека треба и без одлагање да се пристапи кон реализација на проектот за регионално управување со отпадот, односно веднаш да се отпочне со изградбата на депониите според сите еколошки стандарди и властите, покрај обезбедување поголеми финансиски средства, да изготват и реализираат програми за подигнување на еколошката свест кај граѓаните.

М.В