/ Прочитано:

4.188

Светски ден за борба против ХИВ/СИДА

Недела, 1 декември 2013 – Светскиот ден за борба против СИДА е осмислен и прифатен од 140 земји во светот на Светскиот Самит во Лондон 1988 година. Истата година, Светската здравствена организација ја согледа потребата за постоење на еден ваков ден и го прогласи 1-ви декември за Светски ден за борба против СИДА. Оттогаш, па се до денес овој ден се одбележува во скоро сите држави во светот.

Во светот 35,3 милиони луѓе живеат со ХИВ/СИДА. Во 2012 година 2,3 милиони се инфицирале со ХИВ, а 1,6 милиони умреле од СИДА. Секој ден околу 6.300 луѓе се инфицираат со ХИВ, а секој час околу 262 лица. Од почетокот на емидемијата во 1981 година на источниот и западниот брег на САД, досега, се регистирани повеќе од 75 милиони луѓе инфицирани со ХИВ. Во светски рамки бројот на нови инфекции кај деца е намален 52 отсто споредено со пред десет години.

Сто деведет и четири случаи на заболени од ХИВ/СИДА се регистрирани во Македонија од 1987 година досега. Од  нив 25 годинава, а во 2012 година 23. Болни од СИДА биле 143 од СИДА, а 51 ХИВ позитивни. Од СИДА во Македонија умрело 71 лице.  Од новорегистрираните 25 лица годинава, 23 се од машки пол, а две лица се од женски пол. Според местото на живеење, од тие 25 лица, 18 се од Скопје, а по едно од Куманово, Богданци, Охрид, Крива Паланка, Штип, Струга и Тетово.  Според начинот на пренесување на ХИВ, 14 лица се заразиле со ХИВ при хомосексуален однос, 10 при хетеросексуален однос, а во еден случај има пренесување од мајка на плод. Од нив, единаесет се на возраст 20 до 29 години, осум – 30 до 39 години, три-40 до 49 години, и по едно на возраст до шест години, од 50-59 години и над 60 години.

„Неопходно е да се зголеми бројот на антиретровирусни лекови за пациентите со ХИВ/СИДА, да не се дозволи прекин на терапијата која е превенција и еден од најефикасните начини за спречување на преносот на вирусот. За поздравување е зголемувањето на буџетот за терапија за 2013 година од Министерството за здравство, но сметаме дека е потребно да се направи уште многу за подобрување на механизмот за редовно обезбедување на сите неопходни лекови“ истакнуваат по повод 1 декември од „Заедно посилни“, Група за поддршка на лицата кои живеат со ХИВ во Македонија.

Од „Заедно посилни“ апелираат Владата и надлежните институции да му посветат големо внимание на прашањето за обезбедување редовна и континуирана достапност на современи антиретровирусни лекови, тестови за следење и здравствена грижа во врска со ХИВ.

Оваа година во Програмата за спречување и појава на ХИВ/СИДА за 2014 година од буџетските средства се одобрени 22 милиони денари од кои освен за превентивни активности, голем дел од средствата ќе ги употребат за набавка на антиретровирусна терапија за навремено и соодветно лекување на заболените пациенти. За оваа година во Програмата за спречување и појава на ХИВ/СИДА предвидени се осум милиони денари кои се предвидени за активности за доброволно советување и тестирање, активности за предавања на учениците во училиштата, за психо-социјална поддршка на лицата со ХИВ/СИДА која ги спроведува Клиниката за инфективни болести и за обезбедување на антиретровирусна терапија.